Kако Ненад Милановиќ од Нови Сад го создаде COING, стартап вреден 1 милијарда долари со 5 милиони корисници?

- Advertisement -

Интервју со Ненад Милановиќ, основач и извршен директор на COING, компанија основана во Нови Сад во 2009 година која денес има статус на „еднорог“, односно вреди повеќе од 1 милијарда долар. Компанијата е најпрепознатлива по апликацијата за менаџирање со време Clockify која во моментов има речиси 5 милиони корисници ширум светот. Инспиративна приказна која вреди да се прочита!

Новинар – Верица Јорданова

Oсновач сте на COING, брзорастечка компанија која има канцеларии и во Србија и во Калифорнија.  За почеток, кажете ни малку повеќе за себе и како влеговте во индустријата за развој на SaaS решенија?

Ме интересираа информатичките технологии уште од мала возраст, а првите знаци на претприемачки дух и начин на размислување почнав да ги манифестирам околу 15-годишна возраст. Тогаш, во Нови Сад, го создадов првиот wireless networking community. Во тоа време луѓето претежно имаа дајл-ап интернет кој беше исклучително бавен. Поставив Омни антена на покривот на мојата зграда и сите во неа го користевме сигналот за играње игри и споделување фајлови.

- Advertisement -

Академскиот пат само ги следеше моите интереси. Студирав информатика на Факултетот за технички науки во Нови Сад.  Исто така, поминав извесно време во САД работејќи на различни веб проекти.

COING е создаден во 2009 година. На почетокот, нашиот фокус беа консалтинг услуги при развој на софтверски решенија. Работевме за други, но секогаш имавме во план и упорно се трудевме да создаваме наши производи.

- Advertisement -

Консалтингот не е скалабилен деловен модел и не може веднаш да се префрлите од консалтинг кон развој.  Потребно е прво да се направи добар производ, да се провери дали функционира, дали за него постои соодветна побарувачка и потенцијал за раст, и како да се стигне до cash flow па дури тогаш тогаш може да се почне со размислување за затворање на консултантскиот бизнис.

Човек не треба да биде толку слепо вљубен во сопствените идеи до таа мера за да се игнорираат негативните показатели на реалноста. Ние не избрзувавме со лансирање на нашиот сопствен производ, ниту го згаснавме консултантскиот бизнис во истиот момент кога нашата апликација Clockify ја виде светлината на денот. Секој чекор беше промислен.

- Advertisement -

Денес, ние сме целосно фокусирани на подобрување на постоечките и на развој на нови решенија кои ќе им овозможат на сите да постигнат максимална продуктивност и на најдобар можен начин да го искористат своето време. Времето е нашиот највреден ресурс.  Не можете да купите повеќе часови во еден ден, но можете подобро да го организирате денот, за да имате доволно време за сите посакувани активности. Нашите алатки овозможуваат да го направите токму тоа.

Колку време ви требаше за да постигнете статус на Еднорог и колку време ја развивавте моментално апликацијата број 1 во светот за менаџирање на времето?

Clockify беше лансиран во август 2017 година, а статусот на еднорог го добивме на крајот на 2021 година. Зад нашиот успех стои многу труд и работа. Горди сме на тоа што сме денес а овој статус е само чекор од сето она кон што се стремиме во иднина.

Самата генеза на Clockify е интересна приказна, бидејќи тоа воопшто не беше примарен проект за нашиот тим. Веќе користевме софтвер за следење на времето и идејата да направиме свој постоеше, но мислевме дека нема да вреди трудот познавајќи го пазарот кој веќе беше презаситен со голем број вакви апликации. Тригер беше еден емаил кој стигна од софтверот што го користевме во тоа време, со непријатното изненадување. Имено не информираа дека цената за преплатата се зголемува дури петпати. Тогаш одлучивме да развиеме наш софтвер за менаџирање на време и да го користиме интерно.

Олеснителна околност беше што знаевме како функционираат ваков тип на софтвери и точно кои функционалности сакаме да ги имаме. Знаевме и точно што не ни се допаѓа во софтверот кој го користевме дотогаш. Тоа претходно искуство и завидното техничко знаење што нашиот тим, ни овозможи да креираме софтвер по наша мерка, со одличен почетен сет на функционалности.

Потоа дојдовме до идеја да го споделиме надвор од нашата компанија. Сакавме да им овозможиме и на други да водат евиденција и да управуваат со времето кое го инвестираат на различни проекти. И самите бевме изненадени од реакцијата на јавноста.

Само пет дена по лансирањето, Clockify имаше 17.000 корисници.  Притоа, важно е да се напомене дека тој раст беше целосно органски. Не го рекламиравме нашиот софтвер на кој било начин.

Кои се карактеристиките на апликацијата Clockify и придобивките од нејзиното користење?

