Владата одобри 18 милиони евра за непречено греење на Скопје

- Advertisement -

Владата вчера соопшти дека одобрила 18 милиони евра, односно 1,1 милијарда денари на АД „Електрани на Северна Македонија“ за набавка на енергенси пред почетокот на грејната сезона во Скопје. Во соопштението не е прецизирано за кои енергенси станува збор, само се вели дека со овие средства ќе се осигура дека скопјани ќе имаат топли радијатори за време на грејната сезона.

„Со преземените соодветни мерки од страна на Владата се обезбедува непречено снабдување со топлинска енергија на градот Скопје и сигурност и стабилност при испораката на топлинска енергија до потрошувачите за време на годинешната грејна сезона“, велат од владината прес-служба.

- Advertisement -

Премиерот Димитар Ковачевски претходно изјави дека за топлинската енергија во Град Скопје има два дела- затоплување на градот од нов оператор, за што ЕСМ веќе има добиено лиценци и второ, обезбедување гас за работа на ТЕ-ТО.

„Тоа се разговара на повеќе нивоа и со повеќе држави, со оглед на енормно високите цени на природниот гас, заради војната во Украина. Штом ќе бидат договорени и изнајдени најсоодветните извори на снабдување на гас, ќе бидат информирани и граѓаните“, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по настанот за презентација на Проектот за поврзување на локалните патишта.

- Advertisement -

За доверителските односи меѓу ЕСМ, БЕГ или друг провајдер на услуги, Ковачевски изрази уверување дека ќе бидат решени согласно со Законот за трговски друштва и облигациски односи.

Сподели!
- Advertisement -