Согласно најновите објавени податоци за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба на Народната банка на Република Северна Македонија во првите девет месеци од 2022 година вкупната вредност на онлајн трансакциите реализирани во земјата и во странство со домашни и странски картички, изнесува 25.3 милијарди денари (2.8 милијарди денари просечно месечно) што претставува пораст од 28.2% во однос на истиот период минатата година кога се остварила вредност од 19.7 милијарди денари (2.2 милијарди денари просечно месечно).
Гледано по месеци, во третиот квартал почнувајќи од јули кога има пораст од 22.6% речиси ист како порастот во јануари, во наредните месеци се намалува и во септември порастот на вкупните онлајн трансакции изнесува 9.4% во однос на истиот месец минатата година.
Физичките лица во првите три квартали од 2022 година оствариле раст во онлајн трансакциите од 24.8% спрема 36.9% остварени од правните лица, а со тоа се намалува учеството на физичките лица во вкупните онлајн трансакции на 69.6%.
Со домашни картички кон домашни е-трговци во првите 9 месеци од 2022 година остварени се 17.3 милијарди денари и остварен е раст од 20% во споредба со истиот период минатата година.
Она што е забележително како резултат на враќање на животот во нормала е поголем раст на вредноста на направените трансакции кон странски е-трговци, како и од странски картички кон домашните е-трговци. Поголем пораст има кај купувањето во странство со домашни картички и во првите 9 месеци од 2022 година остварени се 7 милијарди денари што преставува раст од 52.3% во споредба со истиот период минатата година.
Странците кон домашните трговци направиле онлајн трансакции во износ од милијарда денари односно остварен пораст во првите 9 месеци од 2022 година од 37.3% во однос на истиот период минатата година. Кон македонските е-трговци се слеале 18.3 милијарди денари остварени од домашни и странски картички во разгледуваниот период што значи пораст од скоро 21% во однос на истиот период минатата година.
Што се однесува до структурата, според резидентноста на е-трговецот и издавачот на платежните картички може да се забележи дека согласно остварениот раст на вредноста на платежните трансакции во странство, на 28% се зголемува и вредноста на платежни трансакции во странство со домашни картички од вкупната вредност остварена во првите 9 месеци од 2022 година спрема 23% во истиот период минатата година.
Вкупниот број на направени онлајн трансакции во првите три квартали од 2022 година изнесува 12.3 милиони трансакции, што преставува пораст од 16.4% во однос на бројот на направените трансакции во истиот период минатата година (10.5 милиони трансакции). Поголемиот пораст на вредноста на направените трансакции од бројот ја зголемува вредноста на просечната трансакција.
И во текот на првите 9 месеци од 2022 година се забележува пораст на новотворени интренет продажни места, па така во првите 9 месеци од 2022 година се отворени 169 нови интернет продажни места.
„По значајното зголемување на реализиралните онлајн трансакции предизвикани со COVID-19 пандемијата, позитивно е што трендот на раст продолжува и понатаму. Растот во вредноста на вкупните онлајн трансакции во првите 9 месеци од 2022 година изнесува 28.2% во споредба со истиот период минатата година. Очекувано е дека со враќање на животот во нормала и можноста за патување остварен е поголем пораст на онлајн трансакциите кон странство, како и од странци кон домашните е-трговци. Со тоа се менува односно намалува учеството на транскациите кон домашни е трговци од 77% на 72% во вкупните онлајн трансакции. Но, остварениот пораст на вредноста на онлајн трансакциите кон домашните е-трговци во првите 3 квартали од скоро 21% спрема истиот период лани, како и зголемувањето на понудата до септември оваа година со нови 169 интернет продажни места ни дава позитивни сигнали за домашната е-трговија како на страната на побарувачката така и на страната на понудата. Продолжуваме будно да го следиме прогресот и развојот на е-трговијата, како и да преземаме соодветни активности и иницијативи за унапредување на климата за македонската е-трговија.” – вели претседателката на АЕТМ, д-р. Нина Ангеловска.