Потпишан Меморандум за соработка помеѓу општина Ресен и Фондацијата за одржлив економски развој ПРЕДА ПЛУС за поддршка на иновативни бизнис решенија во Преспанскиот регион
25.01.2022
Градоначалникот на општина Ресен, Јован Тозиевски и директорката на Преда Плус Фондација, Маријана Милевскана 25.01.2022 година потпишаа Меморандум за соработка во насока на развивање на стартап еко-системот за поддршка на претприемничка култура и иновации во Преспанскиот регион.
Со Меморандумот е предвидено интензивирање на соработката со цел унапредување, промовирање и поттикнување на развојот на стартап сцената во општина Ресен преку поддршка на иновативни бизнис идеи.
ПРЕДА ПЛУС Фондација во рамки на своето делување ќе реализира акцелераторски стартап програми во општина Ресен, кои преку специјално дизајнирани обуки, тренинзи и друг тип на услуги за поддршка на стартапи и иновативни бизнис решенија ќе придонесат во економскиот развој на регионот.
“ПРЕДА Плус ја започнува новата 2023 година во знакот на иновациите во два сектори кои некако се ставени настрана кога зборуваме за примена на интелигентните технологии на новото време. А тоа е земјоделието и туризмот. Ова ќе биде нов праг во развојот на овие две гранки кои имаат поврзаност. И светот веќе така ги развива, во пар. Потенцијалот е огромен кај нас, но ни требаат и нови технологии за да бидеме поефикасни и конкурентни. Затоа, подгответе се за иновации во овие сфери кои досега имаа екстензивен развој. Ова е будење и за сите со иновативни идеи кои ќе знаат да го спојат земјоделието со технологија–Агритек и туризмот со технологија–Туртек. Најавуваме нова стартап програмата на ПРЕДА Плус која ќе биде фокусирана на овие две теми, а регионот во кој прво ќе работиме е Преспа”, изјави Маријана Милевска, директорка на Преда Плус Фондација.
Во насока на обезбедување на успешна соработка, општина Ресен ќе придонесе во воспоставување на мрежа за соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор во општина Ресен, размена на идеи и информации за поддршка на атрактивни бизнис идеи како и промоција на програмите и услугите на Преда Плус Фондација за поддршка на иновативни бизнис решенија.
Воспоставената соработка во насока на развој на стартап заедницата во Преспанскиот регион може да биде првиот чекор кон самовработување, создавање модерни работни места и други извори на инвестиции.
“Општина Ресен е отворена за соработка, особено за атрактивни и иновативни идеи кои ќе придонесат во целокупниот развој на општината. Она што особено не радува е можноста да бидеме дел од зедничка иницијатива со Преда плус Фондација, која ќе го поттикне развојот старт-ап заедницата во преспанскиот регион и ќе отвори можност за нови инвестиции. Како Општина, подготвени сме да дадеме проидонес во сите фази од имплементацијата на акцелераторската стартап програма, особено при размена на идеи и информации за поддршка на атрактивни бизнис идеи како и промоција на на услугите на акцелераторката стартап програма на Преда плус Фондација” изјави Јован Тозиевски, градоначалник на Општина Ресен
Реализирањето на акцелераторската стартап програма на Преда Плус Фондација во општина Ресен, е поддржано од проектот „ЕУ за економски раст“ кој е финансиран од ЕУ и Германското Сојузно Министерство за економски прашања и климатски акции, а имплементиран од страна на ГИЗ – Германското друштво за меѓународна соработка и AreaScience Park.
“Преспа е позната по земјоделското производство и нејзините природни убавини. Постојат вистински можности да се комбинираат предностите кои ги дава природата во овој регион со новите идеи и технологии, а се со цел генерирање на квалитетни производи и зголемена локална вработливост. Преку акцелераторската програма која ја поддржуваме во соработка со нашите партнери Преда Плус Фондација, општина Ресен и училиштето Цар Самоил, очекуваме наскоро да видиме и чуеме нови идеи за креативна употреба на технологијата како основа за развој на нови бизниси и подобри работни места, особено за младите луѓе, жените и ранливите категории на граѓани. – Марк Барет, тим лидер на проектот „ЕУ за економски раст“