Булдиоски: AllWeb слави десет години со говорници од целиот свет!

- Advertisement -

AllWeb слави десет години од постоењето, а годинава организира конференција со говорници од целиот свет, која ќе трае два дена. Годинава фокусот е на дигитален маркетинг и креативност, а ќе се зборува за креирање на корисничко искуство, creator economy, нови платформи за маркетинг цели….

Според Дарко Булдиоски, организатор на AllWeb конференцијата и основач на маркетинг агенцијата NewMedia, на конференцијата компаниите можат да научат за новите трендови во дигиталната комуникација, како и за пристапот во работата и стратегијата. Тој вели дека дигитализацијата и дигиталната трансфорамција се неизбежни процеси за компаниите, кои мора да обезбедат успешна трансформација.

- Advertisement -

Новинар- Сања Наумовска

Дарко, AllWeb годинава се одржува во Маврово и ќе трае два дена. Какви новости носи конференцијата?

- Advertisement -

За првпат во своето десетгодишно постоење AllWeb излегува од својата комфорна зона. За првпат се селиме надвор од Скопје и подготвуваме програма за два дена. Самата локација и фактот дека имаме повеќе време за креирање на уникатно искуство, ни дозволи да развиеме повеќе сегменти, не само класичен конференциски дел. Секако, покрај основата, која и понатаму е најважна, оваа година настанот го збогатуваме со содржини кои треба да внесат свежина и ново искуство. Додаваме неформален, вечерен дел во кој во форма на „реалити шоу” неколку говорници ќе презентираат пред публика на база на презентација која ја немаат видено претходно. Подоцна, вечерта следува и забава, а пред тоа имаме и дел за релаксација и дружба во кој посетителите ќе можат да се вклучат во различни искуства како работилници, вежбање, масажа, спортски игри, истражување на природата со квад и слично.

Списокот на говорници е импресивен. Беше ли тешко да се направи селекцијата?

- Advertisement -

Предизвикот беше голем, како и секоја година. Под влијание на пандемиските години очекувано годинава задачата беше потешка, ама на крајот успеавме да склопиме програма која е исклучително силна. Како и порано се трудиме да направиме комбинација на говорници кои ќе донесат на сцената различно искуство и различни размислувања. Оваа година на сцената носиме повеќе од 12 говорници и тоа двајца локални, млади претприемачи за кои сме особено горди, тројца од регионот и останатите од различни европски земји. Селекција е чуден процес на бирање кого ќе поканиш, кој сака ама не може да дојде, кој нема интерес и кој навистина ќе дојде во Македонија на конференција. Сепак, нашиот пазар не е голем предизвик за поголем дел од нив. Но, досега не сме немале ниту еден незадоволен говорник. Ние, а особено публиката, ќе се погрижиме и оваа година тоа да биде така.

Какви теми ќе се покријат на годинешниот AllWeb? Може ли да ни откриете некои интересни детали?

Фокусот е на дигитален маркетинг и креативност. Оваа година ќе зборуваме за креирање на корисничко искуство, бизнис модели преку кои компаниите директно може да продаваат на крајните корисници, оптимизација за пребарувачи, стратегија за употреба на податоци во време на нови закони за заштита на приватноста на интернет. Ќе зборуваме и за економијата на креаторите (creator economy) но и за различни уникатни тактики и пристапи за ускористување на нови платформи за маркетинг цели. Како и претодно, нема да ја пропуштиме можноста да дискутираме и за креативноста и за стратешкиот пристап на маркетингот во денешните услови на развој на бизнисите.

Кој е бенефитот за бизнисите од ваков тип настани?

На AllWeb компаниите можат да научат за новите трендови во дигиталната комуникација, за пристапот во работата, стратегијата, но и за ситни детали кои понекогаш значат живот. Тие таму откриваат и нови концепти и пристапи во работата. Но, она што верувам дека остава најсилен впечаток е инспирацијата која ја добиваат од луѓето на сцената, а уште поважно и од луѓето во публиката, кои се секогаш расположени да го споделат своето искуство. Посетителите се тие кои ја даваат главната вредност, со своите прашања, со својата интеракција и предизвикување на самите говорници, но и останатиот дел од посетителите.  

Колку домашните компании се подготвени за новото време на дигитализација и воведување иновации и технологија во работата и на тој начин да дојдат до поголем број клиенти?

Веќе не се поставува прашањето колку се подготвени, туку колку успешно се трансформираат. Бегање нема, веќе со години на сите ни е јасно дека дигитализацијата и дигиталната трансфорамција се неизбежни процеси. Пандмијата ги забрза овие процеси, сега сме во позиција да видиме кој колку успешно во брзање се трансформирал, каде згрешил, каде можеби пропуштил некоја прилика и се надевам каде успешно продолжил да работи. Речиси и да не постои бизнис кој не е засегнат со овие промени, пред сèзатоа што самите корисници го менуваат значително своето однесување, очекувања и посакувано искуство. Затоа ние со AllWeb континуирано се обидуваме да одговараме на прашањата кои допрва ќе почнат да си ги поставуваат локалните бизниси, прашањата за кои треба да бидат подготвени во блиска иднина! AllWeb секогаш дискутирал за иднината и тоа никогаш нема да се смени!

AllWeb стартуваше пред десет години. Што се промени од тогаш на полето на дигиталниот маркетинг во земјата?

Многу. Тогаш бевме група ентузијасти кои гледаа иднина во дигиталните канали и алатки. Се мачевме да им објасниме на другите колку е ова различно, кои можности ги нуди. Денес нема потреба за тоа, искуството на компаниите и индивидуалците е значително поголемо, потребата е променета. Денес не треба да се бориме за објасниме некому зошто digital е важно. Локалниот стручен пазар далеку повеќе е свртен кон надвор, затоа што домашниот пазар е мал, ограничен и недоволен за раст на професионалците. Добар дел од нашата публика се млади луѓе кои доаѓаат од компании кои работат исклучиво за западните развиени пазари, и ние мора соодветно да одговориме на нивната потреба.

Какви се вашите очекувања за следната декада?

Предалеку е тоа, во нашиов свет работите се менуваат брзо, можеби не премногу брзо, ама сепак трендовите доаѓаат и си одат за година- две. Неблагодарно е да се прогнозира десет години нанапред, но ако ете веќе морам, тогаш јас лично би рекол дека во иднина многу почесто ќе се навраќаме на основите на маркетингот, на неговата суштина и ќе ја преиспитуваме за да најдеме начини поефективно да ја примениме, нема да бидеме толку многу опседнати со алатки и тактики кои на дневно ниво ќе вродат со некој краткорочен ефект.

Сподели!
- Advertisement -