Швајцарската железничка компанија постави рекорд со најдолгиот патнички воз во светот за викенд, со патување на една од најспектакуларните пруги на Алпите.
Возот долг 1,9 км, кој е составен од 25 возови со 100 вагони, во саботата го заврши своето спектакуларно патување од 25 км низ Алпите. Целта на овој рекорд е да се истакнат жвајцарските инженерски достигнувања, како и да се одбележат 175 години постоење на швајцарските железници.
Возот сообраќал на релација Албула-Бернина од Предо до Бергун, а таа рута во 2008 година УНЕСКО ја прогласи за светско наследство и поминува низ 22 тунели, од кои некои се спирални низ планини, и преку 48 мостови, вклучувајќи го и закривениот вијадукт Ландвасер.
Како што откриваат од компанијата, причината за соборувањето на рекордот е што имале проблеми во текот на кризата поради корона вирусот и изгубиле 30% од прометот на патници во возот и така се обиделе да пронајдат добар настан за да ја подигнат свеста за преубавата рута која е дел од светското наследство на УНЕСКО.
Целиот пат траел над 1 час. Од железничката компанија се надеваат дека луѓето во други земји кога ќе ја видат убавинаѕа низ која поминува возот, ќе дојдат сами и ќе го посетат тој дел од Швајцарија.
Седум машиновозачи и 21 техничар морале да се погрижат сите 25 возови да работат исто, да забрзуваат и да кочат во исто време и сите ги водел првиот машиновозач.
Претходно рекордот го држела Националната белгиска железничка компанија со воз од 70 вагони и должина од 1,7 км.
(Bizlife)
(фото: Pixabay)