Од визија до реалност! Kако се роди првиот болдер во Битола кој може да служи и како сцена за настани?

- Advertisement -

Како до нови височинина?

Ова е приказна за едно извонредно патување на пријателството, страста кон она што се сака, но и правење на позитивен импакт во заедницата.

- Advertisement -

Алек (Александар Јовановски) и Дуци (Влатко Деловски), се двајца другари. Прагматичноста на едниот кој е градежен инженер и работи на интересни проекти со компанијата Мембранинг од Скопје и непоколебливиот дух за авантура на другиот кој е магистер по културолошки науки и страстен вљубеник во болдеринг, беа добра комбинација да ги здружат силите за да создадат првиот болдер во Битола. И тоа не е само болдер – ѕид за качување…тој има и трибина која дава мултифункционалност на објектот кој ќе се користи и за спортски и за уметнички дејности и е лоциран во долниот дел на градскиот парк во Битола.

Дизајниран од извонредниот архитект Христијан Ивановски да ги инспирира и предизвика и сегашните и идните ентузијасти за болдеринг, но и за покренување на свеста какви објекти и содржини ни се потребни во јавните простори.

- Advertisement -

Ова е фантастична приказна за пример на едно цврсто пријателство, за болдерингот кој не е само пристигнување на врвот, тој е и движење и решавање на проблемот, како и на заедницата која те опкружува на тоа патување…

Новинарка Љубица Ангелкова

- Advertisement -

Можете ли да ја споделите инспирацијата зад проектот и како воопшто се роди идејата за болдерот во градскиот парк во Битола?

Влатко-Вдахновението…односно инспирацијата е „пророчка“ работа. Човекот- творец, обидувајќи се да ги задоволи своите вдахновенија некаде во иднината, често незадоволен од инертноста на системот и општеството, решава да ги преземе во свои раце работите и да пророкува…хаха се шегувам.

Сновејќи меѓу заспаното општество и раѓањето на своето дело, неретко процесот заминува во друга посока. Зборот ми е дека, болдерот немаше да постои, ако претходно како клуб не бевме извисени повеќе пати од различни субјекти за болдер во затворена сала. Но и Дон Кихот немаше да постои, ако не беше Санчо Панса – и обратно. Ако се обидам малку поконкретно да одговорам на прашањето, би рекол дека ваков тип на проекти се редовна пракса во европските метрополи, па, ете, заедно со архитектот Христијан Ивановски и градежните инженери Андреја Ѓурески, Наум Петровски, Александар Јовановски разработивме неколку модели што одговараат за во јавен простор. Накрај, бевме решиле да устоиме и да ја оствариме нашата замисла до крај од љубов за Битола. И ете, конечно, птицата веќе е во своето гнездо.

Кои беа некои од предизвиците со кои се соочивте во фазата на планирање и изградба на проектот и како ги надминавте?

Александар – Предизвиците секако дека беа големи. Идејното решение за проектот и буџетот беа дефиниран одамна, во меѓувреме се случија војната во Украина и рецесијата во Европа и дојде до голема промена на цените, но со големи напори и поддршка на дел од локалната заедница успеавме, да го завршиме проектот. Мембранинг, како општествено одговорна компанија, со целиот тим застана позади проектот и со целиот ентузијазам и сите свои ресурси, заедно со здружението Вертикал, успеа да ја комплетира изведбата на Болдерот. Покрај тоа што тимот на Мембранинг, беше целосно посветен на изведбата на сите детали од одредувањето на соодветна локација во паркот, изведба на земјените и бетонските работи, тродеминзионалната челична решетка на просторниот модел на болдерот, исто така се обрна посебно внимание на сите архитектонтски детали на трибината со употреба на дрвена конструкција за надворешна употреба, едноставниот изглед на фасада со реброван лим и сите детали на опшивки и најбитната позиција таблите за качување од полуретан со вградени уни матици наменети за “outdoor” болдери со специјални фатишта од PVC и полиуретан, произведени и увезени од Кина, се со цел да се постигне лесна одржливоста и да се постигне долготрајноста на објектот која ни беше една од нашите главни цели.

Естетиката која ја има објектот е посебна приказна. Како стигнавте до финалното решение?

Александар – Инспирирани од светските текови во архитектурата и начинот како се интервенира во јавните простори во светот, уште во првите размисли на целиот архитектонски-градежен тим, се размислуваше да се излезе надвор од рамките на креирање на стандарден болдер за качување, односно да се креира објект кој од една страна ќе претставува  спортски објект, а од друга страна ќе биде претставува болдер трибина за деца и млади – објект кој со својата интервенција во јавниот простор ќе одбележи едно нов собиралиште – нов културен простор за младите. Една од целите на архитектонско-градежниот тим беше да измоделира скулптурален 3Д модел кој покрај својата функција,  ќе претставува скулптура во јавниот простор во градскиот парк.

Како болдерот го подобрува градскиот парк и придонесува за локалната заедница?

Влатко – Целта на болдерот не е да се наметне, туку да се вклопи во контекстот, претставувајќи benchmark во градскиот парк, дури и симбол во иднина, препознатливо место за собирање, договарање, концерти, изложби, ангажирана забава за деца, спорт и др. Проектот иницијативата ја гради преку интервенција во јавен простор: збогатување на јавниот парк со скулптурална градба од спортско – уметнички карактер. Целта на проектот и на карпата е да придонесе во афирмација на спортското качување, како и да го зголеми интересот на специфични целни групи кон овој спорт: млади/деца, граѓански сектор и љубители на авантуристички спортови и алтернативна култура за ваков тип на спорт, активизам и забава. Истражувањата покажале дека некои деца, со практицирање на овој спорт- качување на карпи, надминале одредени фобии: страв од височина, затворен простор; додека кај други деца е забележана зголемена самодоверба. Затоа, не случајно во развиените земји (пример Р. Словенија), во рамките на ФЗО е инклудирано спортското качување како дел од задолжителната наставна програма по физичко воспитување. Не помалку значаен ни е и граѓанскиот сектор. Тој е/или треба да биде носител на целокупните промени и главен коректор и двигател во општеството. Од него зависат сите промени во позитивна и негативна смисла. Информирани и заинтересирани граѓани во најмала рака значи здраво општество.

Како болдерот и неговата позадина, осмислена за седење на публика ќе се користат за настани и концерти во иднина?

Александар – Откако се дефинира дизајнот и изработи основниот проект, еден од поголемите предизвици во целиот процес беше одредувањето на локацијата на болдерот. И покрај тоа што една локација беше Тумбекафе, друга опција беше паркот кај Офицерскиот дом, кои се доста популарни и познати локации во градот,  сепак се одлучивме за нова локација во Градскиот парк , која ќе биде контратежа на содржините на првиот дел од паркот и случувањата и настаните околу Офицерскиот дом, едноставно со интервенцијата во јавниот простор со објектот се потрудивме да отвориме нов простор кој може да биде препознатлив со спортски и културни збиднувања во иднина.

Какво влијание мислите дека болдерот би имал врз промовирањето на спортот болдеринг во локалната област?

Влатко – Пред сѐ овој болдер на еден начин е предисловие во спортот. Упат и репрезент за тоа што значи спортското качување како олимписки спорт, кои се неговите правила, предности, придобивки итн. Првично на едно новороденче му се дава млеко, па кашички и дури потоа потврда храна. Така и со нашето општество. Затоа и геслото на проектот е: „преку ангажирана забава до спорт и култура“. Значи прво забава, па спорт, па култура за овој спорт и накрај врвен спорт. Тврдата храна е затворен болдер во сала што реално ни е потребна за развој на овој спорт.

Според вас, што го издвојува болдерингот од другите спортови и зошто мислите дека има потенцијал да напредува во нашиот град?

