Технолошко-металуршкиот факултет и годинава по повод Денот на факултетот ја организираше традиционалната модна ревија, овојпат насловена „Метаверзум или универзум“.
Вчеравечер во дворот на ТМФ можеа да се видат креациите на студентите од студиската програма Дизајн и инженеринг на облека, кои пред присутните ги прикажаа стекнатите знаења и креативни идеи.
Под менторство на професорката Лидија Георгиева, тие пренесоа силна порака – дека поврзаноста меѓу луѓето изминативе две години беше важна повеќе од кога било.
„Некои изминатиов период го доживеаја како можност за забрзана експанзија на технолошкиот напредок, но некои како изолација и недостаток од човечки контакт. Идејата за метаверзумот ќе еволуира, ќе се менува, како што ќе се менува начинот на којшто ќе ја употребуваме оваа алатка. Но, останува отворено прашањето – дали употребата ни е наметната или сепак ќе успееме да го добиваме само најдоброто?“, велат организаторите на перформансот на ТМФ.
Годинава, за првпат, покрај студентите на ТМФ, дел од настанот беа и студенти од други факултети на УКИМ, па со свој перформанс настапија и студентите од Факултетот за ликовни уметности, Факултетот за драмски уметности и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
„Ковидот нè изолираше и сега сакавме да направиме нешто спротивно од изолација, затоа и настапивме заедно со другите факултети од УКИМ и покажавме дека УКИМ е едно семејство. Целта беше да соработуваме, да се запознаеме, да направиме перформанс и да истражиме дали метаверзумот дополнително ќе нè изолира или ќе нè зближи“, истакна професорката Георгиева.
На студентите им било поставено прашањето Метаверзум или универзум?, а професорката Георгиева вели дека биле затекнати од одговорите на младите, кои, иако не се воздружуваат од употреба на сите најнови технолошки достигнувања, сепак го преферираат човечкиот контакт.
„Ние повозрасните се изненадивме од одговорите на помладата генерација – мислевме дека ќе се израдуваат на метаверзумот, но тие го преферираат човечкиот контакт. Имавме прилично јаки емотивни реакции против метаверзумот, но не и против напредните технологии да се користат внимателно“, рече професорката Георгиева.
Традиционалната модна ревија на ТМФ се одржува на крајот на секоја академска година, по повод роденденот на факултетот.
(Meta.mk)