Тешко е таксативно да се наведат сите опции што ги нуди Clockify без да се изостави нешто, со оглед на тоа дека нашиот тим на програмери секојдневно работи на подобрување и развој на нови функционалности.

Ги слушаме повратните информации на нашите корисници, внимателно ги анализираме нивните потреби и се обидуваме да ги задоволиме, имплементирајќи ги оние функционалности кои се најбарани.

На пример, неодамна им обезбедивме на корисниците kiosk mode, што значително го поедноставува водењето евиденција на време поминато на различни задачи, како и за присуство и паузи. Интуитивниот интерфејс на Clockify го олеснува поставувањето на вашиот киоск, без разлика дали сакате да се најавите и да го следите вашето време од заеднички или личен уред. Постигнат е и подобар увид во тоа кој од вработените е достапен, на што работеле и која е нивната последна активност.

Во основа, Clockify ви овозможува да го следите времето поминато на неколку начини (преку timer, manual time entry, timesheet, calendar, auto-tracker i kiosk mode). Го поедноставува известувањето (преку time reports, hourly rates, estimate & progress tracking i GPS tracking) и го поедноставува управувањето со трошоците (преку kros budgeting, invoicing i expenses).

Што е најважно, Clockify работи на сите уреди и може да го следите вашето време и активности каде и да сте. Важно е само да имате пристап до Интернет, а сите податоци се синхронизираат онлајн.

Прилично сме горди на фактот што дури 95% од корисниците ја оценија позитивно нашата корисничка поддршка, достапна 24 часа на ден, секој ден во неделата, вклучително и празници. Корисниците ни се на прво место и не сакаме да дозволиме да се најдат во ситуација во која немаат кому да се обратат за своите недоумици околу производот. Сите барем еднаш сме имале лошо искуство со корисничка поддршка и знаеме дека колку и да е добар производот, не може да го поправи лошиот впечаток кој останува после тоа.

Колку корисници има оваа апликација и за какви компании станува збор?

Денес, Clockify има речиси 5 милиони корисници и над 120.000 нови регистрации на месечна основа. Вредноста на нашиот софтвер е препознаена од големи компании како Hewlett-Packard,, Netflix, American Express, Google, како и од бројни стартапи и фриленсери.

Како дете бев голем обожавател на Hewlett-Packard. Нивните производи беа насекаде.  Не можев ни да сонувам дека еден ден луѓе од таа компанија ќе ме контактираат за да се распрашаат за нашиот производ. Денес тие се наши корисници.  Она што е најинтересно е што тоа не се случи неодамна, туку речиси веднаш, на почетокот на Clockify.  Бев изненаден од популарноста што ја стекна нашиот софтвер за само 9 месеци по лансирањето.

Вашиот втор производ кој станува препознатлив во областа на комуникација помеѓу тимовите во рамки на една компанијата е Pumble.  Како решивте да креирате апликација за тимски разговор и кои се предностите? Што нуди во споредба со слични решенија на пазарот?

По успехот што го доживеа Clockify, решивме да создадеме софтвер за подобрување на тимската соработка. Апликација која овозможува синхрона комуникација помегу вработените се наметна како логичен избор.

Го лансиравме Pumble во 2020 година. Еден од нашите мотиви беа превисоките цени кои  големите играчи во оваа област ги наплаќаат за своите услуги.

Најголемата предност е што Pumble го нуди потполно бесплатно она што го наплаќаат неговите конкуренти. Сакавме да ја направиме тимската работа достапна за секого. Затоа нашата бесплатна верзија вклучува сè што е неопходно за ефективна тимска комуникација.

Согласно тоа, основните функционалности, како што се неограничената историја на пораки, неограничениот број на корисници и 1 на 1 видео и аудио повици,  им ги нудиме на нашите корисници целосно бесплатно.

Се водевме од фактот дека секој тим треба да има пристап до своите податоци, без обврска да плати за тоа цело богатство.

На корисниците им е достапен и платен план со дополнителни функционалности. На пример, guest role функционалноста дава можност да им дадете пристап на вашите соработници и тоа само до одредени канали во кои ќе комуницирате брзо и лесно.

Најновиот производ што го лансирате оваа година е Plaky.  Делува одлично и е навистина корисен, но ве молам кажете ни повеќе за него.

Plaky е нашето решение за управување со проекти што го лансиравме оваа 2022 година со цел да го комплетираме нашиот пакет апликации за зголемување на продуктивноста и транспарентноста во работењето.

Идејата настана поради сличните причини поради кои ги создадовме и Clockify и Pumble.  Повеќето апликации за менаџирање со проекти ги пренаплаќаат своите услуги. Нивните бесплатни планови имаат многу ограничувања и е практично задолжително корисниците да се надградат на платени планови за да имаат пристап до некои основни функции како на пример поголем број корисници или проекти.

Како и за другите, така и за Plaky, бевме водени од истиот принцип а тоа е да понудиме решение кое ги вклучува сите потребни функции бесплатно, како неограничен број корисници, проекти и фајлови.

