Младите покажаа голем интерес за учество во работата на првиот Фаб Лаб во нашата земја – Inno Fab Lab лоциран на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. На првиот повик, кој заврши на 30 јуни се пријавија 38 кандидати на возраст од 15 до 29 години.

Најголем интерес изразија средношколците (58%) и студентите (37%). Радува фактот дека половина од пријавените учесници се девојки. Во моментов во тек е формирање на првите тимови кои наскоро ќе ја започнат својата работа во лабораторијата за производство и прототипирање Inno Fab Lab, која е опремена со најнова генерација на 3Д печатари, ЦНЦ машина за дрво, метал и пластика, линија за рециклирање на пластика и преса за композитни материјали.
Овде тимовите ќе разработуваат иновативни идеи и ќе ги реализираат до фаза на прототип.

