Океаните минатата година биле најтопли според досегашните мерења

- Advertisement -

Светските океани во 2022 година биле рекордно најтопли според досегашните мерења, што ги покажува длабоките и продорни промени што емисиите предизвикани од човекот ги прават врз климата на планетата Земја, пишува Гардијан, повикувајќи се на истражување објавено од американската Национална администрација за океани и атмосфера.

Повеќе од 90 отсто од вишокот топлина заробена од емисиите на стакленички гасови се апсорбира во океаните. Записите од 1958 година наваму покажуваат незапирлив пораст на температурата на океаните, со забрзување во затоплувањето по 1990 година.

- Advertisement -

Температурите на површината на морето имаат големо влијание врз временските услови во светот. Потоплите океани придонесуваат кон екстремните временски услови, што доведува до поинтензивни урагани и тајфуни и повеќе влага во воздухот, што пак носи поинтензивни дождови и поплави. Потоплата вода, исто така, го зголемува нивото на морето и ги загрозува крајбрежните градови.

Температурата на океаните е под многу помало влијание на природната климатска варијабилност отколку температурата на атмосферата, што ги прави океаните непобитен показател за глобалното затоплување.

- Advertisement -

Меѓународниот тим научници што ја направил новата анализа на топлината на океаните вели дека циклусите на енергија и вода на Земјата се длабоко изменети поради емисиите на стакленички гасови од човековите активности што предизвикува продорни промени во климатскиот систем на Земјата. Тие појаснуваат дека анализата покажала оти слојот топла вода на површината на океаните се продлабочува.

Според истражувањето на Националната администрација за океани и атмосфера на САД, многу екстремни временски настани во минатата 2022 година биле поверојатни и поинтензивни поради климатската криза, а како пример се наведени обилните дождови што предизвикаа разорни поплави во Чад, Нигер и Нигерија.

- Advertisement -

Светската метеоролошка организација во октомври објави дека атмосферската концентрација на сите главни стакленички гасови – јаглерод диоксид, метан и азотен оксид, достигнала рекордно високо ниво, а шефот на организацијата Петри Талас рече дека „се движиме во погрешна насока“.

Meta.mk

Фото – Flickr

Сподели!
- Advertisement -