Иновацијата и уметноста можат да се недополнуваат, особено ако се работи за вистинска и инспиративна цел, како што е заштитата на животната средина. Пример за тоа се иноваторот Ивица Поцков и уметникот Драган Божинов. Првиот е креаторот на надворешниот прочистувач Aero S што го филтрира воздухот од штетните ПМ 10 честички. Вториот е уметникот, што истите ПМ 10 честички ги искористи да креира извонредни дела кои неодамна беа изложени во Europe House Skopje.
Во интервју за Иновативност, Поцков вели дека Аеро С може да се постави речиси секаде, во близина на потенцијални загадувачи и критични точки во урбани средини, во близина на пешачки зони, паркови, градинки каде треба да не се дозволи штетните ПМ честички да се шират во околината.
Тоа е мултифункционален уред, па освен примарната функција за филтрација, има улога и како маркетинг тотем, може да се се брендира од сите четири страни и да носи и финансиски бенефит за општината или компанијата која го поставува.
Новинар – Сања Наумовска
Ивица, вашата иновација AeroS е надворешен прочистувач на воздух од ПМ 10 честички, што веќе се наоѓа во Општина Центар во Скопје. Кажи ни нешто повеќе како изгледаше и колку време траеше патот од идеја до реализација?
Aero S e надворешен прочистувач на воздух, прв од овој тип во Скопје и регионот, кој е наменет да се инсталира во близина на потенцијални загадувачи и критични точки во урбани средини или во близина на пешачки зони, паркови, градинки и да ги заробува штетните ПМ честички не дозволувајќи да се шират во околината.
Првиот прототип на Aero S беше креиран пред седум години, а идејата дојде почнаа сериозно да се воочуваат штетните последици врз здравјето од аерозагадувањето, како и поразителните бројки за концентрацијата на ПМ честичките, кои нашите градови ги ставаа на листата на најзагадените места во светот. Сметав дека можам да дадам свој придонес кон намалувањето на аерозагадувањето така што ќе креирам уред кој што ќе ги изолира потенцијалните загадувачи, ќе ги заробува штетните ПМ честички и нема да дозволи да се шират, а со тоа ќе се намали нивната концентрација во воздухот.
Развојот на Aero S беше вистински предизвик со бројни пречки од кои најголема беше пандемијата на Ковид 19, но тие беа и големо и позитивно искуство. Не се откажавме и продолживме со реализација на проектот, кој ќе продолжиме и понатаму да го развиваме. Уредот во меѓувреме претрпе многу измени, како во дизајнот така и во процесот на филтација, а денес е мултифункционален комерцијален модел и освен примарната функција за филтрација, има улога и како маркетинг тотем, може да се се брендира од сите четири страни и да носи и финансиски бенефит за општината или компанијата која го поставува.
Какви се перформансите на прочистувачот и на какви локации всушност може да помогне?
Aero S го филтрира воздухот до 70% и ги задржува штетните ПМ честички, а со процесот на фотоелектрохемиска оксидација дел од честичките се разградуваат додека останатите се задржуваат на филтрите.
Работи на електрична енергија и има мала потрошувачка од околу 1 kW, а капацитот на проток на воздух е од 10.000 до 15.000 кубни метри на час. Во завиност од потребите има можност да се изработи и адаптира според локацијата и типот на загадувачот каде што се планира инсталацијата. Има неколку режими на работа и се вклучува во период кога фреквенцијата е зголемена, а со тоа се намалува и потрошувачката на електрична енергија. Во меѓувреме работиме на развој за зголемување на капацитетот на протокот на воздух и напојување од обновлив извор на енергија. Процесот на филтрација е развиен во соработка со американската компанија AAF, која е лидер во технологијата за филтрација на цврсти честички и гасовити молекуларни материи.
Aero S беше првонаграден на меѓународната изложба за еколошки иновации и пронајдоци Еконова 2021
За еден загаден град како Скопје, колку прочистувачи би требало да се постават за да почнеме да дишиме пристоен воздух?
Во изминатиот период неколку пати направивме дисперзионо моделирање, односно одредување на изворите на загадување со цел одредување на концентрацијата на супстанците на воздухот по локации. Утврдивме дека во Скопје има повеќе жешки точки – сообраќајници на кои минуваат во просек по 50.000 возила дневно. Возилата се поголем фактор на загадување од што мислевме. По податоците од Заводот за статистика, просечна старост на возилата е 20 години, поголем голем дел се дизел автомобили, голем број од нив се со извадени дпф филтри и катализатори. Затоа решивме да започнеме од поставување на Аеро С на сообраќајници. Со изолирање и заробување на гасовите и штетните ПМ честички од овие жешки точки, концентрацијата значително би се намалила посебно во зимскиот период кога протокот на воздухот е намален заради термичката инверзија.
Вашата идеја е не само да иновирате туку и да едуцирате, на што заедно работите со уметникот Драган Божинов. Тој нацрта 33 дела со ПМ честички земени од надворешниот прочистувач што можеа да се видат на изложба во Европската куќа во Скопје. Секако, бојата на делата е црна и праќа силна порака дека ова загадување завршува во нашиот организам, во белите дробови на децата. Мислите ли дека институциите и сите релевантни чинители ќе ја видат пораката?
Кога се спојуваат иновативноста и уметноста се случуваат убави работи, како изложбата што ја отворивме со уметникот Драган Божино во Европската куќа со уметнички дела насликани од ПМ честички собрани од Аеро С. Точно е, честичките кои можеше да завршат во нашите бели дробови, Аеро С ги зароби, а Божино ги претвори во уметнички дела. Тој е извонредно талентиран млад уметник со различен пристап на работите, а неговата енергија и амбиција за радикална промена на нашето општество кон подобро е истакната во тие 33 уметнички дела насликани со ПМ честички.
Само 45 дена беа потребни вешто да ги прилагоди честичките во материјал за сликање на платно и од нив да направи дела кои не тераат да размислуваме за навиките и начинот на живеење. Сметам дека никој не може да остане рамнодушен на оваа гласна порака која нема да заврши со оваа изложба, туку ќе земе поголем размер и ќе продолжи да се шири. Веќе е планирано изложбата да се пресели во неколку други градови и надвор од државата со поддршка од Делегацијата на ЕУ и општините и да стане симбол на борбата против аерозагадувањето.
Сега откако првиот надворешен прочистувач е на скопските улици, има ли интерес од институции, општини, компании, да го набават и да го постават на некои локации?
Институциите го препознаа овој проект и истиот е поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој, а Општина Центар даде безрезервна поддршка да биде инсталиран без никакви административни пречки. Проектот го препозна и поддржа и делегацијата на ЕУ со Зелениот Договор на ЕУ, а интерес пројавија и други општини и компании кои сакаат да се вклучат. Во следниот период ќе бидат поставени уреди на повеќе локации низ Скопје, но и во неколку други градови.
Една од вашите иновации беше и УВ Гард, уред за дезинфекција што го иновиравте во екот на пандемијата со Ковид 19. На што друго работевте во меѓувреме?
Во пандемијата се чуствувавме должни да дадеме наш придонес во борбата против Ковид 19. Конструиравме уред кој има за цел да дезинфицира просторија само за неколку минути. Организиравме хуманитарна акција и со уредот УВ Гард беа опремени 30 медицински установи кои го штитеа медицинскиот персонал и пациентите во тоа време.
УВ Гард е мобилен, лесно подвижен низ простории, има вградена батерија која му дава предност за дезинфицирање на делови каде нема електрична инсталација. Се управува од далечина , а со тоа се заштитува лицето кое управува со уредот.
Освен УВ Гард, за борба против пандемијата го конструиравме и Plasma S, голем мобилен мултифункционален уред за дезинфекција на воздух и површини, наменет за простории со големи квадратури. Во уредот се вградени комбинирани технологии за третман на воздух преку кои се подобрува квалитетот на воздухот и се неутрализираат вирусите и бактериите во просториите. Предноста на овој уред е што е целосно безбеден и може да работи во присуство на луѓе во просторијата. Во време на пандемија, Plasma S уредот најде примена во неколку производствените погони со зголемена фреквенција на луѓе, и овие два уреди беа наградени на меѓународната изложба за иновации Макинова.
Какви се вашите планови за следниот период?
Енергетската криза што го потресе целиот свет и нестабилните цени на електричната енергија не фокусира на технологиите на обновливи извори на енергија. Активно работиме на нови решенија за имплементирање на обновливи извори на енергија во урбаните средини, а во меѓувреме сме доста активни и може да се пофалиме со реализација на повеќе поголеми проекти со фотонапонски централи од вкупна моќност над 30MW како на земја така и кров, а до крајот на годината во план сме да инсталираме уште најмалку 30MW.
Македонија во просек има околу 280 сончеви денови и 1500 киловат часови сончево зрачење, што е 30 проценти повеќе од европске земји. Сонцето е бесплатен и еколошки чист извор на енергија што треба максимално да го искористиме како во економијата така и во домаќинствата. Јас и мојот тим продолжуваме посветено да работиме за поголема енергетска независност, а со тоа поздрава и почиста животна средина.