Јане Каракашов од велешко Чалошево воведе паметен уред за попрецизно земјоделско производство

- Advertisement -

Интересна и иновативна сторија на Агротим за примената на иновативни алатки во земјоделството и како младите земјоделци ја зголемуваат продуктивноста во своите компании преку новите технологии во земјоделството

Компанијата „Баја Сим“ од велешкото село Чалошево е мала семејна фарма основана во 2019-та година во која се вклучува Јане Каракашов – млад и иновативен студент по агроекономија, кој успешно ја претвора во современ агробизнис. Основната дејност на компанијата е одгледување јачмен и пченица на околу 200 хектари. Компанијата располага со целосна неопходна опрема за обработка на почвата и спроведување на потребните агротехнички мерки.  

- Advertisement -

Постоечките земјоделските машини кои ги поседува компанијата за дел од производствените операции како орање, сеење, заштита, берба итн. се помалку ефикасни.  Затоа, Јане како млад амбициозен претприемач се одлучи да воведе иновации во работењето, преку употреба на паметен уред за попрецизни земјоделски практики на неговата фарма, кој го набави со поддршката од Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ. Во краток разговор со Ема Јакимовска од ИМЕ Програмата, Јане ни открива дека во моментов е посветен на постигнување поголема продуктивност и користење на неговата фарма како „демо-фарма“ за други земјоделци и студенти, со цел сите да ги увидат придобивките од користењето на дигиталната технологија и паметното земјоделство во секторот.

Тимот на „Агротим“ зборуваше со Јане за тоа како функционира уредот, кои се придобивките, очекуваното позитивно влијание за земјоделците, како и за животната средина.

- Advertisement -

-Станува збор за GPS уред, кој комуницира преку сателити. Поставен е на воланот во еден од тракторите, но е пренослив и може да се постави и на други трактори. Кога се влегува на нива, најпрвин се вози одредена патека на нивата. Доколку станува збор за крива линија, уредот тоа го памти, и потоа самиот знае дека треба да го програмира движењето на исти такви линии на нивата, со цел идеално поминување на целата површина, без преклопување на патеките. Секако, ова се случува по претходно внесени насоки и параметри, како: ширина, размер и слично. За нас како земјоделци најважното е тоа што се заштедува на пари и време – вели Јане дека ваквата дигитална алатка е од огромна помош за земјоделците. Овој уред не е единствениот од ваков тип кој се користи во земјава. Има околу десетина различни, но сепак, поголемиот дел од нив доаѓаат како веќе вградени во новите трактори или комбајни. „Баја Сим“ најмногу ќе го користи за прскање и за ѓубрење, а со тоа значително ќе се намалат трошоците за овој тип земјоделски активности.

-Кога ги правиме тие активности на полето, не може точно да се определи до каде сме и како сме испрскале, а на овој начин можеме точно и прецизно да знаеме до каде сме и како напредуваме. Така се заштедува на време, а истовремено земјоделецот е поодморен. Наместо да се оди во жешкото на нива, на овој начин работата може да се заврши во пристојно време и земјоделецот да не се оптоварува премногу – објаснува Јане.

- Advertisement -

„Баја Сим“ како еколошки свесна компанија

Станува збор за релативно млада, но еколошки свесна компанија, која негува еколошки практики во своето секојдневно работење.

– Со новиот уред компанијата значително ќе ја намали употребата на гориво за работа на земјоделската механизација. Воедно, компанијата ќе спречи прекумерна употреба на ѓубрива и пестициди во почвата, што исто така позитивно ќе влијае на приносот по единица хектар како одраз на правилниот начин на обработување на почвата. На овој начин се заштитува и животната средина – нема фрлање на вишок ѓубриво, на материјал за прскање, ниту пак премалку, значи сѐ е во соодветна мера, согласно потребите и нема несакани контра ефекти.

Исто така, новиот „Sveaverken“ уред (F100 Auto Steer System), кој претставува систем за автоматско урпавување со тракторот, првично ќе го користат уште двајца други земјоделци од околината на с. Чалошево. Накратко, вака подетално би го објаснил позитивното влијание – сега компанијата троши 100 литри гориво по хектар вклучувајќи ги сите операции на терен, што значи дека за 200 хектари компанијата троши вкупно 20.000 литри гориво. Со оглед на тоа што со новиот GPS уред, сите операции на нива ќе бидат многу попрецизни, избегнувајќи дуплирање на одредени чекори, сето тоа ќе доведе до најмалку 5% намалена употреба на гориво или 1.000 литри гориво помалку вредно околу 75.000 денари. Дополнително, GPS уредот ќе овозможи заштеда од 5% во процесот на ѓубрење и заштита на растенијата. Севкупно, заштедите од инсталирањето на новите уреди во првата година ќе бидат значитечни за „Баја Сим“, а бидејќи уредот ќе го користат и најмалку двајца други земјоделци, вкупната заштеда ќе биде уште поголема – вели Јане.

Како млад земјоделец Јане е позитивен пример за тоа дека со модернизирање на производството и со следење на новите технологии во агросекторот, оваа благородна професија може да биде профитабилна и интересна за младата популација.

-Најважното за еден млад земјоделец е постојано да инвестира, да го направи најдоброто со средствата кои ги има на располагање и секогаш да бара нови можности за поддршка и развој, кои позитивно ќе влијаат врз бизнисот на краток и на долг рок. Модернизацијата го прави процесот поинтересен и атрактивен, особено за младите земјоделци. Важно е младите земјоделци да бидат во тек со светските трендови. Дигитализацијата на земјоделското производство се повеќе се потенцира токму со таа цел да се направи ова производство попривлечно за младите во земјата.

– На нас младите секако ни е интересно да имаме нови уреди, нови машини, тоа ни овозможува да бидеме во тек со светските трендови во секторот. Дигитализацијата неизбежно носи свои придобивки, кои доколку правилно се искористат, можат да донесат подинамичен развој.  Пример ни се дури и земјите од регионот, па така, во соседна Србија, веќе има и роботи кои работат на нивите. Најважната порака за младите би била постојано да изнаоѓаат начини да бидат во тек со светските трендови, да наоѓаат нови пазари, да работат на вистинските продукти. Секако поедеднакво важно е да се упорни, да веруваат во она што го работат и да не се откажуваат, без разлика на околностите – изјави Јане и најави дека за прв пат уредот ќе го употреби во септември.

-Планирано е да се употреби кон крајот на септември, кога ќе почнеме со ѓубрењето за есенскиот период. Тоа всушност е една од основните примени, за садење на житните култури. За таа цел, ќе организираме две едукативни сесии на терен со различни групи на корисници – млади студенти и земјоделци, на кои ќе им покажеме како функционира уредот во пракса – објаснува Јане.

Првата едукативна сесија ќе биде организирана во соработка со Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје односно за младите студенти по агроекономија, со цел да се запознаат со новите трендови на прецизното земјоделство и да се мотивираат да размислуваат иновативно во смисла на воведување паметни земјоделски практики. Додека, втората сесија ќе биде организирана за земјоделците од регионот, со цел да се претстават придобивките од користењето на GPS уредите во земјоделството, како и да се обучат и поттикнат самите да почнат со користење на ваков тип на уреди во нивната работа.

Сподели!
- Advertisement -