Една од најсложените абдоминални операции, трансплантацијата на црн дроб, по прв пат беше успешно направена од страна на робот. Овој успех ја потврдува корисноста и прецизноста на роботите при хируршките интервенции и операции, дури и кај зафатите кои вклучуваат деликатно шиење.
Пациентот на кој била извршена операцијата е маж на околу 60 години, кој боледувал од рак на црн дроб и цироза предизвикана од хепатитис Ц, па му била неопходна трансплантација. Движењата на роботот одблиску ги контролирал главниот хирург, д-р Адел Кан, кој гледал во екран и користел нешто слично на џојстик за видеоигри. Операцијата траела околу 8 часа, иако хирурзите веруваат дека тоа време ќе се скрати кога оваа процедура ќе стане позастапена.
Во нормални околности, на пациентите кои ќе имаат ваков тип на операција во најдобар случај им требаат околу 6 недели акрепнува, за да можат да уживаат во секојдневни активности без да чувствуваат каква било непријатност. Меѓутоа, благодарение на тоа што ова е роботска трансплантација, пациентот после еден месец може непречено да оди и да се врати на нормалните хобија кои вклучуваат физичка активност, како што се пливањето и голфот.
Оваа иновативна метода овозможува операцијата да биде помалку инвазивна и со самото тоа закрепнувањето на пациентите е неспоредливо побрзо.
(WebMind)
(фото: Wikimedia)