Семејството Дочински од Берово го произведе првиот мед со суво овошје во земјава

- Advertisement -

Брендот „Малеш“ со своето име асоцира на прекрасните предели на Малешевските планини, каде се сместени околу 500 пчелини семејства на Гоце и Софче Дочински од Берово. Младото семејство веќе десетина години се занимава со пчеларство, кое од хоби го претвора во успешен бизнис. Тие веќе седум години по ред се добитници на златни медали за квалитет на мед на меѓународни натпревари, а последниот го добија во мај годинава, на саемот во Нови Сад, Србија.

Гоце за Иновативност раскажува дека целото семејство посветено работи на развој на квалитетен продукт. Досега имаат десетици различни производи со комбинации на мед кои ги продаваат низ целата земја и постојано добиваат идеи за нови. Последните, мед помешан со суво овошје, се навистина уникатни и иновативни, и за првпат се произведуваат во земјава.

- Advertisement -

Гоце, како изгледа секојдневие на семејство кое одгледува пчели?

Нашето семејство со пчеларство се занимава веќе десет години. Пчелните семејства ни се лоцирани на неколку различни дестинации на Малешевските планини, заради што медот што го произведуваме е чист, еколошки производ. Идејата да се занимаваме со пчеларство во нашето семејство се роди спонтано, размислувајќи што е тоа што ќе го исполнува нашето слободно време, а е поврзано со поминување време во природа и користење на сите благодети што ги дава нашата Малешевија. Едногласно го избравме пчеларството, бидејќи пчелите се најблагодарни, а во последните години им треба наша помош да преживеат, да ги надминат климатските промени и да продолжат да ја работат својата благородна работа. Со нив и ние уживаме во убав мед.

- Advertisement -

Произведувате мед, но и иновирате различни комбинации и мешавини. Кажете ни нешто за вашите идеи.

Да, покрај класичниот чист мед, правиме и различни комбинации на мешавини со мед. Најновата наша иновација е мед со суво овошје. Постојано имаме нови идеи за нови производи и нови вкусови кои се примамливи за голем круг на потрошувачи од сите возрасти. Целта ни е да имаме што поголем асортиман на производи и мислам дека успеваме во тоа. Во моментот имаме мед со саќе, со матичен млеч, со поленов прав, со перга и со прополис. Исто така произведуваме мед со семе од коприва, потоа мед со јаткасти плодови и најновите комбинации на мед со сува вишна, малина и со боровница.

- Advertisement -

Какви се условите во земјава за одгледување пчелни семејства?

Од аспект на природните услови за пчеларење во нашата земја, па и пошироко, пчеларите се соочуваат со големото влијание на климатските промени. Големите осцилации на временските услови многу влијаат на пчеларството, што особено се чувствува во производството. Секоја година произведуваме различни количини, во зависност од тоа дали имало доволно вода, дали било суша и колкави биле температурите.

Што се однесува, пак, до условите кои ги нуди државата на пчеларите, редовно се исплаќаат субвенциите, а ИПАРД програмата за пчеларство  дава можност за набавка на опрема и се што е потребно за пчеларење, што е добар мотив за започнувње на свој бизнис.

Какви се вашите планови за во иднина? Сакате ли вашите продукти да ги понудите на пазарите надвор од земјава?

Медот го продаваме низ целата држава, ги користиме социјалните мрежи за директен контакт со нашите потрошувачи и тие од прва рака можат да ја видат и почувствуваат нашата посветеност. Квалитетот на медот ни е најдобрата реклама и задоволни сме од побарувачката. Се бараат сите комбинации на мед, луѓето знаат дека потекнува од чиста средина, од недопрена природа, дека консумацијата на нашиот мед има безброј придобивки за нивното здравје, дава енергија и закрепнува.

Секако, размислуваме и да се прошириме и надвор од земјава, да бараме нови пазари, бидејќи веруваме во нашиот квалитет. Првенствено, планираме да се стекнеме со сертификат за органско пчеларење, а во меѓувреме да иновираме и уште некои интересни комбинации. Идеи не ни недостасуваат и сакаме да го задржиме интересот на потрошувачите. Кога тие се задоволни, ние сме најсреќни.

Сподели!
- Advertisement -