Винаријата „Лазар“ ја поставува Тиквешијата на мапата на европскиот вински туризам

- Advertisement -

Спојот на висококвалитетно вино, врвно гастрономско доживување, преубав поглед на лозови насади и удобно сместување е синоним за винаријата „Лазар“ лоцирана буквално во срцето на Северна Македонија. Близината, пак, на археолошкиот локалитет „Стоби“ до кој може да испешачите за неколку минути го прави овој сместувачки и угостителски капацитет навистина уникатен.

Ако до пред неколку години констатиравме дека има голема потреба од сместувачки капацитети во близина на производството на вино, денес оваа винарија докажува дека овој концепт особено за љубителите на вино е навистина атрактивен. Затоа, и престојот во „Лазар“ може да опфати дегустација на нивните вина преку винска едукација, искомбинирано со квалитетно сместување во истиот објект.

- Advertisement -

Активностите кои се спроведоа во „Лазар“ под покровителство на Проектот за локална и регионална конкурентност опфатија:  реконструкција и опремување на 6 апартмани, реконструкција на кујна, ресторан и летна тераса, набавка на опрема за кујна и ресторан со капацитет за опслужување на 50 посетители, реконструкција на продавница за вино, традиционална храна и сувенири, партерно и хортикултурно уредување во околината и поставување на патокази лоцирани на клучката на влез и излез од автопатот.

Општ светски тренд е винариите да овозможат љубителите на вино да можат да ги дегустираат вината на местото каде што се создаваат. Во време на глобализација и доминација на големи системи и индустриски производители, навистина е тешко малите артисан производители да имаат можност да допрат до пазарот. А кога на тоа ќе се додаде општата конфузија со ковид, нашата инвестиција во вински туризам беше вистински погодок. Без лажна скромност, можеби и спасоносна за нашата винарија, поради тоа што нашата продажба беше 90% во хорека-синџирот, односно во ресторани и хотели. Ограничувањата во време на ковид значеа и енормно намалување на нашата продажба. Со отворањето на ресторанот и хотелот искрено сметам дека беше нашиот спас од банкрот. А од друга страна овозможивме огромен број на консументи на вино да нè пробаат на лице-место и да станат наши верни клиенти. Имиџот и квалитетот на нашата компанија се подигнаа и се проширија и тоа овозможи одлична континуирана продажба и по ковид-периодот. Сега веќе размислуваме за проширување на нашата туристичка понуда, како и за зголемување на производството на вино, велиЛазар Ристов, менаџер и сопственик на винаријата „Лазар“.

- Advertisement -

Несомнено инвестициите во овој проект придонесоа не само да се подобри пазарната позиција на оваа винарија, туку и да се збогати туристичката понуда во Тиквешкиот регион кој е познат вински регион, за кој во последно време има значително зголемување на интересот на странските но и на домашните туристи.  А тоа на крај, секако, води кон зголемување на потенцијалот за локален економски развој. Инвестиции од ваков вид директно влијаат и на зголемувањето на винската култура и поставување на Република Северна Македонија на мапата на вински туризам.  

Во реализацијата на овој проект беа вложени 201.101 евро, од кои 100.473 евра од Европската Унија и Владата на РСМ, а 100.628 евра се средства инвестирани од страна на сопствениците на винаријата.  

- Advertisement -

Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) беше проект финансиран од ЕУ насочен кон подобрување на придонесот на туризмот кон локалниот економски развој.

Сподели!
- Advertisement -