Интервју со Нина Ангеловска, претседателка на Македонската асоцијација за е-трговија зборуваме за најновите трендови во Интернет трговијата во земјава, предизвиците и за претстојната годишна конференција
Разговараше – Верица Јорданова
Најновите податоци покажуваат раст во сите сегменти на интернет трговијата во нашата земја. Колку според Вашите сознанија македонските граѓани купуваат онлајн, растат ли паралелно и понудата и побарувачката?
Како Aсоцијација за E-трговија на Македонија – АЕТМ, побарувачката и понудата на производи и услуги онлајн ја следиме преку официјалните податоци на Народната банка на Република Северна Македонија (НРБСМ) и Државниот завод за статитика (ДЗС). Исто така спроведуваме и прашалници наменети за подетално запознавање на потрошувачките навики на онлајн купувачите како и за откривање на предизвиците со кои се среќаваат бизнисите кои имаат виртуелни места на продажба. Во Република Северна Македонија и во 2022 година има пораст во онлајн купувањето мерено како процент од поединците кои користеле интернет односно 49.5% од интернет корисниците во последните 12 месеци купиле во истиот период производ или услуга онлајн додека во 2021 година тој процент бил 46% (ДЗС). Исто така податоците на НБРСМ за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба, кои ја прикажуваат вредноста и бројот на трансакции со кои се платени производи и услуги онлајн покажуваат пораст и во 2022 година. Вредноста на вкупните трансакции направени кон интернет продавниците од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички кон домашни е-трговци изнесува 33,836.8 милиони денари или 550.2 милиони евра, односно бележи пораст од 25% во однос на 2021 година. Се зголемува и бројот на вкупните онлајн трансакции, но со помал интензитет на пораст односно 14.2% со што се зглемува просечната вредност по направена трансакција (НБРСМ).
Се цел да одговори на зголемената побарувачка особено предизвикана од пандемијата, кога побарувачката беше во главно кон домашните е-трговци и понатаму расте бројот на виртуелните продажни места. Бројот на новоотворени онлајн продавници во текот на 2022 година изнесува 269 нови виртуелни (интернет) продажни места, а со тоа вкупниот број на е-продажни места заклучно со крајот на 2022 година изнесува 1891.
Како ги толкувате ваквите трендови и колкав е реално порастот ако го ставиме во една поголема временска отсечка?
Во една поголема временска рамка може да кажеме дека имаме реален пораст, односно во 2010 година само 46% од домаќинствата имале интернет пристап и 54% од населението на возраст од 16-74 години користело интернет, а од нив само 7% нарачале или купиле производ или услуга онлајн, додека во 2022 година 86.6% од населението има интернет пристап, 88.3% користи интернет, а од нив 49.5% направиле нарачки онлајн (ДЗС). Дали овој пораст е доволен? Не, бидејќи и во 2010 година и во 2022 година сме рангирани најниско споредено со европските земји, со мало поместување во 2022 година кога сме подобро рангирани од Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија. Србија е подобра од балканските земји во последните две години бидејќи има значаен исчекор во растот на е-трговијата, а со тоа и подобрување на рангот на ниво на европските земји. АЕТМ од 2017 година работи на отстранување на многу предизвици со кои се соочуваат бизнисите од оваа индустрија и го трасира патот за побрз развој и во голема мера придонесовме во пандемискиот период кога виртуелните набавки беа единствен начин на снабдување многу компании да бидат спремни и да одговорат на предизвиците.
Но, потребно е повеќе и затоа продолжуваме будно да го следиме прогресот и развојот на е-трговијата, како и да преземаме соодветни активности и иницијативи за унапредување на климата за македонската е-трговија.
