Добиен првиот меѓународен „Impact Factor“, ФВМС ја потврди својата лидерска позиција во науката во државата

- Advertisement -


Научното списание и официјална публикација на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, „Macedonian Veterinary Review” успешно го заврши процесот на евалуација кај престижната Clarivate Analytics – Web of Science Core Collection и го доби својот прв Impact Factor (фактор на влијание) според Journal Citation Reports™ (JCR) за 2023 година.

– Постигнат е извонреден успех во полето на науката на Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје што сериозно ќе влијае на развојот на научниот помладок и севкупната науката во нашата држава и дека е еден од лидерите во областа научните достигнувања во државата и пошироко и влијае на севкупните постигнувања на државата при рангирањето во светските научни бази, истакнува деканот проф. д-р Лазо Пендовски, главен и одговорен уредник на списанието.

- Advertisement -

„Macedonian Veterinary Review” е третото научно списание во Република Северна Македонија кои имаат IF (фактор на влијание), од вкупното 6-те индексирани списанија на Clarivate Analytics. Едното е научно списание на МАНУ (Balkan Journal of Medical Genetics) а другите две (Macedonian Veterinary Review и Macedonian Journal оf Chemistry аnd Chemical Engineering) се списанија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Земајќи во предвид дека главните уредници се професори на УКИМ, слободно може да се каже дека сите списанија во државата кои имаат фактор на влијание се управувани и развивани од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје а со тоа уште еднаш се покажа дека најголемиот и најстариот универзитет е единствениот од нашата држава кој е двигател на науката на Северна Македонија во светски рамки.

- Advertisement -

Интересно е што оваа година позитивно се евалуирани приближно 21.500 висококвалитетни академски списанија од над 250 научни и истражувачки дисциплини од 112 земји од целиот свет. Journal Impact Factor™ (JIF) е доделен само на списанија кои ги исполниле 24-те ригорозни критериуми за квалитет применети при евалуација од странски експерти односно само 15% од списанијата кои се оценети и поминале оваа висококвалитетна селекција. Токму меѓу нив е и Macedonian Veterinary Review како официјална публикација на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

-Impact Factor™ е развиен како алатка за мерење на квалитетот и перформансите на научните списанија, а истражувачите од целиот свет го користат за да идентификуваат соодветни списанија за објавување на нивната научна работа. Impact Factor™ дефинира број на цитати на едно списание добиени за трудовите објавени во претходните две години поделено со вкупниот број на објавени научни трудови во претходните две години. Тоа е особено важно ког некој труд кој е цитиран од други научници што ја покажува неговата релевантност и придонес во научниот свет, појаснува проф. д-р Пендовски.

- Advertisement -

Тој додава дека списанието Macedonian Veterinary Review се објавува на англиски јазик и ги опфаќа сите научни и технолошки аспекти на ветеринарните науки и другите биомедицински области а е наменето за научници и истражувачи кои работат во истражувачки институти, универзитети и високообразовни институции. Индексирано е во повеќе од 45 научни бази меѓу кои Web оf Science, Scopus-Elsevier, EBSCO, DOAJ, Agricola….итн), едно од првите списанија кое ги посигна етичките принципи на публицирање и затоа е членка на COPE (Committee on Publication Ethics) а денес ко-публицира со издавачката куќа SCIENDO која е дел од германската издавачка куќа De Gruyter.

Сподели!
- Advertisement -