Државата ќе доделува субвенции од седум евра по патник за нови авиолинии што ќе бидат воведени на Скопскиот аеродром и по 4,5 евра по патник од аеродормот во Охрид, со јавниот повик за финансиска поддршка за наредните три години, што го објави денеска Министерството за транспорт и врски, а на кој за разлика од претходно ќе можат да се изберат повеќе авиокомпании.
За следната година, во буџетот се предвидени 1,1 милион евра за оваа намена.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски на прес-конференција рече дека повикот е различен од претходните и на него можат да се изберат повеќе авиокомпании, како и дека е во согласност со политиките на фер и конкурентски услови согласно регулативата на Европска Унија.
Заинтересирани авиокомпании за учество на повикот треба да поседуваат уверение за работа издадено од земја членка на ЕУ, согласно прописите за издавање уверение за работа на авиопревозници, да имаат превезено најмалку 10 милиони патници и остварен профит од минимум 25 милиони евра во 2019 година. Исто така да достават изјава заверена на нотар за дестинацијата за која добива финансиска поддршка од државата и по завршувањето на финансиската поддршка да продолжи да ја оперира за период за кој ги добивал субвенциите. Во спротивно ќе биде должен да го врати целиот износ на средства што ги добил како финансиска поддршка.
-Финансиската поддршка ќе се доделува согласно критериумите за рангирање на новите дестинации по следниот редослед: период на oперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивност на аеродромот кон кој оперира, број на седишта понудени на продажба. Ќе се доделува финансиската поддршка од седум евра во денарска против вредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје и од 4,5 евра во денарска против вредност по патник во заминување превезен од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид, информира Бочварски.
Секоја нова дестинација за која се доделува финансиската поддршка, а ќе оперира од Меѓународниот аеродром Скопје, не треба биде опслужувана во редовен превоз во последните две ИАТА сезони од и до Скопскиот аеродром. Истото важи и за новите дестинации од Охридскиот аеродром за кои ќе се додели финансиската поддршка.
Авиопревозникот кој ќе биде избран да користи субвенции е должен секоја нова дестинација воспоставена од аеродромите во Скопје и Охрид, за која се доделува финансиската поддршка, да ја опслужува најмалку два пати неделно во секоја од ИАТА сезоните според однапред утврден ред на летање. да изработи план за промоцијa и маркетинг на предложените дестинации, а на секои шест месеци да доставува извештај до Министерството за транспорт и врски за своето работење.
Повикот е отворен заклучно со 19-ти следниот месец до 12:00 часот, до кога може да се доставуваат барања во архивата на Министерството за транспорт и врски, а наредниот ден ќе се одржи отворањето на поднесените барања за финансиска поддршка.
Последниот од трите договори за субвенционирани летови што на тендер ги доби унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Виз ер“ заврши на 1 март годинава. Во 2019 година за субвенционирани летови се исплатени 66.584.935 денари, во 2020 година 21.098.924 денари, во 2021 година 10.475.649 денари, а годинава не се исплатени средства.
(фото: Pixabay)