Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до граѓаните да бидат одговорни и совесни потрошувачи и да не наседнуваат на непроверени и непотврдени информации за продажба на додатоци во исхраната преку социјалните мрежи и преку веб-платформи на нерегистрирани/неодобрени оператори бидејќи производите може да бидат и небезбедни, без оглед дали се работи за производи од домашно производство или од увоз.
dobivaj vesti na viber
Инспекциските служби на АХВ, како што е соопштено, вршат контроли на работењето на одобрените/регистрираните оператори со храна и со додатоци во храната, односно на сите компании, кои се дел од легалниот синџир на производство и трговија, вклучително и на оние што вршат електронска продажба на своите производи.
„Купувањето вакви производи преку социјалните мрежи и веб-платформи на нерегистрирани/неодобрени оператори, без потрошувачите претходно да се информираат дали тие се одобрени или не, е на нивна лична одговорност.
Дали додатоците што се продаваат преку социјалните мрежи или преку електронски медиуми се одобрени од АХВ, односно дали ги исполнуваат општите и посебните услови за безбедност на оваа категорија производи, граѓаните може да се информираат на интернет-страницата на АХВ – www.fva.gov.mk – Регистар на производи што ги исполнуваат посебните барања за безбедност како додатоци на исхрана.
На оваа категорија продавачи АХВ нема можност да направи контрола бидејќи лицата се непознати и со непозната адреса. За утврдување на автентичноста на профилот, од каде се врши продажбата и за откривање на лицето – сопственик на ФБ-профилот, АХВ соработува со Министерството за внатрешни работи.
Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, вклучително и на додатоците во храната, потрошувачите може да ја пријават во Агенцијата лично, писмено, електронски на info@fva.gov.mk или на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22“, се истакнува во официјалното соопштение.
(Makfax)
(фото: Pixabay)