Бислимоски: Одлуката на ЕУ за плафонот на цената на гасот ќе има позитивно влијание и кај нас

- Advertisement -

По неколку месеци разговори и преговори министрите за енергетика на земјите членки на ЕУ во понеделникот се договорија за воведување плафон на цената на природниот гас, а на прашањето дали ова би имало некакво влијание кај нас, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимоски одговара позитивно и вели дека е добар сигнал, јави дописничката на МИА од Атина.

Механизмот за ограничување на цената на гасот ќе се активира кога цената ќе достигне 180 евра за мегават час и 35 евра повеќе од референтната цена на течниот гас за период од три последователни дена, а воведувањето плафон беше грчки предлог доставен пред неколку месеци.

- Advertisement -

Во разговор со дописничката на МИА од Атина, Бислимоски изразува надеж и очекување дека оваа одлука ќе има позитивно влијание и кај нас.

„Се надевам дека ќе влијае, имајќи предвид дека и во државата веќе цената за природниот гас ни зависи од цената на ТТФ берзата во  Холандија, во најголем дел, 70-ина проценти, а 30 проценти е од нафтениот индекс. Значи, очекуваме дека со поставувањето на овој „price cap“ кој што ќе видиме како функционира и како ќе се имплементира, дека ќе има позитивно влијание кај нас од аспект на намалување на цената на природниот гас“, вели Бислимоски.

- Advertisement -

По учеството на состанокот на 53-от Борд на регулатори на Енергетската заедница што се одржа во Атина, Бислимоски посочува дека и претставникот на Агенцијата за соработка на енергетските регулатори на ЕУ (АЦЕР) за време на дискусијата се осврнал на конкретната одлука.

„Од она што го слушнавме од нашиот колега од АЦЕР е дека тоа е еден посложен механизам и на нив им треба анализа за да видат конкретно како тоа би влијаело на крајната цена која што ја плаќаат потрошувачите, но сметам дека е добар сигнал, имајќи предвид дека и минатата недела и оваа недела цената на природниот гас на ТТФ берзата е намалена за околу 15-20 проценти, па да видиме дали тој тренд ќе продолжи и во јануари со цел да имаме малку од малку порелаксирана ситуација“, објасни за МИА претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

- Advertisement -

На крајот на септември годинава министрите за енергетика на 15 земји членки на Европската унија (Грција, Хрватска, Франција, Бугарија, Белгија, Италија, Латвија, Литванија, Малта, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија), преку писмо испратено до комесарот за енергетика Кадри Симсон побараа ЕУ да воведе ограничување на големопродажната цена на природниот гас.

Сподели!
- Advertisement -