Новата фабрика на Форд на запад од американската сојузна држава Тенеси ќе може да произведува до 500.000 електрични пикапи годишно со полн капацитет, објави компанијата. Американскиот производител на автомобили објави во септември 2021 година дека ќе изгради и фабрика за батерии на парцела од 1.460 хектари во Стентон, североисточно од Мемфис, пренесува АП.
Изградбата на локацијата БлуОвалСити започна минатата година. Форд планира да започне со производство на електричен камион од втората генерација со кодно име „Проект Т3“ до 2025 година.
Фабриката за склопување на Форд и фабриката за батерии управувана од заедничко вложување наречено БлуОвалСК ќе вработи најмалку 6.000 луѓе, со инвестиција од 5,6 милијарди долари, изјавија претставници на компанијата.
БлуОвалСК ќе изгради и две фабрики за батерии во градот Глендејл, Кентаки, во инвестиција вредна 5,8 милијарди долари. Проектите се очекува да отворат речиси 10.800 работни места. Фабриката во сојузната држава Тенеси ќе произведува возила со неутрални емисии на јаглерод, користејќи обновлива енергија.
Некои од руралните окрузи на американската сојузна држава, кои ја опкружуваат централата, се надеваат дека тоа ќе помогне во зајакнувањето на нивните економии, објави АлЏезира Балканс.
Извор – Слободен печат
Фото – Flickr