Супермасивната црна дупка создала досега невидена ѕвездена трага, оставајќи зад себе „прашина“ од новородени ѕвезди долга околу 200.000 светлосни години
Американската вселенска агенција НАСА предупреди дека низ универзумот се пробива супермасивна „залутана“ црна дупка, опишувајќи ја истата како „невидливо чудовиште на слобода“.
Масивната црна дупка се пробива низ универзумот толку брзо што ако би била во нашиот Сончев систем, според НАСА, би можела од Земјата до Месечината да стигне за само 14 минути.
„Има невидливо чудовиште на слобода, кое толку брзо се пробива низ меѓугалактичкиот простор што ако беше во нашиот Сончев систем, можеше да патува од Земјата до Месечината за 14 минути“, напиша НАСА во соопштението.
Супермасивната црна дупка создала досега невидена ѕвездена трага, оставајќи зад себе „прашина“ од новородени ѕвезди долга околу 200.000 светлосни години, односно два пати поголема од дијаметарот на Млечен пат.
Професорот Питер ван Докум од Универзитетот Јеил во САД, објаснува дека тоа што всушност се гледа е „будење“ зад црната дупка, односно настанува ладење на гасот кој е способен да формира ѕвезди.
„Невидливото чудовиште“ се наоѓа на еден од краевите од колоната на неговата галаксија, со неверојатно светол јазол на јонизиран кислород на најоддалечениот врв.
НАСА соопшти дека вакво нешто досега не било видено, а вселенскиот телескоп „Хабл“ сосема случајно ја снимил ретката глетка.
Црната дупка тежи околу 20 милиони пати повеќе од Сонцето и најверојатно е предизвикана од ретка, бизарна „игра“ на повеќе судири помеѓу три масивни црни дупки.
Научниците веруваат дека „залутаната“ црна дупка била ослободена откако две галаксии се споиле пред околу 50 милиони години, по што се судриле и со трета галаксија со своја масивна црна дупка, па така, трите формирале „хаотична и нестабилна конфигурација“.
Следен чекор е со помош на телескопот Џејмс Веб да се потврди објаснувањето зад оваа црна дупка, велат од НАСА.
Извор – Мета
Фото – Pixabay