Државата ќе субвенционира фотоволтаици и сончеви колектори

- Advertisement -

Граѓаните ќе можат да добијат до 80 илјади денари за фотоволтаици, 20.000 денари за ПВЦ-прозорци и 15.000 денари за сончеви колектори. Целта е што повеќе да се користи сончевата енергија.https://p.dw.com/p/4QLea

Со буџет од 70 милиони денари, државата ќе ги стимулира граѓаните да поставуваат фотоволтаици и сончеви колектори за производство на електрична и топлинска енергија, но и да ги заменат старите со нови ПВЦ или алуминиумски прозорци, со цел да ја подобрат енегетската ефикасност на своите домови. 

- Advertisement -

Министерството за економија ги објави повиците за субвенционирање на домаќинствата во рамките на програмите за поддршка на енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. „Најважно за нас како Влада е да го заштитиме стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите и дека никој нема да биде оставен сам да се справува со кризата“, порача денеска министерот за економија, Крешник Бектеши на прес-конференција во Владата. 

Стимул да се користи сончевата енергија

- Advertisement -

Над 1.200 домаќинства, кои годинава ќе купат и вградат ПВЦ или алуминиумски прозорци во домовите, ќе може да добијат поврат на средства во висина до 50 отсто, но не повеќе од 20 000 денари по домаќинство. За оваа мерка, во буџетот на Министерството за економија предвидени се вкупно 25 милиони денари. Условот е апликантите досега да не користеле средства за оваа мерка.

Државата го стимулира и што поголемото користење на сончевата енергија. За таа цел, по една година пауза поради кризата, повторно ќе се надоместуваат дел од трошоците за купување на сончеви термални колекторски системи во домаќинствата. За  годинава предвидени се вкупно 15 милиони денари за над 1.000 домаќинства, а кофинансирањето на Министерството за економија ќе биде во висина до 30 отсто и не повеќе од 15.000 денари.

- Advertisement -

Со цел стимулирање на домаќинствата за користење на обновливи извори на енергија, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, граѓаните кои ќе купат и инсталираат фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до 6 kW за сопствена потрошувачка (на градба на која имаат право на сопственост или користење), Министерството за економија ќе им обезбеди поврат на средства во висина до 30 %, но не повеќе од 80.000 денари по домаќинство. Државата за оваа намена ќе издвои 30 милиони денари за околу 370 домаќинства. Право на учество на овој јавен оглас ќе имаат лицата кои имаат купено и инсталирано фотоволтаици во периодот од 01.01.2023 година до 31.10.2023 година. 

Извор- Дојче Веле

Сподели!
- Advertisement -