Реномираниот производител на делови за автомобилската индустрија “Теламон“ заокружи вкупна инвестиција во државата од 8 МИО ЕУР
Компанијата “Теламон – Европа“ го пушти во употреба новиот, втор производствен погон со површина од 2.100 m2 во кој во изминатиов месец беше инсталирана и ставена во функција линија за склопување делови за автомобилската индустрија, со капацитет за производство од 10.000 единици на ден. Дополнително, во завршна фаза е и конфигурацијата на втора производна линија, со капацитет за производство од 2.500 единици, која ќе биде оперативна најдоцна до септември 2023 година.
Со овој деловен потег, “Теламон“ вработува вкупно 250 лица. Со инвестицијата, до крајот на 2023 година, капацитетот на производството на “Теламон – Европа“ ќе се зголеми на 10 милиони единици, планирани до крајот на 2023 година.
Досегашната инвестиција на “Теламон“ од 5 милиони евра се зголемува и со оваа нова производна единица компанијата книжи вкупна инвестиција во државата од 8 милиони евра. Покрај директната финансиска инвестиција, “Теламон – Европа“ на годишно ниво, по основ придонеси и даноци, во буџетот на Република Северна Македонија уплаќа над 400 илјади евра.
“Отворањето на новата линија и погон е дел од нашата долгорочна деловна развојна стратегија. Со пуштањето на овој погон, недвосмислено ја потврдивме нашата ориентација – преку Македонија, опслужување на Европскиот пазар и достигнување на светските компании од авто-мото индустријата. Со негување на култура на развој, ориентирана кон пласман на производство согласно деловните потреби на нашите клиенти, подготвени сме за нови деловни подвизи и уште повеќе достигнувања.“ – изјави г-дин Георги Тренкоски, Плант Менаџер, “Теламон – Европа“.
###
ЗА КОРПОРАЦИЈАТА “ТЕЛАМОН“
Корпорацијата “Теламон“ е специјализирана за дизајн, развој и изработка на решенија за индустриско производство и телекомуникациски мрежи. Со седиште во Кармел, Индијана, Соединети Американски Држави, “Теламон“ работи глобално, на три континенти – Америка, Европа и Азија. Сочинета е од две дивизии – “Теламон Индустриски Решенија“ (Telamon Industrial Solutions) и “Теламон Телекомуникациски Решенија“ (Telаmon Telecom Solutions), кои имаат директен импакт и размена на искуства со компаниите-ќерки надвор од САД. Мисијата на Корпорацијата “Теламон“ е да “овозможи поврзување што овозможува живот“ и со таа деловна филозофија, преку посветеност и поддршка на Клиентите, “Теламон“ води во дизајнирање, градење и инсталирање телекомуникациски мрежи па сè до безбедноста во автомобилите преку индустриското производство на кабли за воздушни перничиња, појаси, команди на волан и други делови за автомобилската индустрија, на светско ниво.
ЗА “ТЕЛАМОН – ЕВРОПА“
Како дел од својата развојна стратегија, Корпорацијата “Теламон“ во 2018 година ја основа компанијата “Теламон – Европа“ со седиште во Скопје – фирма ќерка, која ги проширува можностите и понудите на компанијата на европскиот пазар. Со производни капацитети сертифицирани според стандардите ISO 9001: 2015 и IATF16949, компанијата обезбедува висок квалитет низ текот на сите оперативни чекори. Со посветеноста кон извонредност и пристапот насочен кон клиентите, “Теламон – Европа“ дополнително го зајакнува глобалното присуство на “Теламон“ и обезбедува решенија и услуги во областа на индустриското производство, со примарен фокус на автомобилската индустрија.