На самиот почеток од третото продолжение на кампањата „Засади желба“ вчера пензиските друштва засадија „Пензиски парк“ во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје. Овој парк е десетти по ред од почетокот на кампањата со едукативен и информативен карактер со која Триглав пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Сава пензиско друштво а.д. Скопје сакаат на јавноста да ѝ ги доближат придобивките од членувањето во задолжителниот и доброволниот пензиски фонд.
Овој пат кампањата е насловена „Засади желба за одржлива иднина“ бидејќи ги спојува финансиската и еколошката добросостојба на населението како основа за поквалитетен живот во пензионерските денови.
Иако оваа година кампањата за информирање и едукација ја прошируваат со различни активности со кои ќе ја активираат заедницата во правец на одржливост, трите пензиски друштва продолжуваат со креирање „Пензиски паркови“ во дворовите на училиштата како веќе препознатлив белег за нивните напори за подигнување на свесноста за долгорочниот ефект од континуираното штедење.
Во текот на посетата на скопската гимназија претставниците на пензиските друштва се обратија со свои пораки до учениците, по што заеднички го засадија новиот „Пензиски парк“.
„Ќе почнам со една моја изјава од пред три години од почетокот на кампањата. Велат, ако размислувате долгорочно засадете дрво, а ако размислувате уште подалеку, тогаш едуцирајте ја младината. Ние преку различни активности се трудиме да ги постигнеме и двете.
Во име на трите пензиски друштва би сакал да го споделам моето задоволство што имам можност како поранешен ученик во оваа гимназија денес да застанам пред вас и да изјавам дека навистина сум горд, што успеавме да засадиме пензиски паркови во повеќе училишта и оваа активност да прерасне во традиција, оставајќи дополнителна вредност за идните генерации.
Нашата мисија е преку ваков тип на активности да ја покренеме вашата свесност и да ве насочиме и мотивираме да не застанете тука, туку постојано да трагате по нови информации и континуирано да вложувате во својата и иднината на вашите најблиски, бидејќи иднината е посигурна кога знаете повеќе.
Кога ќе го погледнете секое засадено дрвце од вашите училишни клупи нека ве потсети на одговорната улога што ја имаме сите ние, и дека секој чекор и најмала инвестиција ќе ни се врати во иднина. Сите ние посакуваме и работиме овие активности да прераснат во традиција и да бидат наш заштитен знак кој постојано ќе не потсетува на нашата одговорна улога во планирањето на иднината.“ – рече Маријан Николовски, член на Управниот одбор на Триглав пензиско друштво.
Во оваа прилика се обрати и директорот на СУГС гимназија „Никола Карев” – Скопје, Андреј Манолев.
„Сакам да изразам голема благодарност до пензиските друштва кои го одбраа нашето училиште, гимназијата Никола Карев – Скопје, да биде дел од кампањата Засади желба за одржлива иднина. Се надевам дека со овој позитивен пример заеднички ќе придонесеме младите да научат како да ја засадат својата иднина, да ја негуваат и да ги користат благодетите од неа. Токму ваквите општествено одговорни организации придонесуваат за подигање на свеста кај децата за здрава и еколошки чиста средина.
Ние како гимназија со години организирано ги одржуваме нашите дворни површини и го зголемуваме фондот на засадени дрвја и на тој начин активно учествуваме во здрава и чиста животна средина. Верувам дека оваа кампања ќе ги едуцира младите како и на кој начин да ја изберат, да ја негуваат и да вложуваат во својата иднина.
На крај сакам да апелирам до надлежните во пензиските друштва почесто да организираат акции од ваков вид, со што кај мадите уште повеке ќе се разбуди свеста за одржување и развој на иднината.“ – изјави Манолев.
Сите информации и активности поврзани со кампањата „Засади желба за одржлива иднина“ се достапни на веб страната www.penzija.mk
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk