Љубовта кон природата ги споила Фросина Лазаревска, Фросина Краљевски и Сара Александровска, кои денеска ја потпишуваат органската козметика „Игнеа“. Иако сите се со различни професии, заедно со нивната надворешна соработничка Јана Цветковска- Лазаревска, веќе седум години ја собираат убавината од нашата недопрена природа и од билките создаваат уметност наменета за нега на нашата кожа. Освен козметика, тие одгледуваат и органски зеленчук и овошје, а се занимаваат и со пошумување.
Фросина Лазаревска, во име на тимот на „Игнеа“ за Иновативност ја раскажа нивната приказна.
Новинар – Сања Наумовска
Фросина, раскажете ни како започна приказната на козметиката „Игнеа“?
Зародишот на „Игнеа“ е поврзан со мала група на жени, освестени за злото што си го правиме самите себеси со загадувањето на средината, кои решија да купат парче земја, да ја ослободат од пестициди, да насадат дрвја и да бидат пример за тоа, како треба да се живее со здрав воздух на здрава почва во склад со природата. Ако козметиката е храна за нашиот најголем орган, кожата, ако ние сакаме здраво да се храниме, тогаш во изборот секако дека ќе се најде и здрава природна козметика која што во мали теглички ги збрала сите благодети од мајката земја.
Игнеа постои уште пред седум години, само што тогаш не знаевме дека така ќе се вика. Потоа едноставно дојде моментот кога не можевме да ја чуваме „само за себе“, па и дадовме име и ја пуштивме во продажба. Средствата што ги добиваме од неа ги вложуваме во одржување на „Еко Велнес комплексот Игнеа“ каде што одгледуваме овошје и зеленчук, но и за пошумување на околината. Јас, Фросина Лазаревска, заедно со Фросина Краљевски и Сара Александровска сме тројката вклучена во активностите на Игнеа, а голема благодарност и до нашата надворешна соработничка, Јана Цветковска Лазаревска.
Какви производи има во вашето портфолио, како и каде можат да се најдат?
Производите се наменети целосно за лична хигиена и одржување на виталноста на кожата. Тука, пред се, е кремата за лице која што во комбинација со серумот дава ефект на природен ботокс за здрава и цврста кожа. Тајните на билките содржани во стари записи на развиените општества во минатото, преточени се во нашите темнобраон стакленки, еликсири на „здрава убавина“. Тука се и путерите за тело од кои дел се справуваат и со болестите на денешнината- целулитот и стриите, потоа пилинзи, сапуни за секој ден и медицински сапуни, шампон и маска за коса и еден сосема нов производ, дезодоранс кој што не го спречува потењето само природно го неутрализира мирисот и ја одржува кожата нежна. Изработуваме и сет производи кои се покажаа успешни против појава на акни. Сите овие продукти во моментот може да се најдат на нашите профили на ФБ- Ignea Cosmetics -Eco/Organic и Инстаграм- ignea_cosmetics_mk . Годинава планираме да ја отвориме и првата продавница на Игнеа во Куманово.
Дел од суровините самите ги произведувате, а дел ги наоѓате во нашата недопрена природа. Може ли да ни кажете што користите и како ги обработувате билките?
Голем дел од производите кои се потребни за изработка на козметиката сами ги одгледуваме. Тоа се билки на нашиот имот како и билки кои раснат во околните ридови во таа недопрена незагадена природа и од нив изработуваме се она што ни е потребно како додаток на оригиналните рецептури кои се создавани во последните години. Она што ја прави „Игнеа“ квалитетна во поглед на предзнакот органска, е тоа што останатите материјали за изработка, билните путери, етерични масла и се останато, ги набавуваме од сертифицирана фирма од Париз, Франција. Инаку, сакам да нагласам дека сите наши производи се пратени на анализа во нашето Министерство за здравство од каде имаме добиено сертификати за квалитет.
