„Дали често се наоѓаш во ситуација да сакаш да замениш некој производ/услуга со еколошка алтернатива, или пак да имаш некое уникатно искуство во природа, но не знаеш каде да бараш или мислиш дека тоа не постои во Македонија? Замисли на една веб-страница, јасно и убаво да ти бидат прикажани сите зелени и општествено одговорни бизниси во Македонија кои го нудат тоа што го бараш. Таму ќе може да најдеш и информации и практични совети од други луѓе кои веќе го прават тоа, за да се инспирираш и дознаеш како и ти да започнеш да живееш на еден поодржлив начин. Не мора веќе да замислуваш, бидејќи платформата која ќе ги популаризира еко-свесните бизниси и ќе ги доближи до тебе станува реалност.’’
Ова е идејата со која тимот нa Yes for Less во 2022 аплицираше на натпреварот за социјално претприемништво RISE Journey организиран од здружението за социјални иновации ‘‘АРНО’’. Од таму, тие излегоа како победници кои добија грант и менторска поддршка за да ја доразвијат идејата. Денес, оваа идеја конечно доби свое место во дигиталниот свет подалеку од социјалните мрежи и платформата Yes for Less официјално е пуштена во етер!
На неа моментално може да ги најдете првите одбрани бизниси од целата територија на нашата држава кои нудат најразлични еколошки производи, услуги и искуства, од оние потребни во секојдневниот живот, па се до такви кои ќе ви се најдат и во најпосебните прилики. Освен ова, идејата е на веб-страницата да се соберат сите места за селектирање и рециклирање на секаков видов на отпад – пластика, хартија, стакло, облека, електроника, па дури и отпадни масла за готвење.
Целта на платформата е да се промовира одржливото живеење и одговорниот консумеризам, се со цел да се зголеми еколошката свест во нашата држава. Тимот на Yes for Less верува во малите промени на индивидуалните навики, кои од нивното досегашно искуство на социјалните мрежи, многу често имаат домино ефект и доведуваат до меѓусебна инспирација и мотивација и на поголеми маси.
Во достигнување на оваа цел, Катерина Илијовска и Сара Коцевска од Yes for Less не се сами, туку тие позади себе ја имаат својата еко-заедница која постојано ја градат од самото отворање на нивниот Instagram профил во јануари 2021 год. Доколку се уште не ги следиш, топло ти препорачуваме да ги заследиш на нивниот Instagram профил: https://www.instagram.com/_yesforless/ или пак на Facebook https://www.facebook.com/YesforlessMK/ .
Можеби се прашуваш дали и ти можеш да се приклучиш во целата приказна?
- Доколку си индивидуа и правиш нешто што влијае позитивно на животната средина, или пак сакаш да пишуваш на теми поврзани со одржливо живеење
- Доколку си бизнис кој нуди еколошки производи и/или сервиси и кој сака да е транспарентен пред купувачите за придонесот кој го има кон одржливиот развој
- Доколку си организација и имате идеја за соработка или заеднички проект, или пак организирате настан или размена со еколошка тематика.
Тогаш, контактирај го тимот на Yes for Less на нивните социјални медиуми или пак на нивната емаил адреса yesforlesss@gmail.com и тие со задоволство ќе ти одговорат.
Посети ја yesforless.mk и стани дел од зелената промена во Македонија!