Labena Ventures, првиот регионален акцелератор во областа на медицината, биотехнологијата, фармацијата и здравството, кој обезбедува пристап до инвестиции од вкупно 100 милиони евра, го затвори процесот на аплицирање за проектот
Повикот на Labena Ventures за достава на апликации за иновативни идеи и проекти од областа на медицината, биотехнологијата, прехранбената и фармацевтската индустрија заврши со голем меѓународен интерес. Најголем број регистрирани проекти се од Полска, Хрватска, Германија, Босна и Херцеговина, Естонија, Србија, Летонија, Литванија и Бугарија, а дури пет се од Македонија.
„Пријатно сме изненадени од големиот одзив. Добивме 120 апликации од дури 29 земји, најмногу од регионите опфатени со акцелераторот и 15% од проекти надвор од регионот во кој работи акцелераторот Labena Ventures, што докажува дека потребата од вакви видови екосистеми и поддршка е навистина голема. Исто така, многу сме среќни што повеќе од 30% од регистрираните стартапи или идеи веќе ја поминаа фазата на прво финансирање, а некои компании веќе бележат солиден промет. Сето ова укажува на многу висок потенцијал на апликанти и потенцијално добри проекти“, посочува Недељко Милосављевиќ, еден од ко-основачите на Labena Ventures.
Од пристигнатите 120 идеи и проекти, посебна комисија на Labena Ventures ќе избере најмногу 40 проекти. Од 7 до 9 јуни во Љубљана ќе се одржат Bootcamp работилници со обуки, со кои избраните тимови ќе се стекнат со деловни и презентациски вештини, како и со вештини за стратешко позиционирање на проектот на меѓународно ниво. Платформата Labena Ventures исто така ќе им помогне да најдат инвеститори. „Избраните финалисти ќе имаат на располагање престижна менторска програма со повеќе од 120 сертифицирани ментори од целиот свет во областите на претприемништвото, финансиите, биотехнологијата, итн. “, изјави Борут Чех, директор на Лабена. „Ќе ги избереме 10-те најдобри проекти и идеи, и со акцелератор и менторство ќе им овозможиме што е можно поквалитетно развивање, деловно пласирање на пазарот и презентација пред инвеститорите и фондовите. Ќе им помогнеме добро да се подготват и со тоа да им ги зголемиме шансите за добивање инвестиции, бидејќи сакаме на пазарот да излезат најдобрите проекти и идеи кои на крајот од нивното патување ќе оживеат и ќе го подобрат квалитетот на животот и здравјето на луѓе ширум светот“, нагласи Борут Чех.
Labena Ventures е нова платформа и акцелератор на идеи од областа на медицината, биотехнологијата, прехранбената и фармацевтската индустрија во Централна и Источна Европа. Тоа е единствениот идеен акцелератор од ваков вид кој опфаќа неколку земји, вклучувајќи ги Полска, Словачка, Чешка, Латвија, Литванија, Естонија, Унгарија, Романија, Бугарија, Албанија и земјите од поранешна Југославија, со што се отвораат можности за дури 110 милиони жители во 17 земји. „Тоа е, исто така, првиот акцелератор во оваа област со седиште во Словенија и единствениот меѓународен акцелератор од ваков вид во поширокиот регион“, истакна директорот на Лабена, Борут Чех. Како дел од акцелераторот, стартапите и поединците добиваат пристап до компании, инвеститори и фондови за ризичен капитал кои инвестираат повеќе од 100 милиони евра за оваа намена.