Сакате да го уредите домот или канцеларијата, но се двоумите каков стил да одберете, дали сакате класичен, модерен, скандинавски…, кој мебел е најдобар за просторот, што со што одговара, колку може да ве чини уредувањето….
Instahome е првата македонска платформа за внатрешно уредување со вградени софтверски решенија за професионално спроведување на проекти за внатрешен дизајн, која може да ги реши сите овие дилеми.
Instahome е заеднички проект на Александра Пецевска, дизајнер за внатрешно уредување и Елена Ѓоревска, доктор на науки по претприемништво и менаџмент. Во интервју за Иновативност, Пецевска вели дека платформата е единствена по тоа што ги спојува сите ентузијасти за уредување на својот дом со производителите и трговците на мебел, а дизајните можат да се направат со парчиња кои се достапни на македонскиот пазар.
Разговараше- Сања Наумовска
Г-ѓа Пецевска, кажете ни нешто повеќе за вашата платформа Instahome, од кога функционира и кој сè може да ја користи?
Инстахом е нова онлајн платформа за внатрешно уредување која функционира неполн месец и е направена како резултат на лично професионално искуство базирано на сите проблеми што се појавуваат во процесот на уредување на еден простор. Прашањата што се појавуваат при уредувањето на еден дом, на пример во кој стил да уредам, како ќе изгледаат елементите заедно, каде можам да ги најдам и по која цена, беа главна инспирација за креирање на Инстахом. Сите што сакаат сами да го уредат својот дом, со Инстахом тоа можат да го направат бесплатно. Од другата страна, на платформата имаат пристап и сите компании од Македонија кои имаат што да понудат во идните онлајн проекти.
Instahome е спој на креативната замисла за уредување на еден простор и понудата на пазарот на мебел. Беше ли тешко да се направи таа врска?
Внатрешен дизајн е област која е многу забавна и каде што можете вистински да си ја покажете вашата креативна страна, сè додека не почне да се претвора во стресна работа заради недостаток на информации околу нас и неможноста да се визуелизира сè што ќе се замисли. Со Елена сме пријателки долги години, имаме соработувано и професионално на неколку проекти и навистина сме имале одлична комуникација. Бидејќи Елена и во својата докторска дисертација работеше на истражување за претприемништвото во земјите во развој, некако дојде природен спојот и идејата за дигитализација на процесот на внатрешно уредување и поттикнување на онлајн пазарот на мебел и декор. Спојувајќи ги сите познавања со кои располагаме идејата растеше постојано, решававме пречки кои не ги предвидовме, но на крајот создадовме тим кој е подготвен да одговори на потребите на нашиот пазар, кој полека и постепено дораснува за сите технологии достапни во развиените земји.
Како вашите клиенти можат да ја користат платформата? Какви опции и стилови на уредување нуди?
Инстахом платформата може да ја посети секој и да ја разбере во неколку минути бидејќи е создадена за го олесни уредувањето. Корисниците можат да си одберат кој простор ќе го дизајнираат и да одберат стил на дизајнирање. По примање на овие информации софтверот сам предлага претходно дефинирани дизајни и оттука се остава на корисникот да ги промени сите елементи во дизајнот додека не дојде до задоволително решение. Потоа, секој дизајн може да се зачува, да се види од каде може да се најдат производите, по кои цени, дали се на попуст и да се нарачаат онлајн. Иако нарачките може да се направат и од платформата на Инстахом, сепак наша прва цел е директно да ги поврзуваме корисниците со продавниците кои имаат производи во нивниот дизајн.
Кои се предностите кои платформата им ги дава на корисниците, а кои за трговците и генерално индустријата за мебел?
Секој кој има ентузијазам и желба да уредува сам, може да ја користи платформата бесплатно. Инстахом на корисниците им заштедува време кое е доста важно денес и ги држи во реални рамки и можности на пазарот бидејќи сè што е понудено на платформата како производ реално постои и знаете каде да го најдете. Исто така платформата е инспирација плус затоа што е полна со совети за уредување и информативни блогови за разни сегменти од уредувањето на домот. Корисниците на едно место имаат увид на сите производи што се на попуст во моментот, како и на сите нови и интересни производи на пазарот. На кратко, Инстахом функционира како еден огромен саем за мебел кој е отворен 365 дена во годината, и за кој не треба да платите влезница.
Додека пак за салоните за мебел, Инстахом нуди нов виртуелен канал за продажба и за првпат да можат да ги изложат своите производи директно во проектите на потенцијалните клиенти. Дополнително, сите компании кои се дел од Инстахом платформата добиваат профил со софтверски дефинирани дизајни кој ќе можат да го користат директно во салон доколку сакаат да визуелизираат производи во амбиент на своите клиенти.
Какво е вашето искуство, дали потрошувачите во земјава се отворени за ваков тип на комуникација со производители и дизајнери, како и за онлајн нарачки на она што самите го дизајнирале?
Сметаме дека потрошувачите се доста заитересирани, но сè уште постои една бариера во насока на онлајн купувањето мебел директно од сајтови. Затоа, пред сè, нудиме информациите за производот, како цена, каде се наоѓа, димезнии и варијанти во кои можете да го видите, а крајниот контакт го оставаме на компаниите. Но, сведоци сме дека навиките на купувачите се менуваат со генерациите кои доаѓаат и со изобилството на производи кои се продаваат онлајн.
Ние сме особено среќни што се менува перспективата на компаниите кои се свесни дека обичната реклама повеќе не е доволна и дека клиентите бараат нови искуства за забава и пазарување. Среќни сме што голем број на компании го препознаа потенцијалот на платформата од самиот почеток, и се надеваме на сè поголема заинтересираност од компаниите во иднина. Гледаме доста успешни онлајн приказни во други области, па се надеваме дека пазарот ќе биде спремен кога ќе дојде моментот целосно онлајн да се порачува мебел, како во многу европски земји.
Какви се вашите планови за во иднина, како планирате да се развива платформата?
Со секоја промена на производи кај компаниите и дополнувањето на нови, платформа ќе расте и ќе се зголемува, а со тоа ќе се зголемуваат можностите на корисниците за дизајнирање. Што се однесува до нови дизајни имаме доста интересни стратегии кои допрва треба да ги примениме и се надеваме дека ќе бидат интересни и за нашите корисници.
Овој период генерално сме фокусирани да го запознаеме македонскиот пазар со функционалностите на платформата, која нуди бенефиции подеднакво и за компаниите за мебел и за крајните корисници. Можностите за забава и дизајнирање постојано ќе се надоградуваат. Веќе имаме контакти од некои од соседните земји кои имаат интерес ваков тип на платформа да имплементираат на своите пазари, што би било некој од следните чекори во насока на развој.