Македонија во 21 век сѐ уште има 60 активни диви депонии. Европа бара стандарди и современ пристап кон ова прашање. За сите прашања поврзани со новините во управувањето со отпад, функционирањето на регионалните системи за управување со отпад, бенефитите, колективните постапувачи со отпад, селекција и рециклирање и развивање на позитивни навики одговара министерката за животна средина Каја Шукова во интервју за емисијата Агенда 35, кое го водеше Александар Јанев
Новинар – Александар Јанев
„Во моментов во земјава имаме примитивен систем на собирање, транспорт и депонирање на отпадот. Комуналните претпријатија се со помал капатицет, немаат соодветна опрема за собирање и транспорт и тие таа дејност ја извршуваат, но не според европските стандарди. Оштинските депонии не се во согласност со барањата на ЕУ. Тие не се санитарани депонии туку се одлагалишта на отпад, кои со тек на време мора да ги отстраниме и затоа пристапуваме кон изградба на централни и регионални депонии кои ќе бидат по европски стандарди. Тоа значи дека ќе имаме заштита на почвата, заштита на подземните води и на воздухот. Нема да се дозволува спалување или депонирање на неодредена ќелија, оти депониите вообичаено се составени од ќелии. Отворате една, ја полните, ја затворате и отворате друга. Затоа пристапуваме кон системот како што работи цела Западна Европа. Она што го бараме од граѓаните е да го намалат отпадот којшто ќе го депонираат во депониите затоа што тоа е во интерес на сите нас. Затоа постепено работиме на примарната селекција. Она што навистина може да се преработи како што се пластичните шишиња, хартијата, стаклото и другата амбалажа која може да се реупотреби. Затоа велиме дека одиме кон системи за менаџирање со отпад по европски стандарди.
Една од новините кои се очекува да се воведат од најдоцна идната година е промена на моделот на наплата за отпад – наместо по квадратура на земјиште ќе се наплаќа по направен отпад. На тој начин се надеваат дека се стимулира и селекција на отпадот.
Попластично ќе им го објаснам новиот модел на граѓаните. Да речеме, имате 100 квадратни метри простор на кој живее едно лице. Потоа имаме 100 квадратни метри на кои живеат пет лица. Кој произведува повеќе отпад? И едните и другите плаќаат исто – и тој што живее сам и таму каде што се пет лица на иста површина и ако продуцираат пет пати отпад. Затоа Регулаторната комисија сега ќе носи нова методологија за наплата на отпадот. Како што ја утврдуваат цената за водата и електричната енергија, така ќе ја утврдуваат и за отпадот. Ќе се движиме по региони бидејќи ќе имаме регионален пристап во управувањето со отпадот, што значи цената ќе се утврдува по региони. За граѓаните да направат помалку отпад и да платат помалку за тој отпад ќе ги стимулираме да прават примарна селекција на отпадот, а наша обврска преку оштините и јавните комунални претпријатија е тоа да го стимулираме, навремено да го собираме отпадот и да му го најдеме вистинскиот пат, односно не да заврши на депонија, туку кај оној што може да го преработува и потоа да пласира нов производ на пазарот.
Според последните податоци од Државниот завод за ревизија, само 1,4% од целиот отпад на годишно ниво е селектирана пластика, додека процентот на негово рециклирање е уште помал, односно помалку од 1%. Една од најсилните алки во процесот на селектирање на отпадот се т.н. колективните постапувачи, односно посебни компании формирани со закон за да ги собираат селектираните пластика, хартија и стакло.
Овие компании се многу важна алка бидејќи најпрвин се партнери на државата, ама се партнери и на граѓаните. Со години откако се формирани воспоставуваат инфраструктура за примарна селекција. Нема да ги именувам поединечно, ама мислам дека граѓаните веќе ги препознаваат. Сите контејнери во различна боја кои се поставени се поставени токму од колективните постапувачи. Од оваа година државата ќе им се приклучи на колективните постапувачии ќе набави и ќе постави контејнери во соработка со тие компании. Јас кога се состанав со колективните постапувачи седнавме и си рековме каде треба да си помогнеме едни на други. Каде имате вие недостатоци, а каде имаме ние недостатоци и да ги пополниме тие гапови и да направиме еден ефикасен систем. Во таа смисла, побаравме од нив да си ги доусовршат извештаите. Тие доставуваат извештаи, но некои од нив се подобри, а некои треба да се доработат. Да ги видиме средствата што ги прибираат, бидејќи тие собираат значителни средства, да ги здружиме и заеднички да настапиме. Затоа што кога секој работи поединечно, а не велам дека секој колективен постапувач не сака да помогне на секоја оштина, но кога ќе настапиме заедно и ќе направиме една слика за тоа каде има недостаток на опрема за примарна селекција, каде има недостаток на возила, каде има недостаток на друга опрема која што ќе помогне за подобро управување со отпадот, мислам дека системот ќе биде многу поефикасен.
Од годинава државата планира да засили својата поддршка во овој систем преку поголема финансиска поддршка за инвестирање и преку програма за отпад финансирана од парите собрани за пластичните кеси.
Она што е новина годинава е тоа што прв пат имаме програма за отпад. Имавме мали проекти до 5.000 евра или до 300.000 денари коишто работат на подигнување на јавната свест, на научно-истражувачки проекти, а сега имаме една поголема програма во рамките на која, како што ви напоменав, ќе набавиме контејнери за селекција. Собравме некаде околу 120 милиони денари, што е значителна сума. Сите тие пари ќе ги вратиме назад, односно ќе набавиме контејнери и ќе ги поделиме на сите општини во државата. Паралелно на ова ќе направиме и една јавна кампања, односно дел од средствата ќе ги потрошиме за зголемување на јавната свест. Сега разговараме тоа да биде нешто што лесно ќе го сфати граѓанинот, да биде интересно за од најмладите до најстарите. Да сфатиме дека секој има одговорност за отпадот, дека ние сме тие кои го продуцираме отпадот и сите заедно треба да управуваме со него. За жал, нашата држава се уште важи за држава каде што отпадот е голем проблем и не се собира, транспортира и депонира соодветно.
Јавната кампања ќе има голема обврска да ги едуцира граѓаните за штетните ефекти од расфрлањето на отпадот, особено пластиката, врз животната средина. Застрашувачки е фактот дека за да се разгради, на пример, едно пластично шише потребни се 450 години. Годишно околу 15 милиони тони пластика завршува во морињата и океаните, а микропластика е пронајдена насекаде околу нас, па и во водата од чешма. Во земјава се рециклира многу малку, но се прават напори тоа да се стимулира.
Ние треба да ги поттикнеме и да ги поддржиме приватните инвестиции, затоа што претежно имаме такви, иако изминатите години некои од јавните комунални претпријатија покажаа интерес и направија некој чекор напред во тој поглед. Меѓутоа, претежно се приватни иницијативи каде што од отпад се создава нов производ. Еве еден илустративен пример за граѓаните. Ние финансиравме еден мал занаетчија кој од отпадна пластика правеше повторно мали пластични производи, како на пример, тие малите одделувачи за плочки. Наместо да ги оптоваруваме депониите, тој од одредени места ја собираше пластиката, ја мелеше со посебни машини и повторно правеше производ за градежништвото. Значи има многу интересни идеи кои треба да ги поддржиме. Претежно се приватни и има неколку капацитети. Еве сега слушнав дека нова се отвора во Кавадарци, за која се чекаат дозволите за работа. Тоа ќе биде контролирано и точно ќе знаеме што ќе биде влезна суровина, а што ќе излегува од тие капацитети. Со добра координација и контрола можеме се да направиме.
Најслаба алка во системот за управување со отпад се локалните комунални претпријатија, коишто кубурат со средства и не секогаш можат да испорачаат квалитетни услуги. Дополнително, и самите општини немаат капацитет да се справат со предизвиците во оваа сфера.
