Инженерски прстени за дванаесетте најдобри дипломци од инженерските факултети

- Advertisement -


Дванаесет најдобри дипломци од инженерските факултети, денеска го добија признанието Инженерски прстен. Тие се придружија на плејадата од 202 носители на ова престижно признание што го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија.

Веќе 19 години, на овој начин, според Претседателот Стево Пендаровски, се афирмираат инженерските професии. „Без сомнение, со доделувањето на ова признание, придонесуваме за афирмирање на инженерските професии а и самата оваа манифестација придонесува за промоција на инженерството. Од она што низ годините го гледаме на овие наши заеднички собири, како и од списокот на добитници на наградата, може да се пофалиме со квалитетен инженерски подмладок, кој се повеќе е ценет и кај нас и во странство. Машинци, архитекти, информатичари, технолози, електротехничари, градежни, земјоделски и шумарски инженери, добитници на инженерскиот прстен, но и сите останати инженери се движечка сила на секоја држава. Тие млади луѓе веќе суштински придонесуваат за македонската економија а со тоа и за благосостојбата на сите наши граѓани“, рече Пендаровски во своето обраќање при доделување на Инженерскиот прстен.

- Advertisement -

За професор д-р Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија, „глобализацијата на општеството ја наметнува дигитализацијата во секој сегмент од нашето живеење и ги етаблира инженерите како носители на одржливиот развој во сите седумнаесет цели на Обединетите нации. Нашите млади инженери се подготвени, со своето опсежно базично знаење и аналитичност, стекнато на факултет, да развиваат технологии, дизајнираат нови производи и процеси. Но нивна најзначајна улога во иднина ќе биде и тие да направат инженерски подмладок, кој ќе ги наследи и ќе продолжи да создава импозантни дела. Веруваме дека овогодинешните добитници, како нивните колеги пред тоа, ќе бидат лидери во технолошките промени што следат.“

Претседателката на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Кристинка Радевски, рече дека ова признание претставува „вистински манифест на поддршка од повозрасните инженери за младите генерации инженери кои што доаѓаат да ја означат нашата иднина. Навистина е задоволство што овие две водечки инженерски институции заеднички веќе две децении ги препознаваат и наградуваат најдобрите идни инженери. Оваа иницијатива претставува само мал поттик за сите млади студенти идни инженери да бидат што подобри, да се вложат повеќе во совладување на тајните и предизвиците на професијата, да придонесат повеќе за развој на земјава и светот. Токму затоа Комората заедно со Инженерската институција на Македонија, ќе продолжат да го доделуваат Инженерскиот прстен.“

- Advertisement -

Ана Јанкуловска, овогодишен добитник на признанието Инженерски прстен, се обрати во име на сите 12 овогодишни добитници, велејќи дека „додека научниците го осознаваат и проучуваат светот кој постои, светот во кои егзистираме, ние инженерите ќе се фокусираме кон креирање на светот кој никогаш не бил, свет подобар од овој кој што го имаме. Дел од нас можеби ќе се насочат во научниот и едукативниот дел на инженерската струка, дел ќе започнат со работа во праксата, изучувајќи ги практиките од поискусните колеги. Инженерскиот прстен за секој од нас е обврска да бидеме уште подобри инженери. Како и до сега, патот до ова најпрестижно признание на еден студент бил поплочен со многу труд, работа, посветеност, одрекувања, така и од сега понатаму продолжуваме со истата енергија и фокус кон повисоки цели и достигнувања.“

Сподели!
- Advertisement -