Вториот капацитет на американската компанија „Кемет електроникс”, инвестиција од 25 милиони евра во која ќе се вработат нови 360 лица денеска свечено е отворен во технолошко индустриската развојна зона – ТИРЗ Скопје 1. Во новиот капацитет ќе се произведуваат кондензатори за електрични возила.
Андреас Мајер, потпретседателот на „Кемет електроникс” истакна дека во новиот капацитет ќе се произведуваат кондензатори за електрични возила. Веќе е ставена во функција една линија за производство, а наскоро, како што рече, ќе бидат отворени уште две производствени линии. Со отворањето на новиот дел за 50 отсто е зголемен капацитетот на постојната фабрика, а како што најави Мајер, се планира во скоро време дополнително да се прошират капацитетите на „Кемет електроникс” во ТИРЗ Скопје 1.
-Одлуката на компанијата да го прошири производството тука е потврда за добрите економски политики кои ги води Владата и политиките што ги имаме за зголемување на платите на вработените, рече премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на фабриката.
Премиерот изјави дека верува оти наскоро во Скопје ќе има трета фабрика на „Кемет електроникс“ и вети дека како Влада ќе направат се за да се отвори таков капацитет.
„Кемет Електроникс” ја отвори фабриката во зоната Бунарџик во Скопје во октомври 2012 година, за производство на електронски производи наменети за вселенската, авионската, воената и автомобилската индустрија.
Директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски посочи дека со новиот капацитет двојно ќе се зголеми бројот на вработени во Кемет електроникс и додаде дека од почетокот на годинава во ТИРЗ се вработени речиси 1600 нови вработени. Потенцира дека два пати годинава веќе се зголемени платите на вработените во ТИРЗ и најави дека ќе продолжат да инсистираат на зголемување на платите на вработените во технолошката зона.
Групацијата во чиј составен дел е и „Кемет електроникс“ годишно има приход од 4,8 милијарди долари во 49-те фабрики, 47 канцеларии за продажба и 20 развојни бироа во Северна и Јужна Америка, Азија и Европа во кои работат 45 000 вработени. Произведува електронски компоненти за најпознатите светски компании.
„Кемет електроникс“ својот прв капацитет во земјава го пушти во употреба пред 10 години исто така во ТИРЗ Скопје 1.