Согласно најновите објавени податоци за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба во 2022 година на Народната Банка на Република Северна Македонија, вредноста на вкупните трансакции направени кон интернет продавниците од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички изнесува 33,836.8 милиони денари или 550.2 милиони евра, односно бележи пораст од 25% во однос на 2021 година. Притоа, вредноста на направените вкупни е-трансакции од правните лица во 2022 година растат со побрзо темпо, односно има пораст од 32.6% во однос на минатата година и со тоа во 2022 година учеството на правните лица во вкупните онлајн трансакции достигна 30%. Се зголемува и бројот на вкупните онлајн трансакции, но со помал интензитет на пораст односно 14.2% во однос на 2021 година и тоа кај правните лица за 18.2%, а кај физичките лица за 13%.
Поголемиот пораст на вредноста на направените онлајн трансакции од бројот на трансакциите ја зголемува и просечната вредност по транскација во 2022 година на 2,026.2 денари односно за 10.2% повисока во споредба со 2021 година. При тоа растот на просечната вредност е поголем кај правните лица каде што просечната трансакција се зголемува за 12.2% и изнесува 2,624.6 денари, додека кај физичките лица е помал порастот на просечната трансакција (8.9%) и изнесува 1,843.6 денари. Во 2022 година може да се забележи дека вредноста на вкупните онлајн трансакции е скоро рамномерно распределен по квартали, односно само во третиот квартал се остварени 134.5 милиони евра, додека во останатите три квартали вредноста се движи околу 138 милиони евра. Во однос на претходната година најголем пораст е остварен во вториот квартал од 2022 година односно 33.4%, а најмал раст е остварен во четвртиот квартал односно 17%.
Вредност на вкупно реализирани онлајн трансакции (во милион евра) во 2021 и 2022 година по квартали и пораст во однос на истиот период минатата година
Извор: НБРСМ
Вкупните онлајн трансакции по месеци исто како и по квартали немаат големи отстапувања и се движат во вредност од 43.2 милиони евра во јануари 2022 година до 49.2 милиони евра остварени во март 2022 година. Она што се забележува е промената во структурата на учеството на домашните картички кон домашни е-трговци и кон странски е-трговци во вредноста на вкупните трансакции. Во февруари 2022 година е забележано највисоко учество на вредноста на направените трансакции од домашни платежни картички кон домашни е-трговци од 75.6%, кое постепено опаѓа и е најниско во август, кога изнесува 62.3%, а за сметка на тоа се зголемува учеството на вредноста на онлајн трансакциите направени кон странски е-трговци на 33.5%. Учеството на странските картички кон домашни е-трговци и во 2022 година исто како и во 2021 година има константно учество од околу 4%.
Вредност на онлајн трансакции (во милион евра) во 2022г. според потеклото на картичката и трансакцијата и нивно учество во вкупната вредност (по месеци)
Извор: НБРСМ
Промената на учеството на вредноста на направените онлајн транскации кон домашни е-трговци во вкупната вредност се должи на зголемениот раст на вредноста на направените е-трансакции кон странски е-трговци. Имено, во 2022 година вкупната вредност на направени е-трансакции кон домашни е-трговци направени и од домашни и од странски купувачи изнесува 24,232 милиони денари или 394 милиони евра што преставува пораст од 18% во однос на претходната година. Македонците во странство со платежни картички на виртуелни продажни места оствариле трансакции во вредност од 9,604 милиони денари или 156 милиони евра што преставува раст од 46.3% во однос на 2021 година.
Домашната понуда во е-трговијата продолжува да расте и понатаму, односно бројот на новоотворени онлајн продавници бележи раст од 14% во 2022 година. Во текот на 2022 година се отвориле 269 нови виртуелни (интернет) продажни места, со што вкупниот број на е-продажни места заклучно со крајот на 2022 година изнесува 1891.
– “Е-трговијата во Република Северна Македонија следено преку вредноста и бројот на направените онлајн транскации на виртуелни продажни места продолжува со тренд на раст. – Вредноста на вкупните онлајн трансакции во 2022 година изнесува 25% во споредба со истиот период минатата година, а очекувано е дека онлајн трансакциите кон странски е-трговци забележаа поголем пораст. Следствено на тоа, се намалува учеството на транскациите кон домашни е-трговци во вкупните онлајн трансакции. Но, остварениот пораст на вредноста на онлајн трансакциите кон домашните е-трговци во 2022 година од 18.4% во однос на 2021 година, како и зголемувањето на понудата со нови 239 интернет продажни места ни дава позитивни сигнали за домашната е-трговија, како на страната на побарувачката така и на страната на понудата. Продолжуваме будно да го следиме прогресот и развојот на е-трговијата, како и да преземаме соодветни активности и иницијативи за унапредување на климата за македонската е-трговија.” – вели Претседателката на АЕТМ, д-р. Нина Ангеловска.