Лили Кадинска: Успешните жени да ги мотивираат помладите дека успехот зависи само од нив!

- Advertisement -

Поводот за интервју со Лили Кадинска, модна креаторка и сопственичка на модното студио „Ле Бранд“ во Битола е нејзината кампања „ЗНАМ,МОЖАМ,СОЗДАВАМ“ за подигање на свесноста кај жените за нивните капацитети, способности и сила да се изборат за подобро место во општеството. Иновативност силно ја поддржува оваа иницијатива со особен фокус на јакнење на дигиталните и технички капацитети и вештини на девојките и жените, како билет за нивна успешна кариера!

Новинар – Верица Јорданова

- Advertisement -

Почнува месецот во кој се слави жената. Како придонес Вие стартувавте акција ЗНАМ! МОЖАМ! СОЗДАВАМ! Кажете ни за каква иницијатива станува збор и кој беше клучниот мотив да ја почнете истата?

Нашето секојдневие исполнето со вести кои ја отсликуваат лошата позиција на жената,не мотивираше да ја започнеме оваа иницијатива со концептуален карактер во која преку реални,успешни приказни ќе  поттикниме промена на сфаќањата за нејзиното место во општеството.

- Advertisement -

Од денешна перспектива борбата за општествена еднаквост е генерално надмината, но борбата за социјална еднаквост е сеуште активна и и тоа ќе биде така до целосно избледување на остатоците од патријархалното воспитување на мажите и жените заедно.

Mожноста за промена на свеста ја гледаме посебно во жената која ќе тргне од себе и ќе биде коректор на средината во однос на жената до неа, спроти неа, пред неа…

- Advertisement -

 ЗНАМ,МОЖАМ,СОЗДАВАМ е слоганот на  осмомартовската кампања на Ле Бранд Студио за оваа година усогласена со темата на Обединетите Нации кои годинава ја слават жената во технологијата, иновациите и дигиталниот простор. За таа цел дизајниравме и изработивме блузони со слоганот, кои се всушност надградба на минатогодишната колекција со маици, инспирирани од движењето на суфражетките од почетокот на 20ти век и нивната борба за право на глас. Тоа е концепт со хуманитарен и социјален карактер и ќе биде во постојаната понуда во нашето студио и на продажните платформи со кои соработуваме, а од продажбата на оваа колекција блузони и маици, 15% одат во фонд за помош на жени жртви на семејно насилство и самохрани мајки.

Од вашето искуство, зошто е важно жените во бизнис да охрабруваат други жени да го живеат, не само да го сонуваат својот сон?

Јас, лично имав среќа на животниот и професионален пат да се среќавам и да учам од исклучителни жени, реализирани, успешни и инспиративни. Затоа од сопствениот пример и искуство тврдам дека најчесто ког  жените се високо горе на општествената скала, безрезервно и несебично се трудат и сакаат да им го покажат патот на оние кои доаѓаат после нив.

 Животот на женaта е жонглирање со очекувањата на општеството за нејзината позиција, како домот, подигање на семејството и со сопствените очекувањата за личниот и професионален развој. Затоа е важно преку конкретни и блиски примери да ги мотивираме и да ги поттикнеме оние кои доаѓаат после нас да ги надминат стереотипите и да се охрабрат да направат чекор напред во дефинирањето на себе си како единствена асоцијација за саматa себе. А тоа е единствено можно преку економска независност и самоодржливост.

Работите во модна индустрија. Кажете ни нешто повеќе за Вашата работа?

Le Brand Studio е моден бренд кој и се обраќа на современата жена со интензивно секојдневие. Секое парче облека е осмислено да биде доволно само по себе, како и совршено да се вклопува во посебноста на многу стилови. Минималистички дизајн со автентичен дизајнерски печат изразен преку чисти форми.

Нашите дизајни се продаваат во нашиот изложбен простор во Битола,а онлајн сме присутни на концептуалната продавница URMA за Македонија и на светската платформа за независни дизајнери Еtsy.

За мене е интересно што модната индустрија има голема моќ да праќа силни пораки и да менува. Вие конкретно тоа го направивте со Вашите кошули испишани со пораки на кирилица…. Раскажете ни повеќе за ова.

“Б У К В И” e  релативно нова колекција кошули на Le Brand Studio,инспирирана од прекрасните стихови во македонската поезија.Белите кошули се форма преку која македонските поети прераскажале многу животни приказни, како таа на Ленка,Везилката,итн. Ние преку нашите бели кошули со отпечатени стихови од три македонски песни сакавме да ја пренесеме љубовта исткаена од букви и преточена во зборови кои одекнуваат силно со истата моќ, како ехо низ времето и просторот до денес. Колекцијата беше симболично најавена во предвечерието на 8-ми Септември. Идејата за колекцијата и нејзината реализација се поклопија со Денот на независноста,како совршена прилика да се претстави нешто за коешто изворот на инспирација доаѓа од нашето културно и национално богатство. Идејата е БУКВИ постојано да се надградува и да се проширува со нови дизајни инспирирани од македонската култура во насока на промовирање на истата преку современа уметничка форма,како што е модата.

Наскоро следува промоција на неколку нови дизајни, инспирирани од глаголицата за кои веќе имаме и најава на социјалните мрежи.

Како во моментов ја оценувате модната сцена во земјава? Колку е лесно/тешко да се биде дизајнер со сопствено студио?

Секоја работа е своевиден предизвик,но јас ја сакам мојата професија.Креативноста која може да се преточи во парче облека за мене претставува голема радост. И сметам дека човек за да успее било каде и во било која област мора да научи да размислува надвор од рамката.

Посебно за мал пазар како што е македонскиот,спектарот на услуги треба задолжително да биде поширок и многу креативен .

Во склоп на Le Brand Studio,освен изложбениот и продажен салон во Битола и онлајн продавница на светската платформа за независни дизајнери Etsy,кoи ги спомнав погоре, организираме и  едукативни работилници,т.е.курсевите по моделирање, кроење и шиење и обуката за моден стилист-основно ниво. Преку Fashion Lab нудиме дизајнерски и производствени услуги од дизајн до сериско производство на други дизајнери и претприемачи во текстилната индустрија. Наш најголем клиент тука е модниот бренд Qamrah од Саудиска Арабија.

Персонализирана мода наспроти комерцијализација?

Модата како уметничкa форма имаме должност да ја задржиме на пиедесталот на применетите уметности.А,тоа е единствено возможно преку персонализиран израз.

Дали ги следите и како ги имплементирате принципите на циркуларна економија во работата. Знаеме дека модната индустрија е и еден од најголемите загадувачи на околината и модните дизајнери се повеќе водат сметка и за тој аспект!

Како што спомнав погоре,во склоп на модното студио на Ле Бранд,веќе седма година по ред организираме курсево по моделирање,кроење и шиење,неколку пати годишно.

Остатоците од материјалите и репроматеријалите кои ги користиме на изработка на модните колекции ги употребуваат нашите курсисти за изработка на вежбите и задачите во процесот на учење. Значи скоро ништо,или многу малку оди во отпад.На тој начин придонесуваме за заштита на животната средина и ги потпомагаме нашите курсисти со бесплатни парчиња материјали.

Сподели!
- Advertisement -