Со ребалансот обезбедни 76 милиони евра за компаниите, земјоделците, граѓаните…

- Advertisement -


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски во одговор на пратеничко прашање истакна дека Владата и надлежните министерства и институции имаат план за амортизирање на една од најтешките кризи по Втората светска војна, која ни престои во зимскиот период не само нам како држава туку и на светско ниво.

„Уште при конципирањето на ребалансот за 2022 година којшто беше изгласан во Собранието ги имавме овие факти предвид и затоа со ребалансот кој се изгласа во Собранието се определија дополнителни 76 милиони евра за антикризни мерки. Тие антикризни мерки се во фаза на подготовка, ќе бидат комуницирани со стопанските комори и другите заинтересирани страни во општеството како и секогаш досега и откако ќе бидат земени сите сугестии предвид ќе бидат операционализирани преку соодветните министерства.

- Advertisement -

Второ, со оглед дека има енормно зголемување на цените на храната, а особено на импутите на производството на храна, а тоа се вештачките ѓубрива, недостатокот на одредени основни прехранбени производи како што е житото и сите гледате што се случува со задоцнетите испораки на жито од пристаништето во Одеса, којшто се надеваме дека конечно со помош на меѓународните организации ќе започне, исто така, ги зголеми и цените на храната. Затоа 32 милиони евра се определени во ребалансот за зголемување на домашното производство на храна“, рече премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Ковачевски истакна дека со оглед на тоа што земјата се наоѓа во период на најголема инфлација после Втората светска војна и која што е на ниво помеѓу 9 и 10%, а во некои држави во Европа е веќе и над двоцифрената бројка од 10% веќе се определени мерки кои се усогласени со монетарната политика. Овие мерки се од фискален карактер во однос на зголемување на примањата во различни области, и зголемување на пензиите за 320 илјади пензионери, исплата на сите субвенции за земјоделците и определување на средства за развојни проекти.

- Advertisement -

Во однос на капиталните инвестиции забележливо е дека тие се намалени во однос на првичната проекција во оригиналниот буџет но исто така факт е дека сумата која што во моментов е проектирана во ребалансот е 8,8 милијарди денари повисока во однос на минатата година или 16,1 милијарди денари поголема во однос на износот предвиден за капитални инвестиции во 2020 година.

„Тоа на овој буџет му дава развојна компонента од аспект на тоа што дефицитот кој е предвиден не беше зголемен на ниво на кое го предвидуваа одредени економисти со опозициска провиненција, а тоа се должи на фактот што Владата презеде мерки за ригорозно штедење кое се отсликува преку заштеда на 200 милиони евра непродуктивни трошоци кои се наменети за справување со економската криза“, рече премиерот Ковачевски.

- Advertisement -

Премиерот посочи дека Министерството за финансии активно ја следи состојбата и води разговори со голем број на финансиски институции кои ќе треба да обезбедат по најповолни каматни стапки со оглед на движењето на стапките на пазарите задолжување со најниски можни стапки во моментов. Од тој аспект, имаме стабилен финансиски систем кој се однесува како на фискалниот така и на вкупниот монетарен систем вклучувајќи го и банкарскиот сектор како и стабилноста на денарот.

Сподели!
- Advertisement -