Македонскитe средношколци освоија два медали на Балканската олимпијада по информатика

- Advertisement -

Македонскиот тим средношколци – информатичари освоија два медали на Балканската олимпијада по информатика. Па така, сребрен медал освои ученикот Благојче Павлески од Прилеп, а бронзен медал освои Тео Китановски од Скопје, информираше денеска Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ).

Тимот на олимпијадата која се одржа од 3 до 8 октомври во Букурешт, Романија, беше составен од учениците Благојче Павлески, Тео Китановски, Петар Ковачовски и Адриан Михајловски, предводени од лидерите, д-р Емил Станков и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

- Advertisement -

„После една година пауза и една година во облик на онлајн натпреварување, годинава БОИ се одржува како регуларен настан. Главен организатор на БОИ 2022 е Здружението за извонредност и изведба во информатиката (Society of Excellence and Performance in Informatics), заедно со Министерството за образование на Република Романија. На натпреварот официјално учествуваа вкупно 42 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање на следните балкански земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција. Како претставници на земји-гости на БОИ, во неофицијална конкуренција учествуваа и ученици од Италија, Унгарија, Украина и Швајцарија“, велат од ЗИМ.

Дополнително, од здружението велат дека на паралелно организираниот РМИ интернационален турнир кој вклучил 168 натпреварувачи од тимови од 16 различни земји, ученикот Благојче Павлески бил награден со златен медал, а ученикот Тео Китановски со бронзен медал.

- Advertisement -

До крајот на годинава пред македонските информатичари останува уште еден предизвик – Европската олимпијада за девојки која ќе се одржи во Анталија, Турција, во втората половина на октомври, истакнаа од Здружението на информатичари на Македонија.

Сподели!
- Advertisement -