Кредитите на домаќинствата во ноември годинава забележаа раст од 0,5% на месечно ниво, што во поголем дел се објаснува со зголеменото кредитирање во странска валута, соопшти Народна банка. На годишно ниво, кредитите на домаќинствата се зголемија за 7,5%, под влијание на растот на кредитите во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во странска валута.
Во ноември, според намената на кредитите одобрени на физичките лица, најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити, забележаа месечно зголемување од 0,5% и 1,1%, додека годишните стапки на раст изнесуваат 6,6% и 12,9%. Автомобилските кредити остварија месечен и годишен раст од 6,3% и 9,1%.
Кредитите одобрени на кредитни картички се непроменети на месечно ниво, додека годишниот раст изнесува 0,8%. Во ноември, негативните салда на тековните сметки, забележаа месечен и годишен раст од 2,7% и 1,6%, соодветно, додека кредитите одобрени врз други основи се намалени за 1,9% и 17,1% на месечна и на годишна основа.
Депозитите на домаќинствата, пак, во ноември се непроменети на месечна основа. Годишниот раст од 5,3% во најголем дел е резултат на зголемените краткорочни депозити во странска валута, при дополнителен позитивен придонес и на депозитните пари и долгорочните депозити во странска валута, а во услови на остварен пад на долгорочните и на краткорочните депозити во денари.
(МИА)
(фото: Flickr)