Педесет настани организирани од 40-тина партнери на теми од областа на пристапот до финансии, социјално претприемништво, образовни процеси за претприемачи и улогата на приватниот и на граѓанскиот сектор во поттикнување на претприемништвото ќе се одржат во рамки на Глобалната недела на претприемништвото (ГНП), чиј организатор во земјава од 2018 година наваму е асоцијацијата Стартап Македонија.
Станува збор за еднонеделна светска иницијатива која од денеска до 20 ноември, истовремено се случува во повеќе од 200 земји ширум светот и поврзува над 10.000 партнери во активности и настани насочени кон промоција на претприемништвото, зајакнување на постоечки и создавање нови партнерства, како и основање нови релации за подобрување на условите за развој на претприемачкиот екосистем во државата.
– Сакаме да ги вмрежиме и да ги обединиме сите инцијативи кои постојат во земјава во делот на иновации и технологија, како и претприемништво. Токму претприемништвото е нешто кое навистина може да биде заедничката основа со која ќе го подобриме општеството во Македонија и креирање на нови можности кои сакаме се почесто да ги видиме, рече претседателот на Стартап Македонија, Игор Маџов на официјалното отворање на ГНП.
Нагласи дека настаните во рамките на ГНП се начин на кој може да се покаже што постои во целата измината година, што се работи и што е почеток на она што ќе следи.
– Македонија е мала земја која има многу да понуди, но ресурсите треба убаво да се искористат. Од таа причина ние се обидуваме со голем дел од нашите партнери тоа да го направиме, рече Маџов. Тој посочи дека Стартап Македонија има над 60 партнерски организации во своето работење и соработува со повеќе од 200 стартапи.
– Тоа е само капака во морето на претприемачките активности кои се во земјава и кои ги поддржуваме. Сакаме повеќе да се фокусираме на одржливост и повеќе да вклучуваме зелени технологии. Затоа оваа година ставивме голем акцент на зелените технологии и младите со повеќе настани кои се покриваат во рамките на ГНП. Ги покриваме не само младите, туку и оние кои напорно работат во креирање на технолошки компании, но и мали бизниси кои се основата на македонската економија, потенцира Маџов и додаде дека работат и со дијспората со цел, како што рече, да се вклучат и ресурси од странство во бенефит на локалните претприемачи. Со нашите партнери, истакна Маџов, започнуваме голем број на едукациски програми кои водат кон поттикнување на основање на бизнис идеи и кон раст на веќе постоечките.
Претставникот на УСАИД, Дерик Фефер посочи дека ГНП е важна недела за претприемачите, инвеститорите, стартап ентузијастите и за креаторите на политики.
– Преку нашата програма тука се фокусираме на градење на одговорен и самоодржувачки бизнис екосистем. Работењето со младината е стратешки предизвик, бидејќи младината не е само нашата иднина, туку и сегашност. Затоа им помагаме на младите во земјата, рече Фефер. Ќе продолжиме, додаде тој, да ги поддржуваме младите претприемачи за да ги зајакнат капацитетите на нивните бизниси, да ја промовираат регионалната соработка и да создаваат економски просперитет за сите луѓе во државата.
Швајцарскиот заменик-амбасадор во земјава, Лусиен Егертер истакна дека е позитивно што една од главните теми на годинашната ГНП е образованието, за кое, како што реле, Швајцарија соработува со локалните власти за негово осовременување и зајакнување.
– Само образованието како силна врска со приватниот сектор може да и понуди на младината технички вештини на пазарот на трудот, но и знаење да направат бизниси кои ќе им овозможат во иднина да прераснат во претприемачи што ќе придонесуваат за развој на економијата. Кризата со која светот се соочува во изминатите три години ни покажа дека брзата адаптација на промените е најважна за преживување и дека единствено иновативните и флексибилните претприемачи просперираат и продолжуваат да ја водат економијата. Поддршката на младите мажи и жени претприемачи, градењето на функционални мрежи во кои може да разменуваат искуства и да се поврзат меѓу себе е клучна за градењето на економијата, рече Егертер.
Тој нагласи дека Швајцарија во соработка со Владата, приватниот сектор и другите развојни партнери го поддржува стартап екосистемот во земјава уште од 2015 година. Како резултат на тоа, посочи Егертер, стратап екосистемот се трансформира во доброфункционирачки екосистем. Марк Берет од Германското друштво за меѓународна соработка порача дека земјава има многу добри, иновативни и конкуренти мали бизниси исто како и услуги и приватни идеи кои можат да креираат повеќе и подобри работни места.
Четирите теми на 15-тото јубилејно издание на ГНП се стекнување претприемачки вештини во рамки на формалното и неформалното образование, инспирирање на заедниците и организациите да остваруваат подобра соработка, промовирање поголема инклузивност како и квалитетно креирање политики во рамки на соработката помеѓу екосистемот и носителите на одлуки. Дел од фокусот оваа година се младите и младинското претприемништво, како и зелената технологија и одржливите претприемачки потфати.
Извор –Опсервер