Кои се луѓето кои стојат зад COING и што значи да се управува со тим на успешни професионалци кои доаѓаат од различни земји во регионот?

Во моментов имаме над 200 колеги од шест земји во регионот. Управувањето со ваков тим е големо задоволство и благодарение на нашиот сет на апликации кои ги користиме секојдневно, нивото на ефикасност е на завидно ниво.

Со оглед на тоа што COING е remote-first компанија, не ни е важна локацијата од која работат нашите вработени. Важно е да ги споделуваме истите вредности и да се стремиме да бидеме што подобри во нашата работа.

Не сакам вработените да бидат преоптоварени со работа и под постојан стрес. Мислам дека треба да им се даде слобода да управуваат со своето време, се додека се грижат еден за друг, го почитуваат туѓото време и распоредот што го поставуваме како тим.

Компаниите треба да престанат со микроменаџирањето и да бидат поотворени кон индивидуалност. Луѓето ќе ве изненадат со нивната снаодливост и вештини кога ќе им дадете повеќе слобода

Дали работите локално, регионално или работите главно на американскиот пазар? Дали планирате да продолжите вака или ќе го проширите и тимот и клиентите надвор од овие граници?

Нашиот тим е веќе дистрибуиран низ регионот, вклучително и Северна Македонија, а клиентите за сите три софтверски производи доаѓаат од сите страни ширум светот, не само од Америка.

Ќе продолжиме да вработуваме луѓе кои ја делат нашата страст за корисни технолошки решенија, како и вредностите на COING: иновативност, проактивност, доверба, различност, љубов и оптимизам.

Почнавме како мал тим во Србија, а денес веќе ги поминуваме границите на поранешна СФРЈ. Планираме и проширување на нови пазари.

Сакаме да ги направиме нашите алатки за продуктивност достапни на целиот свет. Нашите продуктни сајтови веке сега не се исклучиво на англиски јазик. Тие се преведени и постојат и на шпански, а наскоро ќе бидат преведени на повеќе светски јазици. 

Која е идејата зад општествениот ангажман што го промовирате?  Дали тоа значи дека успешните софтверски компании кои вработуваат броен кадар, имаат моќ позитивно да влијаат на промената на општествената одговорност?

Шанса за вработување во COING имаат и почетници и оние со долгогодишно работно искуство.

Во нашиот бизнис, ја применуваме практиката за нулта толеранција на дискриминација во процесот на вработувањето и инвестираме во градење на инклузивна работна атмосфера. Веруваме дека за добро работење повеќе од неопходно е и вработените и корисниците да се чувствуваат почитувани и задоволни од условите обезбедени од COING.

Барањата за позиции варираат, но секој може да стане дел од тимот. Важно е што знаете да работите и колку сте спремни да учите. Нашите вработени често укажуваат дека најголемата вредност на COING се добрите луѓе. За тоа, благодарен сум на нашиот тим за човечки ресурси, кој внимателно пристапува кон процесот на селекција на кадар и знае како да ги препознае луѓето кои ги споделуваат нашите вредности.

Оваа година, COING формираше и Фондација посветена на поддршка во образованието како и на широк спектар на активности и хуманитарни акции. Ќе истакнам само некои од областите што ги покриваме: помагање болни, деца, возрасни со попреченост, помош за самохрани родители, помош на стари лица, заштита на животната средина, заштита на животните, поддршка за активности насочени кон промовирање и спроведување на родовата еднаквост, подигање на свеста и помагање на луѓето во доменот на човековите права и помошта за развојот на науката и образованието.

Ние сме многу гласни во поддржувањето на еднаквите права за сите и активно се бориме за изедначувањето на правата на припадниците на LGBTQ+ популацијата. Вработуваме само луѓе кои се толерантни, и кон колегите и кон корисниците на нашиот софтвер.

Кои се вашите идни планови и дали планирате да додадете нови производи во вашата група алатки за продуктивност?

Планираме да ги понудиме нашите сајтови на што е можно повеќе светски јазици, за да бидат подостапни на пазарите каде англискиот не е доминантен јазик.

Лансиравме и два подкаста, еден на српски, а другиот на англиски јазик. Идејата е преку приказни на успешни поединци, да се обидеме да го пренесеме нивното знаење и да споделиме искуства и добри практики кои би можеле да ги инспирираат другите луѓе за нивните лични потфати и проекти.

Тука акцентот нема да биде ставен на COING како компанија, туку на она што можеме да научиме од луѓе кои се успешни во својата област, без разлика на нивната професија.

Кога станува збор за долгорочни планови, ние продолжуваме да растеме. Сакаме да отвориме канцеларии во неколку други земји. Нашата замисла е да понудиме комплетен сет на алатки кои би ги опфатиле сите аспекти на работењето и во таа насока продолжуваме да дејствуваме. 

Сподели!
- Advertisement -