Во М&М хотелот за миленици на Мартина Павловиќ животните се слободни и сакани исто како дома

- Advertisement -

Мартина Павловиќ е млада жена, претприемачка, која пред две години одлучила нејзината љубов кон животните и желбата да ги згрижи да и станат и професионална определба. Резултат на тоа е М&М хотелот за миленици, каде Мартина и нејзиниот партнер Миле Митевски работат по принцип на отворен концепт каде сите животни кои ги згрижуваат се слободни.

Мартина вели дека критериумот по кој се чуваат милениците во нејзиниот хотел е истиот по кој таа ги чува своите кучиња. Хотелот соработува и со професионален дресер и работи и на ресоцијализирање или на надминување на анксиозност или некоја друга состојба кај милениците. Мартина вели дека нејзините планови не застануваат тука и дека работи на отварање на центар за физикална рехабилитација кај животни.

- Advertisement -

Новинар- Сања Наумовска

Мартина, твојата љубов кон животните постои многу одамна, а веќе две години го имаш и М&М хотелот за миленици. Раскажи ни за вашите почетоци и како дојде до идејата да започнеш ваков бизнис.

- Advertisement -

М&М преку мојот активизам постои повеќе од 7-8 години, меѓутоа пред две години го формализирав и ми се оствари желбата грижата за животни да ми биде и работа.

Целиот мој живот се заснова на животните, па така од мали нозе скришно ги прибирав дома, ги хранев, потоа почнав да ги згрижувам и вдомувам и така настана активистот во мене. Спонтано, преку пријатели дојде идејата да им го причувам кутрето додека патуваат и по неколку такви обиди сфатив дека тоа е работата за мене. Сега денот ми е посветен на моите миленици, дополнето со грижата и за туѓите миленици. Моите критериуми се поприлично високи кому ги оставам моите миленици, па така ми беше лесно да ги создавам условите во нашиот хотел.

- Advertisement -

М&М хотелот за миленици е лоциран во Сопиште, во раскошна природа во која уживаат животните и ние. Поради условите во кои одлучив да работам капацитетот е релативно мал бидејќи тежнеам кон квалитет, а не квантитет. Во зависност од потребата групата која ја згрижувам варира од 10 до 12 животни.  Во тимот сме јас и мојот партнер Миле, кој помага и придонесува најмногу со неговата креативност, идеи и промоција.

Работите со отворен концепт, каде животните се слободни и не престојуваат во кафези. Какво е вашето искуство со овој начин на работа?

Во М&М хотелот за миленици сите животинки се слободни. Тоа е главната причина што работиме со помал капацитет. Сакаме сите да сме комотни, а и безбедни. Моето, а верувам и искуството на клиентите е прекрасно. Денот ни е полн со активности, а една од нив е гушкање и дремење под ќебе. Ги делам во групи доколку сметам дека е потребно, па така една група игра со мене надвор, другите се на доза дневно галење со Миле или пак одмараат и така наизменично.

Соработувате и со дресер и ветеринар. Kaква улога има дресерот во вашиот хотел?

Соработуваме со неколку ветеринари коишто ги познавам веќе долго време и нивната стручност е докажана. Стефан Зафировски, дресерот исто така има огромно искуство во неговата бранша. Кога го видовме начинот и пристапот на работа со нашите кучиња, ја започнавме и соработката со хотелот. Тоа што мене ми е најважно што на тренингот може да се присутни и сопственици, или јас доколку кутрето е во хотел, па така дресерот може да работи на корекција и со сопствениците и со кутрето. Секако, исклучен е застарениот модел на тепање или заплашување на кучето, кој за жал, некаде се уште се применува.

Во М&М хотелот за миленици улогата на дресерот зависи од потребата. Најчесто се работи за правилно ресоцијализирање на кутре додека престојува кај нас, со мене или со останатите кучиња. Целта ни е беспрекорно да функционира ритамот на хотелот.

Вие сте млада девојка која одлучила да гради свој бизнис. Какви се условите за жените претприемачки во земјата?

Ако кажам дека не се соочуваме со родова неедаквост би излажала бидејќи е сеприсутна во нашето општество, меѓутоа тоа пак создава потврдоглави и упорни жени кои не се предаваат на предизвиците. Јас сум опколена со таков тип на жени кои водат успешни мали бизниси и не прифаќаат не за одговор. Би олеснило доколку ажурноста од институциите е на повисоко ниво бидејќи чекањето по шалтери никому не помага. Исто така, нешто што е корисно за сите мали бизниси е поддршката од општеството. Сметам дека е поважно да се поддржуваме меѓусебно во заедницата, отколку тоа да е само кон познати личности од светот кои не знаат ни дека постоиме.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате како сопственичка на хотел за животни?

Кризата која нѐ погоди сите се отсликува кај сите мали бизниси бидејќи тоа ги натера луѓето повеќе да штедат и внимаваат, а со тоа се намалува работата кај нас. Сивата економија исто додава на тој проблем. Во однос на работата, за мене предизвик се нетипичните животинки, како агресивни кучиња или такви со медицинска состојба, под услов е да не е заразна за другите. Секогаш се добредојдени таквите предизвици бидејќи ги поместуваат моите граници на толеранција, внимателност и љубов. Дури и најагресивното куче, со доволно многу љубов се менува. За ова, секако, помага и дресерот.

Дали да си жена во бизнисот е предност или кочница, генерално, не само кај нас?

Личното чувство ми е дека е предност, но сепак сѐ уште се смета дека живееме во машки свет па поприродно е ние жените да работиме за некој друг, додека мажите создаваат и креираат. За среќа тоа пополека се менува, па се почесто имаме и жени на позиции.

Какви се вашите планови за во иднина?

Ги има многу, меѓутоа неколку од нив е да го прошириме капацитетот, а и со дресерот спремаме нешто интересно во блиска иднина. Нашата идеја и мисија е да се подигне свеста за одговорното сопствеништво, грижа околу милениците, проверени препораки кога станува збор за каква храна им е потребна, ветеринар, дресер, грумер и слично, па така ќе продолжиме и во иднина. Додека, пак, на среден рок, целам кон постигнување стручна квалификација за физикална рехабилитација кај животни и во иднина отварање на центар за рехабилитација.

Мартина и Миле

Сподели!
- Advertisement -