Уште додека со Apple управуваше Стив Џобс компанијата ги направи првите чекори за развој на уреди и технологија за мерење на глукозата во крвта без потреба од боцкање. Пред 13 години ја презедоа компанијата RareLight, која развива технологија за неинвазивно мерење на глукозата, а во 2015 година компанијата стана дел од Exploratory Design Group (XDG), односно одделот на Apple за развој на тани проекти.
Низ годините по интернет се појавија различни гласини за плановите на Apple на овој пазар, но од компанијата уште не објавија никакви официјални информации за технологијата на којашто работат. Сепак, благодарение на новинарите на Bloomberg дознаваме дека после повеќе од една деценија развивање на технологијата сега Apple успеа да создаде технологија која ќе го поремети пазарот за мерење и следење на глукозата.
На тој проект работат стотина инженери и нивниот пристап во решавање на проблемот, односно развојот на технологија која би можела континуирано да го следи нивото на шеќер во крвта е поинаков во однос на постојните уреди.
Apple има поинаков пристап, користејќи технологија за чипови позната како силиконска фотоника и процес на мерење кој се нарекува оптичка апсорпциска спектроскопија. Системот користи ласери за емитување специфични бранови должини на светлина во делот под кожата каде што се наоѓа интестициската течност, односно течноста која тече од капиларите, а кои можат да ја апросбираат глукозата. Светлината потоа се рефлектира назад на сензорот на начин кој ја покажува концентрацијата на глукозата. Алгоритамот го одредува нивото на глукозата во крвта, се вели во објаснението на технологијата.
За почеток оваа технологија би се користела во уреди со големина на iPhone, кои би можеле да се носат на надлактицата и податоците би ги испраќале до iPhone или Apple Watch. Од компанијата се надеваат дека оваа технологија ќе успеат да ја имплементираат во уреди со толку мали димензии за Apple Watch да може да стане алатка за мерење на глукозата.
Apple допрва треба да направи концепт базиран на оваа технологија, но благодарение на искуството и постигнатиот напредок, Кук и неговиот тим се уверени дека се на добар пат да го пореметат пазарот.
(Cult of Mac)
(фото: Flickr)