Влатко – Како што кажав и претходно, придобивките за децата се огромни. Затоа таргет група ни се токму деца и млади до 18 години. Направените истражувања во Р. Словенија, Германија и Австрија, покажуваат дека овој спорт значително придонесува во здравиот психо-соматски развој кај децата, нивната самодоверба, стаменост и решителност. Пред сѐ ги активира менталните капацитети – мислење, фокус и концентрација. Овие параметри ни се исклучително потребни во време кога имаме визуелна култура и пасивна дефокусирана младина. Анализите покажуваат дека овој спорт промовира и родова еднаквост. Имено, според статистиките што IFSC (International Federation of Sport Climbing) ги имаше издадено во 2020 год, во Р. Австрија, која е најразвиена земја за sportclimbing во Европа, 52% од качувачите биле жени, 48% мажи. Тоа се должи на спецификите на самиот спорт: елеганција, флексибилност и еластичност, наспроти – сила.

Можете ли да ни кажете за процесот на прибирање средства за проектот и како заедницата одговори на тоа?

Влатко – Уште малку и по куќи ќе почневме да го презентираме проектот за да сфатат дека е добар, знам во шега да кажам. Едноставно ова општество дава отпор кон непознати непрофитабилни работи и тешко ги прифаќа, сѐ до оној момент додека не се вомјази – нешто не го потресе од внатре, та непознатото да стане популарно. Тоа е нормално во општестово кое за луксуз се смета нов мобилен телефон, брза кола и сл. За да биде појасно, нашиот клуб СКК Вертикал постои од 2004 (спортското качување стана олимписки спорт во 2020 год), па овој е прв посериозен проект, а не дека не сме барале. Иако болдерот не го решава нашиот проблем, оти реално ни треба сала за практицирање на спортот, сепак можам да кажам дека во мене лежи некое чудно чудовиште кое ме треска со дебела ластегарка и ми вели: верувај ќе биде подобро. И уште повеќе што изминативе години скоро и да немавме разбирање од никого, но, ете, конечно мал чекор за Вертикал, голем за градот. И овој болдер нека биде за радост на сите кои се ентузијасти. Накрај, морам да им се заблагодарам на луѓето од Генералното конзулство на Република Бугарија во Битола кои погледнаа со други очи на проектот, овозможувајќи ни да го реализираме истиот. Неблагодарноста е голем грев, особено ако се земе предвид тоа што не бевме поддржани од локалната заедница цели 20 години. Да не заборавам да изразам благодарност и до Општина Битола, која, сепак, ни излезе во пресрет, давајќи ни место во паркот за изградба на болдерот.

Каков совет би им дале на другите заедници или организации кои сакаат да започнат слични проекти за промовирање на алтернативни спортови и рекреативни активности?

Александар – СКК Вертикал Битола и Мембранинг, Скопје во целиот процес на креирање на објектот, дизајн, обезбедување на финансии и изведба на објектот имаа подолгорочна иницијатива и многу обиди за да се случи финалниот производ, така да би сакале да кажеме дека иницијативите самите од себе не можат да започнат, за иницијативите треба да се потроши малку повеќе време, да се излезе од личниот “комфор”, да се покаже поголема свесност за солидарностa и излегување од рамките на креирање на нови простори, секако за тоа е потребно здружување на различни профили на луѓе, архитекти, инженери, експерти од културата, екологисти, спортски работници..и само со ентузијазам кај сите луѓе да променат нешто во оптшеството, па макaр и тоа да е “инцидент” дека сме промениле нешто, бидејќи “инцидент по инцидент” во иднина ќе стане принцип, и само преку примери ќе покажеме дека ова општество можеме да го промениме , да еволуира, да ги прати совемените текови на спорт, забава, култура и социјализација и да ги негува вистинските вредности за новите генерации. Со нашиот пример на здружување на СКК Вертикал, Битола и Мембранинг, Скопје, се потрудивме да отворивме нов простор на соработки и да поттикнеме нови иницијативи, здружувања и успешни приказни во нашето општество во иднина.

Сподели!
- Advertisement -