Воспоставувањето на е-продавница и воопшто менаџирањето на онлајн продажба е исклучтелно тешка работа, а уште повеќе во Македонија. Синџирот на е-трговија е комплексен, а успехот на еден е-трговец зависи од многу фактори како што се квалитетот на доставата, софистицираноста на платежните услуги, корисничкото искуство, квалитетот на продуктите и услугите, маркетинг стратегијата и тактиките кои ги применува и многу повеќе. Квалитетната веб-страница или платформа која е лесна за користење и нуди лесно корисничко искуство е клучна, како и безбедни и лесни методи на плаќање за купувачите и добра заштита на личните и финансиските податоци на корисниците. Дел од овие работи кои се клучни за успех и раст на бизнисот не зависат директно од самиот е-трговец. Така на пример ако ја земеме доставата, е-трговците остваруваат соработки со компанија која ја одбрале да ја врши доставата која има влијание на целокупното задоволство на купувачот од самиот е-трговец. Што значи дека во овој случај работењето на е-продавницата зависи од доставувачот и неговите процеси и унапредувањето на доставата директно влијае и на унапредувањето на работата на е-трговецот. Потоа процесите за плаќање – е-трговците се лимитирани од можностите кои ги нудат банките и унапредувањето на е-плаќањата игра значајна улога на пазарот.
Најважно за успех би рекла дека е способноста за брза адаптација на новите технологии, трендови и промени на пазарот. Следење, носење на одлуки базирани на податоци, способност за брзо увидување на што функционира и што не и брзо менување се клучни.
Маркетплејст платформите како Ananas.mk се одлична можност за сите компании кои продаваат производи да може лесно и едноставно отворат нов канал за продажба и пристап до купувачи без да треба сами да се грижат за сите делови од синџирот на е-трговија.
Сметате ли дека постојната законска регулатива доволно добро ги штити и продавачите и купувачите и дава можност за раст на електронската трговија? Што треба да се смени во тој поглед?
Како и секогаш, работите можат, но и мораат да се подобруваат. Потребни се законски измени во повеќе закони кои ја засегаат е-трговијата и ние често разговараме на оваа тема – и со јавниот и со приватниот сектор. Дополнително, неопходна е и јасна распределба на надлежностите со паралелно градење на капацитети во сите засегнати институции за е-трговијата. Во дигиталниот свет и во дејност која што станува сè поголема како што е е-трговијата каде работите секојдневно се менуваат, потребни се ефикасни законски промени за да се подобри начинот на кој што сите засегнати страни работат во екосистемот на е-трговијата, да се подобри довербата која купувачите ја имаат во онлајн трговијата, да се олесни работењето на компаниите и да се намали сивата економија.
Регулативата всушност треба да обезбеди околина која ќе им овозможи на бизнисите да растат и да се развиваат согласно светските трендови на овој брзорастечки сектор. На пример отсуството на е-фактура и дигитална фискализација не оди во прилог на е-трговците на кои им се отежнува работењето со администрација и папирологија – има уште многу вакви примери.
Воедно сметам дека треба да се работи на хармонизација на регулативата со регионот и со Европска Унија, но и да се следат трендовите од светот и навремено да се инкорпорираат во законската регулатива.
Кои се најчестите измами при онлајн продажбите кои се евидентираат во земјава и постои ли начин купувачите да се заштитат?
Измами имало и ќе има во најразлични форми како во традиционалниот, така и во дигиталниот свет. Како што дигиталниот свет нуди многу повеќе можности за бизнисите и купувачите, така нуди и можности за измамниците. Покрај регулативата, поседувањето на дигитални вештини е клучно за само-заштита на купувачите.
Инаку при онлајн продажбите некои сценарија за измами се – лажни веб страни, доведување во заблуда на купувачите преку претставување на неточни информации и фотографии кои потоа не можат да направат враќање на производот, фишинг (измамникот се “маскира” како доверлив ентитет со цел да се украдат податоци и сл.
