Извештајот на УНФПА посочува на јакнење на стравовите за населението и повикува радикално да се преиспита како земјите се справуваат со демографските промени
Стравовите за населението се широко распространети и владите сè повеќе усвојуваат политики насочени кон зголемување, намалување или одржување на стапките на фертилитет. Но, напорите да се влијае на стапките на фертилитет најчесто не се ефикасни и може да ги поткопаат правата на жените, се наведува во Извештајот на УНФПА за состојбата на светското население за 2023 година, објавен денеска.
Извештајот „8 милијарди животи, бесконечни можности: случај на права и избори” повикува на радикално преиспитување на тоа како се обликува бројот на населението, апелирајќи до лидерите да ги напуштат преобемните наративи за бумот и падот на бројот на населението. Наместо да прашуваат колку брзо луѓето се репродуцираат, лидерите треба да прашаат дали поединците, особено жените, имаат можност слободно да носат одлуки за своето репродуктивно здравје – прашање чиј одговор, премногу често, е не.
„Женските тела не треба да бидат заробеници на целите за населението,“ вели д-р Наталија Канем, извршна директорка на Фондот за население на Обединетите нации -УНФПА. „За да изградиме просперитетни и инклузивни општества, без оглед на големината на населението, мора радикално да преиспитаме како ги планираме и зборуваме за промените на населението.“
Неверојатни 44 проценти од жените кои имаат партнер, во 68 земји чиишто податоци се наведени во Извештајот, немаат право да донесуваат информирани одлуки за своите тела кога станува збор за планирање на семејството и барање здравствена грижа. Исто така, околу 257 милиони жени ширум светот имаат незадоволена потреба за безбедно и сигурно планирање на семејство.
Историјата покажа дека политиките за фертилитет што се дизајнирани за зголемување или намалување на наталитетот најчесто не се ефикасни и можат да ги поткопаат правата на жените. Многу земји воведоа програми за креирање поголеми семејства нудејќи финансиски стимулации и награди за жените и нивните партнери, но и покрај тоа, нивните стапки на наталитет се под две деца по жена.
Планирањето на семејството не смее да се користи како алатка за постигнување на целите за фертилитет – тоа е алатка за зајакнување на поединците. Жените треба да имаат можност да бираат дали, кога и колку деца би сакале да имаат, без да бидат принудени од експертите и службениците.
„Алармизмот што доминира во јавните дискурси за стапките на фертилитет претставува вистински ризик и нè спречува да најдеме конструктивни решенија за сериозни, но решливи проблеми. Исто така, ризикува тоа да стане причина за одрекување на правата и телесната автономија на жените и девојчињата,“ вели Флоренс Бауер, директорка на Регионалната канцеларија на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија.
Извештајот препорачува владите да воспостават политики чија суштина ќе бидат родовата еднаквост и правата, како што се програми за родителско отсуство, даночни кредити за деца, политики што промовираат родова еднаквост на работното место и универзален пристап до сексуално и репродуктивно здравје и права. Тие нудат докажана формула што ќе произведе економски дивиденди и ќе доведе до отпорни општества способни да напредуваат без разлика на промените на населението.
Клучни факти и бројки за состојбата на светското население за 2023 година:
- Според податоците од 68 земји, 11 проценти од жените кои имаат партнер немаат можност да донесуваат одлуки за планирање на семејството;
- Истражувањето спроведено во осум земји покажа дека поголема е веројатноста луѓето кои биле изложени на медиумски написи или разговори за светската популација, да го сметаат глобалното население за преголемо;
- Глобалната демографија брзо се менува – две третини од луѓето живеат во средини со низок фертилитет, додека осум земји ќе имаат половина од проектираниот раст на глобалното население до 2050 година (Демократска Република Конго, Египет, Етиопија, Индија, Нигерија, Пакистан, Филипини и Обединета Република Танзанија), што драматично ќе го преуреди рангирањето на најнаселените земји во светот;
- Обвинувањето дека фертилитетот е една од причините за климатските промени не ги повикува на одговорност најголемите емитери на јаглерод диоксид. Од 8 милијарди луѓе, околу 5,5 милијарди не заработуваат доволно средства односно околу 10 американски долари дневно, за да можат значително да придонесат за емисиите на јаглерод диоксид;
- Една неодамнешна студија на ОН покажа дека поголемата родова еднаквост во работната сила ќе придонесе многу повеќе за да се одржат економиите во општествата што стареат и се со низок фертилитет, отколку поставување цели со кои жените имаат повеќе деца.
За Извештајот за состојбата на светското население:
Извештајот за состојбата на светското население е публикација на УНФПА што се објавува секоја година од 1978 година до денес. Оваа година, Извештајот вклучува придонеси од два партнери на Обединетите нации – Меѓународната организација за миграции и Одделението за население при Одделот за економски и социјални работи.
- Извештајот на УНФПА за состојбата на светското население може да го преземете од: https://northmacedonia.unfpa.org/en/publications/8-billion-lives-infinite-possibilities-case-rights-and-choices
За повеќе информации за УНФПА, посетете ја: www.unfpa.org.
(фото: unfpa.mk)