Објавен Конкурсот за стипендии за студии на првите 100 универзитети од Шангајската листа
Насловна › Вести › Актуелно › Објавен Конкурсот за стипендии за студии на првите…11.05.2023 Одбери категорија Актуелно Бизнис вести Анкети и истражување Успешни приказни Издвоени огласи Занимливости
Министерството за образование и наука објави Конкурс за доделување седум стипендии за прва година додипломски студии во странство за академската 2023/2024.
Кандидатите треба да се запишани во областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финансиите, физиката, биологијата, хемијата, медицинските науки и генетиката на еден од првите сто рангирани универзитети, согласно последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при шангајскиот Џио Тонг универзитет.
На корисникот на стипендија му се надоместуваат трошоците за уписнина во висина од најмногу 40.000 американски долари годишно, еден авионски билет на почетокот на студиите, еден авионски билет по завршување на студиите или еден повратен авионски билет, а месечната стипендија се исплаќа согласно Решението за утврдување на начинот на пресметка на трошоците за месечна стипендија на студенти кои студираат во странство за академската 2023/2024 година на прв циклус студии (врз основа на Листата на индекси на малопродажни цени за животни трошоци, која е објавена од Обединетите нации). Секој износ над наведената сума за уписнина ќе биде на товар на студентот.
Меѓу условите наведени во Конкурсот се кандидатот да има завршено соодветно средно образование и до денот на пријавувањето да остварил успех од најмалку просечна оцена 5.00 од сите предмети во текот на средното образование и да е примен на додипломски студии од прв циклус првпат во прва година во академската 2023/2024 година на еден од првите сто рангирани универзитети од наведените области според последната објавена Шангајска листа.
Избраниот кандидат со договор ќе се обврзе дека доколку ја добие стипендијата, за секоја година помината на студии во странство ќе работи две години во Република Северна Македонија. По завршувањето на студиите и враќањето во државава, кандидатот е должен шест месеци да биде на располагање за вработување во органите на државната управа, како и во државните високообразовни и научни установи при што неговата работна позиција ќе биде соодветна на видот и степенот на неговите образовни квалификации.