Минималната плата која досега изнесуваше 18.000 денари од следниот месец ќе се зголеми за 2.175 денари и ќе изнесува 20.175 денари, објави премиерот Димитар Ковачевски.
Со ова, минималната плата ќе бележи пораст од 12,55 отсто, а согласно Законот за административни службеници, како што најави Ковачевски, ќе се изврши усогласување и на платите на 27.000 службеници.
Зголемувањето на минималната плата во Македонија беше договорено на денешниот состанок на Економско-социјалниот совет во Владата.
„Граѓаните ќе добијат за 2.175 денари повисока минимална плата веќе со мартовската исплата на плати. Минималната плата ќе изнесува 20.175 денари. Во моментов тече Економско-социјален совет каде преку дијалог со синдикатите и работодавачите лани се договоривме за системско решение и нова Методологија за постојан раст на минимална плата“, објави вицепремиерот Фатмир Битиќи на Фејсбук.
Зголемувањето на минималната плата е направено согласно новата методологија за усогласување донесена во 2022 година по преговорите меѓу Владата, синдикатите и работодавачите. Согласно новата методологија, минималната плата се усогласува со 50 отсто од трошоците за живот и 50 отсто со растот на просечната плата.
„Ова значи дека во државата со исплатата на мартовската плата, нема да има пониска плата од 20.175 денари“, изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Од Сојузот на синдикати ги повикаа работодавачите да ги усогласат останатите плати со висината на минималната плата.
„Сакаме да ги повикаме работодавачите и во приватниот и во јавниот сектор да најдат сили и начин да ги усогласат платите и на останатите вработени за да не дојде до урамниловка каде нема да имаме силно мотивирани работници туку ќе имаме работници кои ќе се споредуваат едни со други за тоа колку плата земаат“, изјави Златко Цветковски од ССМ.