Дигиталната платформа „мЗаедница“ е единствен македонски проект кој ќе биде претставен на водечкиот интернационален конгрес посветен на ефективно фунционирање на градовите Smart City Expo World Congress кој се одржува од 15 до 17 ноември во Барселона, Шпанија. Оваа година настанот е под мотото „Градови инспирирани од луѓе“ и ќе обедини претставници од 140 земји, 20.000 учесници, 1.000 изложувачи и 40 говорници. „мЗаедница“ е веб и мобилна апликација која им овозможува на општините да ги дигитализираат јавните услуги, да воспостават двонасочна комуникација со граѓаните и да носат одлуки базирани на мерливи податоци. Оваа дигитална платформа ја разви Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“ и досега се вклучени општините Битола, Аеродром, Карпош, Кочани, Крива Паланка и Валандово, а наскоро ќе биде достапна во уште три општини –Гостивар, Македонска Каменица и Штип.
Панел-дискусијата насловена Innovation from the Ground Up: Civil Society as Drivers of Smarter Governance ќе се одржи на 16 ноември и е посветена на креативни дигитални решенија во кои се става акцент на гласот на граѓаните. Ќе бидат вклучени претставници од 7 организации од цел свет кои ќе споделат како тие работат на иновации и на вмрежување на различни сектори во градовите.
„мЗаедница“ е мултифункционална алатка преку која граѓаните имаат можност да поднесат предлог или проблем и да го следат неговото решавање; да остварат директна комуникација со вработените во општинската администрација; да аплицираат за општински субвенции; да следат новости во општината и од неодамна, да направат упис на деца во градинки и во основни училишта и да ја искористат „мСоветник“ (алатка за директна комуникација на граѓаните со избраните советници и запознавање со работата на Советот).
– Прашањето кое си го поставуваме секој ден е како да ја употребиме технологијата за да го подобриме нашиот квалитет на живот и нашето секојдневно функционирање. „мЗаедница“ е сериозен проект кој го работевме со огромен ентузијазам и кој го развиваме „чекор по чекор“ размислувајќи и ставајќи ги во фокус потребите и на општините и на граѓаните. Досега се вклучени 9, но се надеваме дека ќе се вклучат сите македонски општини со што секој град ќе стане паметен град – велат Милан Танчески и Зорица Велковска од „Блинк 42-21“ кои ќе ја презентираат „мЗаедница“ во Барселона.
Smart City Expo World Congress се одржува од 2011 година во Шпанија и неговата мисија е да се зајакнат градовите и да се колективизираат урбаните иновации низ целиот свет. Настанот е посветен на промоција на креативни решенија чија цел е создавање подобра иднина за градовите и нивните граѓани.