Младите иноватори Кристина, Љубица, Никола, Јован и Теодора развиваат канта која сама го селектира отпадот и произведува струја!

- Advertisement -

Никола Коцевски, Љубица Ристовска, Кристина Цоковска, Јован Симоновски и Теодора Петровска се млади студенти-иноватори, екологисти и ентузијасти, кои се дел од тимот Green Hot Chili Peppers. Тие се студенти на Факултетот за компјутерски инженерство и информациски технологии и Факултетот за електротехника и информациски технологии, а неодамна беа дел од младинскиот предизвик „Generation Unlimited 2022-Технологија за планетата“.

Нивната идеја, паметна канта која самата го двои отпадот, а истовремено и произведува енергија од сонцето влезе во топ-петте проекти кои ќе добијат поддршка да се развиваат во иднина.

- Advertisement -

По тој повод разговараме со Кристина Цоковска, која ги открива мотивацијата на овие млади луѓе да се нафатат со големи предизвици, отпадот и климатските промени и да се обидат за да направат промена во нивниот и нашиот живот.

Новинар- Сања Наумовска

- Advertisement -

Кристина, вашиот тим Green Hot Chili Peppers неодамна беше избран во петте тимови во рамки на младинскиот предизвик „Generation Unlimited 2022-Технологија за планетата“, кои ќе бидат поддржани за да се развиваат. Каква идеја предложивте?

Суштината на нашата идеја е целосно решение на проблемот со справување со отпадот, со фокус на делот за селектирање. Ова првично решение се базира на смарт канта која со помош на сензори ќе го селектира отпадот во неколку категории и на истата ќе има соларни панели што ќе ја прават енергетски ефикасна. Дополнително на ова, како дел од нашата идеја е и апликација која ќе ги мотивира граѓаните да селектираат, така што тие ќе добиваат одредени поени и придобивки. 

- Advertisement -

До каде е развојот на паметната канта за селекција на отпадот?

Нашиот тим веќе започна со реализација на еден прототип. Решението треба да го претставиме на 22 Јули пред комисијата, која е дел од овој младински предизвик. Планираме дотогаш да дадеме се од себе за да ја развиеме нашата идеја што подобро можеме и да создадеме основа за функционален продукт кој ќе одговори на нашата замисла за справување со проблемот со отпадот. 

Каков бенефит очекувате, која е крајната цел што сакате да ја постигнете со вашиот проект?

Би сакале нашата паметна канта првенствено да се користи на локално ниво и потоа тоа да премине и на територијата на целата држава, па и пошироко. Целта на паметната канта е да го поедностави процесот на селектирање на отпад до тоа ниво, што граѓаните воопшто нема да треба да трошат никакви ресурси за да ја користат. 

Со тоа сакаме да го подобриме процесот на справување со отпадот. Како што знаеме, неправилниот третман придонесува кон испуштање на стакленички гасови, што директно влијаат врз климатските промени. Поради ова нашиот тим се фокусираше на развивање на идеја која што истовремено ќе им помогне и на граѓаните и ќе допринесе за животната средина.

Која ќе биде мотивацијата за граѓаните да ја користат паметната канта?

Како дел од нашиот проект е предвидена и апликација која е наменета токму за граѓаните. Сите кои ќе го селектираат отпадот преку паметната канта, со апликацијата ќе може да добиваат поени во зависност од тоа колку често селектираат. Тие поени ќе им донесат и соодветни бенефити. Мислиме дека, покрај придонесот за намалување на отпадот што ќе завршува на депонија и покрај очигледниот придонес за животната средина и намалувањето на влијанието на климатските промени, ова ќе биде дополнителна мотивација за граѓаните да ги користат нашите паметни канти. Резултатот за сите нас ќе биде почистата околина во која ќе живееме.

Како дојдовте до одлуката да се пријавите на предизвикот?

Кога го видовме овој младински предизвик на социјалните мрежи најмногу не привлече темата која што беше заснована на технологија и на климатски промени. Овие две области ни се многу важни, поради тоа што сметаме дека тие не само што се поврзани со сегашноста, туку и со иднината. За нашиот тим беше предизвик да размислуваме од една различна гледна точка и да пробаме технологијата да ја поврзаме со климатските промени. Но, сите знаевме дека ова е вистинска шанса за да направиме нешто иновативно, што ќе ни помогне на сите нас. Дополнително на ова, дружбата на ваквите младински предизвици ни беше уште еден вид на мотивација за да се пријавиме и да запознаеме луѓе што ни се истомисленици. 

Какви се вашите планови за иднина?

Сакаме да продолжиме да работиме на нашите идеи, односно на нашата креативност и иновативност. Се надеваме дека од оваа идеја ќе може да развиеме и нешто поголемо, што ќе помогне на нашата заедница и животната средина. 

Сподели!
- Advertisement -