Во согласност со законот имаме комисии коишто работат со општините, ја контролираме нивната работа и им помагаме во постапките коишто не ги знаат. Постојано им објаснуваме и им даваме примери како треба да работат. Во случај да немаат капацитети, ние преземаме на свој грб. Интегрираните дозволи се делат на А и Б. А ги издава државата, а Б ги издава општината. Кај оние општини коишто немаат капацитети да ја проведат таа постапка за издавање интегрирани дозволи таа обврска ја презема државата. Меѓутоа, не треба така да одиме во недоглед. Јавните комунални претпријатија и општините мора да ги зајакнат своите капацитети. Јас не велам дека секоја општина мора да има одделение и инспектор за животна средина, но може да се здружат во рамките на еден микрорегион. Едната општина нека има комунален инспектор, другата нека има инспектор за животна средина, а третата нека има, да речеме, пазарен инспекторат. Така се работи многу поедниставно и не мора секоја општина да има администрација од А до Ш. Регионалното здружување и решавање на проблемите се искуство коешто го има во целиот свет. Ајде да го примениме и кај нас. Ние постојано им кажуваме на оштините ако имаат недостаток на кадар дека не можат да направат ништо. Мораме да почнеме да соработуваме. Она што нема да го знаете ќе се обратите до Министерството за помош. Ние никогаш не сме одбиле ниедна општина, меѓутоа мора да се работи на капацитетите, мора да се ангажираат лица коишто имаат соодветно образование, коишто сакаат да учат и коишто сакаат да работат.
Колку сме ние блиску или далеку од европските стандарди кои важат за животната средина?
Како држава сме добри во носењето закони, односно транспонирање на европското законодавство во македонското. Тоа го правиме и на полето животна средина сме над 80%, можеби веќе и кон 90%. Добри сме во носење стратегии и планови, но слаби сме во имплементацијата на законите. Мислам дека тоа може да го види секој, особено во делот за управување со отпад и заради тоа државата последните две-три години виде дека веќе мораме да промениме некои работи. Затоа и пристапивме до ЕБОР и го зедовме заемот за да ги поместиме работите напред. Не е дека ништо не се спроведува. Има општини коишто се многу позитивни примери и се надевам дека другите ќе ги следат, меѓутоа животната средина бара многу инвестиции и ќе има голема тежина во преговорите со ЕУ и транзициските периоди.
Она што треба да го направиме сега и како министерство веќе се организираме е во процесот на скринингот. Гледаме до каде сме, што имаме направено, кои се нашите капацитети и на нашите партнери, бидејќи ние сами не спроведуваме ништо. Ние носиме закони и креираме политики, а сите останати ги спроведуваат. Пред се, локалните сампоуправи, бизнис заедницата, кои се дел од од нашите закони преку сите дозволи коишто ги добиваат од министерството, сите општини вклучително со јавните комунални претпријатија и секој граѓанин.
За да имаме добар систем за управување со отпад секој од нас мора да го плати надоместот. Имаме региони од државата каде што насобраниот надоместок за управување со отпад е 30%-40%. Со таков собран надомест не можеме да одиме во ЕУ. Секој мора да си ја исполни својата обврска, ама тоа значи ако сакате граѓанинот да ви плати надомест, треба да добие добра услуга. Ама за јавното претпријатие да ви даде добра услуга, вие мора да го платите надоместот. И она што не им се допаѓа на граѓаните е дека надоместоците не може да останат со вакви цени. 100, 150 или 20 денари месечно за управување со отпад е крајно ниска цена. Не велиме дека ќе се плаќа по 5.000 денари, ама секако ќе одат до 400, 500, 600 денари во зависност од тоа колку ќе продуцирате отпад. Затоа сега при воведувањето на новата методологија ние правиме паралелни мерки за да им дадем можност на граѓаните да го намалат количеството на отпад. Ако сакаме да отвориме преговори и да бидеме земја-членка на ЕУ навистина мора да заборавиме дека може да плаќаме по 100 или 150 денари за отпад, меѓутоа ќе биде во рамките на нормалните вредности. Ајде да го намалиме количеството отпад, ајде да селектираме, ајде да депонираме и што помалку да плаќаме и ќе си ја исчистиме државата.