Ќе плаќаме такса при извоз во ЕУ ако не задоволуваме еколошки стандарди

- Advertisement -

Европската унија (ЕУ) од 2026 година ќе почне да наплаќа т.н. јаглеродна давачка при увоз на стоки чие производство е поврзано со високи емисии на CO2. Станува збор за нова регулатива во ЕУ, а дел е од пакетот за борба против климатските промени, во насока на целосно регулирање на пазарот на јаглеродни интензивни производи.

„Европската Унија ја носи таа регулатива затоа што производите кои се произведуваат во неа, а содржат висока емисија на јаглерод диоксид, се веќе оданочени со определена такса преку механизам од 2005 година. Производите, пак, што се увезуваат во Европската Унија од трети земји, во кои спаѓа и нашата држава, практично не беа подложни досега на таков вид на давачки. Логично, увозниците во Европската Унија прибегнуваа на увоз на производи од трети земји, наместо на користење на производи од Европската Унија“, изјави професор д-р Силвата Мојсовска од Економскиот институт при УКИМ во вечерашната емисија „Топ тема“ на ТВ Телма.

- Advertisement -

Како причина за носење на таквата регулатива, Мојсовска го нагласи регулирањето на внатрешниот пазар на ЕУ и поттикнување на државите со кои соработува да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид и други стакленички гасови.

„Во 2023 година ќе почне пилот фаза во која ќе се врши пресметување колкави би биле тие оптоварувања, со цел компаниите да можат да се подготват. Ова е важен чекор и многу јасен сигнал дека и другите земји треба да прибегнат кон таа зелена агенда“, додава Мојсовска.

- Advertisement -

Новата регулатива ќе има големо влијание и на трговските односи меѓу нашата држава и Европската Унија, смета доктор Златко Ветеровски од Царинската управа.

„Македонските компании ќе бидат соочени со еден вид, од почетокот на јануари во 2023 година, известување на колилината на јаглеродна содржина, а од 1 јануари во 2026 година ќе биде воведена некој вид на еколошка такса. За тој период од три години треба да ги најдеме најдобрите механизми како македонските компании да ги избегнат тие давачки и што треба ние да направиме за да ја задржиме конкурентноста. Да не заборавиме дека македонскиот извоз е отприлика 800 милиони евра и тоа е нешто помалку од една десетина од вкупниот македонски бруто општествен производ“, посочува доктор Ветеровски.

- Advertisement -

Постојат неколку методи за пресметка на учеството на CO2 во процесот на производство на челик и имаме електропечка во која што рециклираме старо железо што нè прави најеколошки производител во однос на другите типови на производство на челик кои што се застапени во Европа и во светот, истакна Петар Јанески од „Макстил“.

„Направивме калкулации на емисијата на ЦО2 во нашето годишното производство според два метода. Тие два метода планираме да ги стандардизираме и кога ќе почнеме од јануари 2023 година да пресметуваме и рапортираме, а од 2026 да рапортираме и веројатно да плаќаме CO2 такса, ќе треба да го стандардизираме начинот и методологијата по кои ќе пресметуваме. Производството во „Макстил“ емитува 0,05 тони CO2 во однoс на еден тон готов производ. Тука имаме три чекори за разграничување колкаво е директното влијание, односно директната емисија што ја имаме како „Макстил“, колку имаме индиректни емисии и колку имаме емисии во однос на суровините и репроматеријалите што сме ги употребиле за да произведеме еден тон челик“, вели Јанески.

Тој додаде дека во електропечката, при топење на старото железо што се рециклира, се користи електрична енергија која може да биде произведена од обновливи извори или од традиционалните.

„Енергијата која што ние ја користиме главно е произведена од термоцентрали, но имаме тенденција да имаме што поголем опсегот на обновливите извори во вкупната количина на електрична енергија. На тој начин ќе го намалиме импактот на CO2 кој што ќе го има врз нашиот финален производ“, дополни Јанески.

Сподели!
- Advertisement -