Владините политики треба да се фокусираат прво врз зголемување на придобивките од тоа еден микробизнис да биде формален, а потоа и врз намалување на трошоците за формализирање на микровршителите на деловна активност, се вели во заклучокот од студијата на институтот за економски истражувања Фајнанс тинк „Нерегистрирани микровршители на деловна активност во Северна Македонија: Анализа со препораки за политиките“.
Целта на студијата е да разбере зошто неформалните микровршители на деловна активност (поединци или групи од поединци кои изведуваат некаков бизнис во сивата економија) одлучуваат да не се регистрираат како формално претпријатие.
Анализата се фокусираше на четири точки: кои се неформалните микровршители на деловна активности; која е улогата на трошоците за формализација/регистрација; каква е перцепцијата за придобивките од формализирањето и каква е улогата на инспекциските контроли и можноста да се даде неформален подарок за да се остане неформален/нерегистриран.
Најчести форми на нерегистрирани микровршители на стопанска дејност во Македонија вклучуваат улични продавачи на храна, облека, накит…, индивидуални земјоделци, занаетчии, вршители на услуги за лична убавина (фризери и козметичари), молери, гипсари, малтерисувачи, пекари, даватели на разни часови, механичари на возила, куќни чувари и чистачи…
Неформалните микровршители на деловна активност се многу мали според нивниот годишен приход кој вообичаено не надминува 250.000 денари, и поради тоа што деловната дејност најчесто ја вршат сами (еден работник), додека кога ја вршат со соработници нивниот број не надминува пет.
Нерегистрираниот бизнис главно се врши во домаќинството на клиентот или во сопственото домаќинство, па оттука клиенти доминантно се домаќинствата и физичките лица.
58,3% од нерегистрираните микровршители на деловна активност располагаат со друг извор на приход, кој е претежно од стандардно вработување, било реално или фиктивно, за да можат да обезбедат социјално осигурување.
Резултатите покажуваат дека трошоците за да се стане регистрирана микрофирма се важна пречка за формализацијата, особено даноците, придонесите, парафискалните давачки и трошоците за сметководство. Во ограничен обем, времето и надоместоците за справување со администрацијата работат на одвраќање на нерегистрираните микровршители на деловна активност од регистрирање, додека пристапот до информации и изложеноста на поткуп не играат улога.
На страната на придобивките, пристапот до поголеми клиенти, до посигурни добавувачи на инпути и до нови пазари се оценети како големи придобивки од формализирањето. Вториот поттик е пристапот до социјална заштита и пензија во старо време. Од друга страна, пристапот до финансии, услуги од АВРМ и намалувањето на изложеноста на поткуп не се сметаат за толку важни придобивки.
Можноста да се биде откриен има ограничена моќ во мотивирањето на регистрацијата. Зајакнувањето на контролите и инспекциите може да го направи престојот во неформалната економија скап само до одреден степен. Слично, активности за јакнење на даночниот морал или за намалување на неформалните практики би имале ограничено влијание.
Според факторската анализа, првите два од следните четири фактори за неформалноста на микровршителите на деловна активност имаат високи тежински фактори: 1) придобивките од формализирањето, 2) трошоците за регистрација и водење бизнис, 3) административното оптоварување за регистрација на фирма и 4) трошоците за откривање и казнување. Според тоа, владините политиките треба да се фокусираат прво врз зголемување на придобивките од тоа еден микробизнис да биде формален, а потоа и врз намалување на трошоците за формализирање на микровршителите на деловна активност, соопштија од Фајнанс тинк.