Советот на Народна банка на Република Северна Македонија донел 12 подзаконски акти, во рамки на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, чија примена ќе започне од 1 јануари 2023 година, и што ќе овозможат трансфери на пари на повеќе начини отколку сега, како и користење на електронски пари.
„Примената на новата правна рамка се очекува да ја засили конкуренцијата на пазарот на платежни услуги со тоа што ќе овозможи влез на нови даватели на платежни услуги кои ќе треба да добијат соодветна дозвола од Народната банка. Така, од почетокот на следната година, покрај банките платежни услуги ќе може да даваат и платежни институции, штедилниците, како и институции за електронски пари“, соопшти Нардона банка.
Новиот закон и подзаконски акти треба да ги мотивира постоечките и новите даватели на платежни услуги и оператори на платни системи да им понудат на клиентите иновативни решенија за извршување на побрзи, поудобни и поевтини плаќања.
За извршување на платежните трансакции, граѓаните и бизнисите, односно правните и физичките лица, ќе може да отвораат сметки кај платежни институции и институции за електронски пари.
Паричните средства на правните и физичките лица на овие сметки нема да претставуваат депозити и на нив нема да се пресметува и исплатува камата. Исто така, паричните средства кај платежните институции и институциите за електронски пари ќе бидат заштитени, со тоа што ќе се чуваат на посебни сметки во Народната банка, во деловните банки или штедилници, а нема да влегуваат ниту во стечајната или ликвидационата маса во случај на престанок со работа на институцијата или на банката и штедилницата каде што се чуваат.
(Meta.mk)