Во однос на заштита ке посочам неколку работи – купувачите не треба да наседнуваат на “too good to be true” зделки, да внимаваат од каде нарачуваат особено да проверуваат кога прават нарачки преку социјалните медиуми често од нерегиситрирани ентити, да не кликаат на линкови од маилови кои не им се познати (пример дека добиле парични средства или награди и сл).
Имајќи предвид дека ова е многу актуелна тема, а воедно поврзана со сивата економија која е предизвик за регистрираните е-трговци чии интереси Асоцијацијата за е-трговија ги штити и застапува преземавме активности за да придонесеме на овој предизвик. Така во Регистарот на е-трговци купувачите може да ги прегледаат и пребаруваат сите регистрирани е-трговци во земјава, а воведовме и Беџ за верификуван е-трговец кој може да го најдат на сајтот на е-трговецот кој означува дека се работи за регистриран е-трговец кој ги исполнува критериумите.
Кои се светските трендови во е-трговијата во моментов?
Е-трговијата во светски рамки прогресираше најмногу во развиените земји, најпрво во лулката на е–трговијата Америка, а и во Европа, Кина, но појавата на Ковид-19 го смени светот насекаде и бизнисите во сите земји сватија дека е неопходно да имаат и свое виртуелно место на продажба. По остварениот бум во е-трговијата потикнат од пандемијата, во обид да се задржи траекторијата на раст се користат најразлични маркетинг техники овозможени од развојот на технологијата и податоците. Во кратко фокусот е на автоматизација и персонализација која за базира на вештачка интелигенција (AI).
Вештачката интелигенција континуирано напредува и се вклучува во секој аспект на е-трговијата за да ја подобри ефикасноста и корисничкото искуство. Вештачката интелигенција има значајно влијание врз трендовите во е-трговијата и игра клучна улога во светските трендови на подобрување на корисничкото искуство, персонализацијата, маркетингот и логистиката. Има многу примери на примена на вештачка интелигенција во е-трговија кои се применуваат веќе извесно време, но сега се повеќе се унапредуваат и стануваат неопходни. Некои примери се: Персонализација и препораки преку анализа на големи количини податоци за купувачите; Чет-ботови и сервиси за клиенти; Анализа на податоци и предвидување на трендови; Маркетинг и рекламирање со избор на најефикасни маркетинг стратегии, напредно таргетирани реклами и персонализирани препораки, Смарт логистика и достава; како и Автоматизација на процесите.
Други трендови вклучуваат – забрзан рас на mobile e-commerce, нови платежни методи, influencer маркетинг, social e-commerce и сл.
Мотото на годинешната конференција за е-трговија што ќе се одржи во ноември е „Redefining E-commerce: A(I) New Era!”. Кои се можностите кои се отвораат со подемот на вештачката интелигенција, што да очекуваме од иднината во онлајн трговијата?
Токму препознавајќи ги потребите на индустријата и запознавање со најновите трендови во е-трговијата темата на 6та по ред конференција е „Redefining E-commerce: A(I) New Era!”. Овогодинешната регионална конференција, ќе се одржи на 14 ноември 2023 година во Националната опера и балет во Скопје. Очекуваме повеќе од 600+ учесници од целиот балкански регион. Насловот на конференцијата покажува дека фокусот ќе биде насочен кон најновите трендови поврзани со вештачката интелигенција и можностите што ги нуди вештачката интелигенција кои ја претставуваат новата ера за е-трговија. Дополнително, агендата ќе ги опфати најважните теми поврзани со е-трговијата, како што се маркетплејс платформите, новите трендови во дигиталниот маркетинг, новите трендови на плаќање во е-трговија, брзата испорака, прекуграничната е-трговија итн. Очекуваме конференцијата да биде најголемото и најуспешно регионално издание досега, кое ќе ги обедини водечките компании, иноватори и експерти во е-трговија и ќе им овозможи да градат значајни партнерства и да ги прошират своите бизнис хоризонти. Early Bird картите се веќе пуштени во продажба на официјалната веб страница на конференцијата – ecommerceconference.mk.