Во “UP HUB“ – Струмица се реализира бесплатна тренинг-програма за обука на тема “Дигитален Маркетинг“, финансирана од програмата ИПА
Како дел од програмата за работа на креативниот “UP HUB“ од Струмица, во тек е реализација на тренинг модул на тема “Дигитален маркетинг“. Оваа активност е дел од “SKILL UP“ програмата насочена кон подобрување на вештините и компетенциите на младите и поттикнување на нивниот професионален развој. Бесплатниот едукативен тренинг модул е наменет за млади лица до 30 години, кои имаат желба да се стекнат со нови, или да ги подобрат сопствените знаења и вештини во една од најбараните професии на денешницата.
По отворениот повик за пријавување, вкупно 29 млади лица со различни образовни позадини, нивоа на искуство и работен статус, ја започнаа двомесечната бесплатна тренинг програма. Во рамки на планираните 32 часа предавања и вежби, учесниците ќе имаат можност да се стекнат со теоретски и практични знаења од областа на дигиталниот маркетинг. Преку комбиниран процес на паралелно учење и работа на реални проекти, учесниците во соработка со предавачите имаат можност за директна примена во пракса на различни тактики и алатки кои имаат сé поголема примена во рекламирањето.
Конкретно, тренинг модулот опфаќа 3 сегменти: Предавања кои се одвиваат со сите учесници, интегрално; Практични вежби за работа на реални кампањи, поделени во групи; Учество на гости-предавачи кои ќе ги споделат своите практични искуства и знаења од областа на креирање и реализација на дигитални кампањи.
“Задоволство е кога на вакви креативни места може да се сподели знаење и искуство со млади луѓе кои имаат желба да слушнат и научат нешто повеќе. Подготвивме програма која, покрај теоретскиот дел, опфаќа практична примена на алатките со кои во денешно време се маркетира и рекламира. Дополнително, предизвик е кога пред себе имате амбициозни и вредни слушатели кои очигледно, од покажаниот интерес, имаат верба и мотивација за развој – личен и на нашето општество“, потенцираше предавачот на тренинг модулот, Иван Димитров, Раководител на секторот за Дигитален Маркетинг @mccannskopje.
Специјални гости во реализација на програмата се: Сашко Коцев, Актер, учесник во голем број рекламни кампањи, Кристијан Станковски – Бомбакис, креатор на содржини за дигитални медиуми и основач на Картон.мк и Позитива Македонија и Стефан Нанев, основач на “YouTube“ каналот @HeatCheck“, кој третира анализи од НБА лигата и има повеќе од 600.000 следбеници и над 90 милиони прегледи.
Тренинг модулот за Дигитален маркетинг се финансира преку ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Грција и Република Северна Македонија.
“UP HUB“ е креативен хаб – иновативна средина создадена за поттикнување професионален развој на младите луѓе. Визијата и фокусот се насочени кон младите и други креативни лица кои имаат желба да работат на сопствениот развој, низ принципот на доживотно учење и со тоа ќе го подигнат личниот интелектуален капацитет што значи дополнителна мотивација да конкурираат на работни места или пак започнување сопствен бизнис. Главната цел на “UP HUB“ e поддршка во правец на стекнување нови или подобрување на постоечки вештини, како и иницирање идни соработки преку обединување на креативни лица од различни профили. Во “UP HUB“, креативноста се подразбира како процес кој го потенцира пристапот и размислувањето, начинот на работа и дејствување, односно, практики за подобро справување со професионалните предизвици. Оперативно, хабот е структуриран во четири комплементарни програми за едукација, развој, вмрежување, соработка и личен напредок: MEET UP (програма за вмрежување преку едукативни настани со искусни гости и говорници); SKILL UP (тренинг програма за личен и професионален развој на млади лица); TEAM UP (програма за воспоставување партнерства и соработка); LEVEL UP (менторска програма). Социјални мрежи: https://www.instagram.com/uphub_strumica/; https://www.facebook.com/uphub.strumica; https://www.linkedin.com/company/up-hub-strumica/