Цветни дезени за пролет? Да…знам, ОК, но дајте да зборуваме за нешто пореволуционерно. На пример за жени облечени во цветови.
Во 2018, на пролетната ревија на Moschino, Jeremy Scott ги облече Gigi Hadid, Anna Cleveland, Joan Smalls, & Kaia Gerber во цветови. Тоа за некои беше надреалистички пресврт што значеше намигнување на тој пренакитен стил на Franco Moschino низ историјата, но и на некои исто така големи модни креативци.
Кој следел мода знае дека покрај употребата на бубачки, пеперутки и мотори….славниот Thierry Mugler ги облече своите модели во ружи со вилински коњи на главите. John Galliano ја трансформираше Viviane Orth во каранфил, а Michelle Alves во орхидеја за есенските колекции на Christian Dior 2010. А Alexander McQueen ја претвори Tanya Dziahileva во вистински букет кој прошета на пистата во далечната 2007.
Јагода Пачемска, имав шанса да ја запознаам пред повеќе години, можеби 10, кога на хиподромот на Коњичкиот клуб Дона во Радишани, изработи неверојатни шапки и еден цветен фустан кои ги носеа модели грациозно покрај елегантните коњи. Ревијата беше од хуманитарен карактер, гостите имаа впечаток дека се некаде во Британија, а не кај нас … и не можев да верувам што сѐ една личност може да направи од цвеќе.
На годинешниот Моден викенд во Скопје, после подолга пауза повторно ја сретнав Пачемска која го имаше финалето на викендот, појавувајќи се на самиот крај со фустани целосно изработени од цвеќе.
FA-BU е нејзиниот бренд, а таа е дамата од истоименото арт-студио за цвеќе лоцирано во Велес, која покрај секојдневната работа да создава фантастични букети и необични цветни аранжмани, изработува несекојдневни фустани од свежо цвеќе.
Ова се креации кои го одземаат здивот, а Пачемска секогаш инспирирана од убавината која ја дава природата преку цветови и зеленило, како и нежноста која тие ја имаат открива креации за кои не сте ни сонувале. Фустаните од цветови се иновација, која е нова димензија во модниот дизајн кај нас. Ова се и еко френдли креации, зошто цветовите од вашиот фустан можат да се стават во вазна или да се компостираат по нивната употреба.
Новинарка | Љубица Ангелкова
Фотограф | Гјоргиј Ристоски
Кога започна вашата љубов кон цвеќето, како предмет на интерес од кој ќе создавате свои верзии на убавото?
Откако решив која ќе биде мојата професија, односно токму 24год. трае мојата љубов кон цвекето. Едноставно ме инспирира неговата нежност и убавина..па така и започнав да создавам несекојдневни креации и разни уметнички дела од него.
Кога го направивте првиот фустан од цвеќе?
Пред 15год јас го изработив првиот фустан од свежо цвеќе наменет за излогот на моето цветно арт студио FA BU. Потоа добивав нарачки за излози во бутици, за на крај да посакам да ги видам моите креации и на живи модели, односно манекенки.
Правите и аксесоари?
И тоа oдеше паралелно, тие се дел од моите креации, така да изработувам и накит, ташни, чевли.
Колку долго работите на една креација?
Временскиот период на една креација ми е од 2 до 5 часа најдолго, зависно од моделот кој го изработувам и типот на цвекето што го употребувам. Тоа е процес кој мора брзо да се работи, заради свежината на цвеќето која е ограничена. Повеќе часови, денови, па и недели трошам на развивање на концепт што и како сакам да направам и постигнам.
Кој е најкомплицираниот фустан кој сте го направиле?
За мене комплицираноста е предизвик. Јас едноставно уживам во изработката на секој модел што сум го изработила досега и било која друга креација и колку да била комплицирана, за мене била уживање, зошто така се чувствувам додека ги изработувам. Мојата работа е чиста љубов и задоволство.
Ваши креации биле дел од хуманитарни аукции?
Да, сум имала неколку од кои би ја издвоила ревијата од хуманитарен карактер која се одржа во коњички клуб ДОНА во Радишани за време на еден коњички меѓународен натпревар. Одлично помина, со голем интерес и воодушевување од присутните гости. Таму се преставив со 22 шешири и еден фустан изработени од свежо цвеќе. Но, покрај тоа беа изработени и венчиња за сите дами од публиката.
Долги години соработувате со Света Богова Јовановска од Модниот викенд, годинава имавте можност да го затворите шоуто од Bridal night. Многу аплаузи од публиката за вашите креации…се има ли храброст кај нас да се носи фустан од цвеќе?
Света…Света Јовановска е личноста која ме пласираше на пошироката јавност.
Морам да се навратам малку наназад. Водена од желбата моите креации да се видат дека освен што убаво изгледаат, тие се и носиви, стапив во контакт со неа и ми се случи МОДЕН ВИКЕНД. Оттогаш па наваму нашата соработка е постојана. Таа е веќе едно долгогодишно пријателство. И на мое задоволство ја имав честа да го затворам овогодишното шоу со две мои цветни креации во кои уживаа присутните.
Кои се вашите клиенти?
Личности кои сакаат убаво на природен начин. Интересот е голем..но како храбра личност би издвоила една клиентка која својот 40-ти роденден го прослави во моја креација.Нејзините зборови беа дека од било кој бренд да купи парче, немало да се чувствува толку уникатно.
Фустан од цвеќе е еко-мода. После носењето цвеќето се употребува за украс во домот, а на крај може да се компостира. Моите клиенти се личности кои знаат да ја препознаат уметноста во моите креации,и вистински уживаат во неа
И не само тоа, нивната доверба ме прави покреативна. Тоа се луѓе кои ги сакаат цвеќето и природата. И со гордост и благодарност можам да кажам и тие се причина за моите успеси.