Во последните години купувачите покажуваат многу поголема свесност за производите што ги користат. Какво е вашето искуство, потребна ли е поголема едукација за тоа што значи органска и природна козметика?
Секако дека е потребна едукација ,бидејќи луѓето се уште не се доволно свесни што внесуваат преку кожата во своето тело. Токсини, метали, нафтени деривати, сулфати и да не набројувам што уште не, материи за кои веќе има испитувања кои покажале дека се многу штетни, а дел од нив и предизвикувачи на опасни болести. Составот на таквите производи, ако и успееме да го прочитаме со лупа, скоро и да не ни кажува ништо. Луѓето се лаици, немаат претстава какви отрови мачкаат по телото. Сметам дека тука треба сериозно да се поработи на едукација од страна на лекарите.
Што најмногу бараат купувачите? Кој ви е најкупуваниот производ?
Меѓу најбараните ни се производи кои се декларираат во борба против староста, брчките, опуштената кожа, тоа е нешто што во моментот е број еден од козметиката. Нашите корисници најчесто се соочуваат со сува дехидрирана кожа која во најголем дел е исушена заради секакви креми со сомнителен квалитет кои се нудат на пазарот. Велат дека и кај познатите брендови има огромна разлика во квалитет на оние купени во западноевропските земји од истите кои што се наоѓаат на рафтовите на дрогериите во државата. Тука би апелирале да се спроведе поголема контрола на квалитет. Инаку, истите тие креми ги користат и помлади лица како превенција од создавање на брчки и здрава нега на младата кожа бидејќи сите единици во составот на кремата се природни и вегански.
Дали органската козметика станува дел од секојдневната нега или пак ја бараме само ако имаме проблем со кожата?
Луѓето со повисоко ниво на свесност за здрава козметика, секојдневно користат органски препарати додека голем дел од корисниците се јавуваат само во случај на нужда, кога веќе ни медикаментите не даваат резултати при разни видови дерматити. Секако дека еден дел од потрошувачите нарачува од љубопитност бидејќи некако „модерно“ стана во последно време да се купува органско и се радувам што конечно здравите работи почнаа да стануваат актуелни.
Како вашиот бизнис се вклопува во идејата за социјално претприемништво?
Социјално или солидарно претприемништво е една нова бизнис компонента во македонското општество. Законот кој ќе ги содржи регулативите за работење се уште не е донесен, но и покрај се, сметаме дека грижата за природата и за луѓето треба да биде ѕвезда водилка за било кој бизнисмен. Не мора да има бенефити за да учествува со дел од профитот во залагање за општествена и човечка добробит, да вработува лица од маргинализирани групи, колку е во можност и совесно да се грижи за природата.
Планирате ли да се проширувате, кои пазари се вашата цел?
Сите сили и енергија ќе ја вложиме во промоција на производите на „Игнеа“ во рамките на нашата земја. Во споредба со квалитетна увозна органска козметика, ние сме релативно поевтини па би сакале нашите луѓе да можат и при таков низок стандард да користат здрави производи. Инаку, Игнеа веќе е препознаена како квалитетен бренд меѓу нашите гастербајтери кои што при секое доаѓање во државата си земаат количини кои им се доволни до наредната посета на Македонија. Тука се Америка, Германија, Шведска, Швајцарија, потоа Хрватска и Србија.
Какви се вашите планови за во иднина, ќе правите само козметика или сакате и нешто повеќе?
Козметиката ни е милениче на кое со радост му се посветуваме и ќе продолжиме со таков ентузијазам. За годините што доаѓаат ми се чини дека не носат нешто подобро. Доволно е да изгледате дневни новости и да процените дека светската криза најмногу ќе ги погоди сиромашните земји не само по скапотијата туку и по недостиг на храна. Затоа би порачале, секој кој што поседува земја и може да си направи своја градина, да насади и одгледува своја храна третирана само со природни препарати. Секогаш сме отворени за добар совет и споделување на знаењето што го стекнавме во последните неколку години работа по принцип на „Пермакултура“.